Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, во рамки на Отворен Кабинет, денеска го посетија ученици од ООУ „11 Октомври“, ООУ „Александар Урдаревски“, ООУ „Михаљ Грамено“ и ООУ „Св.Кирил и Методиј” од Скопје.
Посетителите имаа можност да се запознаат со претседателот Пендаровски, да се информираат за неговата работа и надлежности, а разговараа и за нивните училишни и вонучилишни активности, како и за идните образовни планови и интереси.
За време на престојот во Кабинетот, учениците ги посетија просториите во коишто се одвиваат официјалните и работните средби, како и салите наменети за церемонии и свечености, состаноци и прес-конференции. Во Мозаик салата го разгледаа импозантниот диптих „Македонија – светла земја“ и Македонија – земјата памети“– дело на еден од нашите најзначајни современи уметници академик Глигор Чемерски.
Активноста Отворен Кабинет континуирано овозможува посети на Кабинетот и директни средби со претседателот Пендаровски. Институцијата досега ја посетиле илјадници граѓани од различни возрасти, професии и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта.