Денеска Кабинетот на Претседателот, во рамки на активноста Отворен Кабинет, го посетија ученици од шесто одделение при ООУ „Григор Прличев“ од Скопје.
За време на посетата, учениците беа запознаeни со историјатот на објектот во којшто е сместен Кабинетот и со начинот на функционирање на институцијата. Тие ги разгледаа просториите каде се одржуваат официјалните и работните средби, свечености, настани, прес-конференции и предавање на акредитивни писма од странски амбасадори. Учениците престојуваа и во Мозаик салата, каде ги разгледаа мозаиците „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“, на еден од најзначајните македонски уметници академик Глигор Чемерски.
Основците од „Григор Прличев“ исто така се запознаа со претседателот Стево Пендаровски и поразговараа со него за неговата работа, за претседателските надлежности и активности.
Во рамки на Отворен Кабинет досега Кабинетот го посетиле граѓани од различни возрасти, професии и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта.