Ученици од ООУ „Петар Здравковски-Пенко“, од ООУ „Кочо Рацин“, и од ООУ „Александар Македонски“ од Скопје, денеска го посетија Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, во рамки на активноста Отворен Кабинет.
Посетителите имаа можност да се сретнат и да поразговараат со претседателот Пендаровски за неговата работа и надлежности, а присуствуваа и во просториите во коишто се одржуваат официјалните и работните средби, свечености, состаноци и прес-конференции.
Во Мозаик салата го разгледаа импозантниот диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија земјата памети“ на авторот – академик Глигор Чемерски, а беа информирани и за историјатот на објектот во којшто е сместен Кабинетот на Претседателот.
Отворен Кабинет во континуитет овозможува граѓани од различни возрасти, професии и занимања, студенти од земјава и од странство и ученици од основни и средни училишта да остварат посета на Кабинетот и да се сретнат со претседателот Пендаровски.