Обраќање на претседателот Пендаровски на отворањето на изложбата „Париски рефлексии“

9 март 2023 | Обраќања, Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на изложбата „Париски рефлексии“ во Чифте амам, која по втор пат ја организира Националната галерија на Република Северна Македонија во соработка со Францускиот институт во Скопје, а во рамки на активностите по повод месецот на Франкофонијата.

Второто продолжение на изложбата „Париски рефлексии“, кое се одржува во годината кога Националната галерија прославува 75 години од нејзиното основање има за цел да ги претстави проткајувањата на француската и македонската култура преку ликовната уметност, претставувајќи над 50 дела на дваесетина најзначајни македонски автори кои во своето творештво примиле влијанија од значајната Париска школа.

Подолу е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитуван господине амбасадор на Француската Република,
Почитувани екселенции,
Почитувани организатори,
Љубители на уметноста,
Драги пријатели,

Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам на отворањето на изложбата „Париски рефлексии“ која веќе по втор пат се организира од страна на Националната галерија и Францускиот институт во Скопје. Оваа изложба е исклучителен приказ на повеќеслојноста на уметничкото доживување и на неговата најголема вредност, а, тоа е, покрај естетската – да ги поврзува земјите и народите. Во нашиов случај, тоа се културните специфики на Северна Македонија и на Француската Република.

Париз бил и останува синоним за глобален уметнички Пантеон кој во себе ги спојува иманентните вредности на уметноста: естетското, наследеното и космополитски современото. Дa се биде дел од тој Пантеон, да се живее и твори низ посебниот сензибилитет на Градот на светлината, било и е сон на илјадници уметници од светот, но и на оние од ова наше поднебје. Историјата на македонската ликовна уметност, како и историјата на ликовната уметност воопшто, не може ни да се замисли, а уште помалку да се прикаже без Париската школа.

Гледано од мој аспект, се разбира, не како експерт, туку како некој кој ја почитува уметноста и нејзините социо-културни значења – фасцинирачки делува конгломератот од различни правци во уметничкото изразување креирани во рамките на оваа школа. Секој од уметниците сам ги избира своите ликовни афинитети и придонесува во откривањето на модерниот ликовен јазик. Париската школа е синоним за прогресивност, авангарда, слобода на изразување. Вредности кои македонските уметници, подготвени за откривање на нови хоризонти и нивно уметничко поврзување со средината од која што потекнуваат, ги прифаќаат со отворен ум и намера да бидат дел од европската и светската ликовна модерна.

На првите „Париски рефлексии“ се потсетивме на основоположниците на македонската уметност чии што имиња се врзуваат со оваа школа: Мартиноски, Личеноски, Пандилов, Лена Стефанова, Владимирски, Борко Лазески, Диме Тодоровски, Димче Коцо и Борка Аврамова. Денес имаме можност да уживаме во делата на наследниците на таа генерација основоположници кои преку своите студиски престои во Париз ги прифатија авангардните движења и им дадоа сопствен печат: Ордан Петлевски, Кондовски, Мазев, Томо Шијак, Спасе Куновски, Иван Велков, Борислав Трајковски, Богољуб Ивковиќ, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов и Миле Корубин, помеѓу останатите. Тука меѓу нив се и делата на францускиот сликар Клод Дервен, инспирирани од македонското поднебје, што само по себе потврдува дека уметноста е процес на постојано давање и примање, на сплотување, на преплетување и меѓусебно збогатување.

Почитувани,

Оваа изложба е дел од бројните настани со кои се одбележува Месецот на Франкофонијата во кој, преку примарно чествување на францускиот јазик, всушност, ги промовираме и безвремените, никогаш поактуелни универзални вредности: мирот, демократијата, правата на човекот, соработката меѓу народите, културната разновидност и размена.

Република Северна Македонија е целосно приврзана кон овие вредности. Ние сме отворено општество кое во себе ги содржи сите различни етнички, јазични и културни идентитети и нема ништо поприродно од потребата да ја афирмираме својата посебност, со сите наши различности, преку интеракција и размена со другите. Франкофонијата ни овозможува исклучително широк простор на споделени вредности и можности за соработка.

Денешниов настан е уште еден доказ за тоа. Затоа, да уживаме во богатството на уметничкиот израз и да ја славиме Франкофонијата која нѐ сплотува во различностите и го збогатува нашето секојдневие и неговите комплексни перспективи.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...