Обраќање на претседателот Пендаровски на панел дискусија „Регионалните иницијативи и европската интеграција“

27 април 2023 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на панел дискусијата на тема „Регионалните иницијативи и европската интеграција“ организирана по повод Денот на македонската дипломатија, 29 април.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски се осврна на суштината на регионалните иницијативи, на нивната улога и значење, и воедно го искажа својот став за Европската политичка заедница. Во тој контекст, претседателот потенцираше дека европските регионални иницијативи треба да бидат комплементарни и во функција на европските интеграции, а не да претставуваат нивна алтернатива.

Учесници на панел дискусијата, која што е во организација на Дипломатскиот клуб и Универзитетот Американ Колеџ во Скопје, беа амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, заменик на министерот за надворешни работи, Фатмире Исаки, извршениот директор на Стопанска комора на Македонија, Антони Пешев, генералниот секретар на Коморскиот инвестициски форум, Татјана Штерјова Душковска и амбасадор Јован Теговски.

Почитувани присутни,

Ценети екселенции,

Дами и господа,

Во продолжение е интегралниот говор на претседателот Пендаровски:

Дозволете да ве поздравам на оваа конференција во организација на Дипломатскиот клуб и Универзитетот Американ Колеџ во Скопје.

Од почетокот на нашата независност, генерации македонски дипломати беа вклучени во остварувањето на нашите стратешки цели, пред се, интеграцијата во Европската Унија и НАТО. И денес, наоѓајќи се помеѓу професионалци со долгогодишно искуство, логично е отворено да дискутираме за дел од дилемите со кои се соочува актуелната македонска надворешна политика. Секако, едно од важните прашања е статусот и влијанието на регионалните иницијативи, во контекст на европските интеграции.

За жал, пролонгирањето на евроинтеграциите, од различни причини, практично на сите западно балкански држави, го разниша кредибилитетот на Европската Унија. Блокирањето од земја-членка кон земја-кандидат за членство од чисто билатерални причини, кои при тоа излегуваат надвор од Копенхашките критериуми, објективно го компромитира проширувањето кое со право беше сметано за најдобра надворешна политика на Унијата. Сето тоа придонесува за растечкиот евроскептицизам во регионот, но, во исто време и за преобмислување на оваа политика на проширување во Брисел. Таквата состојба, според мене беше главниот мотив за појавата на новата регионална иницијатива – Отворен Балкан, но и на новата методологија за преговори, како и на новиот европски форум,  наречен – Европска политичка заедница.

Нивното инаугурирање беше причината поради која што некои кругови и во регионот и надвор од него го поставија прашањето: дали овој најнов бран на регионални организации, од нужда, постепено стануваат неформална алтернатива на европските интеграции.

Мојата теза е дека логиката на европските регионални иницијативи е, во суштина да бидат комплементарни со европските интеграции, а не нивна алтернатива. Еве неколку примери. Да почнеме со постарите континентални иницијативи: догодина Бенелукс ќе наврши 80 години од основањето. Иако и Белгија и Холандија и Луксембург се седишта на некои од клучните европски институции, тие и понатаму одржуваат редовни самити, имаат постојани органи, накратко, имаат плодна трилатерална соработка.

Слично е и со Нордискиот совет што цели седум децении ги поврзува членките. За да одговорат на геополитичките промени што настанаа со крајот на Студената војна, балтичките држави во 1992 година го формираа Балтичкиот совет. Иако денес само Исланд и Норвешка, по своја волја, не се членки на Европската Унија, Балтичкиот совет функционира со силен фокус на регионалниот идентитет, регионалната стабилност и одржливиот развој. Или, да ја земеме, како пример Вишеградската група, формирана во 1991 година, со цел, да им помогне на Полска, Унгарија и тогашна Чехословачка да транзитираат од комунизмот кон демократија. Иако до 2004 година сите четири држави станаа членки на Европската Унија и на НАТО, Вишеградската група продолжи да функционира со редовни самити, министерски состаноци и работни групи кои ги адресираат специфичните интереси и предизвици во тој регион.

Практичното искуство на сите овие регионални форуми покажува дека членството во Унијата не го исцрпува потенцијалот за регионалната соработка и дека постојат прашања што најприродно и најефикасно можат да бидат адресирани во регионални рамки. Затоа, ниту една од овие регионални иницијативи не престана да функционира со интегрирањето на сите или на дел од нивните членки во Унијата.

Почитувани,

Поради нашето турбулентно минато, на Балканот имаме поразлично искуство со регионалната соработка. Концептот на тн. „нов регионализам“ кај нас, не само што пристигна релативно доцна, туку имаше предоминантно безбедносна димензија поради крвавиот распад на Југославија. Главна цел и на Пактот за стабилност и на Процесот за соработка во Југоисточна Европа беше да придонесат за градењето на доверба и помирување меѓу државите. Сепак, отворените билатерални прашања, дел од нив и територијални спорови, го одржуваат амбиентот на недоверба што не придонесува за подобра и подиверсифицирана соработка. Стагнацијата во процесот на проширување на ЕУ придонесе за дополнително делумно затворање на регионалните држави во своите национални граници и своевиден регионален изолационизам.

Пред десет години, чувствувајќи го недостатокот на фокус од Брисел, а со цел да го вратат вниманието врз интеграцијата на нашиот регион, Словенија и Хрватска го иницираа Процесот Брдо-Бриони. Низ годините, овој лидерски формат редовно ја реафирмираше пораката дека одлагањето на проширувањето во комбинација со бројните кризи и геополитичките ризици го прават Западниот Балкан уште поранлив на надворешни влијанија. Годинава, на почетокот од втората декада од неговото постоење ние  ќе бидеме домаќини на Процесот што ќе биде прилика да истакнеме дека во услови на војна во Европа, повеќе од кога било порано, процесот на проширување станува, пред сè, геополитичко и геостратешко прашање.

Имајќи го во предвид сево ова, се поставува прашањето: кога регионалната соработка е вистински комплементарна на европските интеграции, или поинаку кажано, што регионалната соработка не треба да биде  за државите да имаат интерес да бидат дел од неа?

Прво, треба да кажеме дека по зачленувањето во Унијата, дел од земјите почнаа да го губат интересот за регионалните иницијативи кои ги разбираа само како предворје на интеграциите што доведе до пасивизација и губење на нивната виталност. Затоа е потребен јасен политички став на сите инволвирани, независно дали се членки или не, и пред и по нивното членство, дека регионалната соработка е дел од европските интеграции.

Второ, за да биде во функција на европските интеграции, регионалната соработка треба да понуди инклузивност, наместо екслузивност. Неспорен факт е дека Отворен Балкан беше инициран како автохтона иницијатива во ситуација кога ЕУ беше дефокусиран од Западниот Балкан. Идејата беше дека во време кога во Брисел се бават со својата  внатрешна трансформација, тн. продлабочување на Унијата, или со други региони во светот, ние треба да иницираме интра-регионална соработка. Меѓутоа, структурна слабост на „Отворен Балкан“ во овој момент е што не ги вклучува сите шест држави, затоа сум убеден дека со вклучување и на останатите три држави од регионот, иницијативата може само да добие на квалитет.

Трето, сите фази од интеграцијата треба да имаат однапред дефинирани временски рамки. Од ова Брисел бега постојано.Колку подолго сте во чекалната на ЕУ, толку е поголемо искушението да се бараат алтернативи или да прифатите некаква замена за полноправно членство. Нам ни е нужна не само економска, туку и политичка интеграција и усвојување на демократските стандарди и  вредности. Само во тој контекст ја гледаме и прифаќаме Европската политичка заедница, не како компензација за членство, туку како  дополнителен инструмент што ќе помогне за побрзи интеграции и поголема соработка, разбирање и единство во Европа за стратешките прашања.

Првиот самит во Прага покажа дека Европската политичка заедница може да биде продуктивен форум за интеракција кој ќе им помогне на аспирантите да ја учат европската вештина во градењето на компромиси и да ги калибрираат своите политики со оние на Брисел. Но, во исто време, тоа да биде и форум на кои Унијата нема да ги третира не-членките како ученици кон кои само ќе испорачува барања, туку ќе може да го чуе и нивниот автентичен глас и барања од земјите кои утре ќе бидат дел од неа.

Почитувани,

Зборувајќи за дилемата: регионална соработка версус европски интеграции треба да укажеме и на реалната опасност од дуплирање на ресурсите кои не се неограничени ниту во Брисел, ниту на Западниот Балкан.

Во 2014-та, на иницијатива на тогашната канцеларка на Германија, започна Берлинскиот процес со цел да помогне кон менување на перцепцијата за Балканот како простор на проблеми, поделби и конфликти. Замислата на Берлинскиот процес беше да придонесе за позиционирање на Западниот Балкан во кругот на држави и народи кои живеат во уредени, економски и просперитетни општества, во интензивна меѓусебна соработка.

Во неколку наврати ги имам истакнувано структурните предности на Берлинскиот процес во однос на постојните регионални иницијативи. Накусо: во Берлинскиот процес учествуваат сите шест држави од Западен Балкан со што се избегнува можноста од нечија маргинализација или изолација. Второ, Берлинскиот процес е заедничка иницијатива на Европската Унија и државите од западниот Балкан што е значајно во поглед на одговорноста за неговото функционирање, тн. сопственост врз процесот, затоа што постои мониторинг од аспект на примената на европските стандарди и правила при имплементацијата на проектите. И конечно, сите учесници во Берлинскиот процес се на јасно дека тој не е замена за членство во Европската Унија, туку, инструмент за нивно побрзо интегрирање во Унијата.

Со оглед на овие свои карактеристики, Берлинскиот процес ги има сите предуслови да ја има улогата на тн. чадор регионална организација, со која што останатите регионални иницијативи ќе бидат во синергија – има структури и институции, има ресурси, со тоа што ќе треба да ја возобнови енергијата и ентузијазмот кои ги поседуваше на почетокот.

Се разбира, од аспект на неговата поширока легитимација, важно е Берлинскиот процес да не биде перцепиран како инструмент за влијание врз регионот на една земја членка, туку да ја има зад себе, во континуитет, поддршката од сите членки на унијата, бидејќи неговата успешност во крајна линија зависи од тоа.

Да заклучам, ако се правилно поставени и разбрани, регионалните иницијативи нема да бидат алтернатива, туку, ќе бидат во функција на европските интеграции. Исто така, успешните регионални иницијативи не згаснуваат со интеграцијата на нејзините членки во Европската Унија, туку стануваат составен дел од мрежата на соработка и пријателство меѓу државите и народите во рамките на проектот на Обединета Европа.

Ви благодарам.

 

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски домаќин на Ифтарска вечера по повод Рамазанските пости

Претседателот Пендаровски домаќин на Ифтарска вечера по повод Рамазанските пости

  Претседателот Стево Пендаровски беше домаќин и се обрати на Ифтарската вечера, којашто ја приреди по повод Рамазанските пости и во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам. На вечерата присуствуваа претставници од државно-владиниот врв, бизнис...

Отворен Кабинет за ученици од скопските основни училишта „Љубен Лапе“ и „Димитар Миладинов“

Отворен Кабинет за ученици од скопските основни училишта „Љубен Лапе“ и „Димитар Миладинов“

Во рамки на Отворен Кабинет, ученици од ООУ „Љубен Лапе“ и од ООУ „Димитар Миладинов“, од Скопје, денеска го посетија Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Учениците имаа можност да се запознаат...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Белорусија, Сергеј Малиновски

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Белорусија, Сергеј Малиновски

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Сергеј Малиновски, новоименуваниот амбасадор на Република Белорусија во Република Северна Македонија, со седиште во Белград. Претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата на предавање на...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Египет, Надер Саад

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Египет, Надер Саад

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Надер Саад, новоименуваниот амбасадор на Арапска Република Египет во Република Северна Македонија, со седиште во Софија. Претседателот Пендаровски во...

Средба со учесниците во програмата за регионална мобилност на млади истражувачи и активисти

Средба со учесниците во програмата за регионална мобилност на млади истражувачи и активисти

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими учесници во Програмата за истражување на младински и образовни политики во Младински образовен форум (МОФ). За време на средбата младите од Албанија, Србија и од Северна Македонија,...