Видео обраќање на претседателот Пендаровски на конференцијата по повод 45 години високо образование во областа на безбедноста

26 септември 2022 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски преку видео порака се обрати до учесниците на 13. Меѓународна научна конференција што се одржува во Струга, по повод 45 години високо образование во областа на безбедноста на тема „Образовни предизвици и перспективи за безбедноста“.

Почитувани учесници на конференцијата која се одржува по повод 45 години високо образование во областа на безбедноста.

Чест ми да ви се обратам и да ја отворам оваа значајна конференција. Жалам што не можев и физички да бидам присутен со вас во Струга, затоа ви се обраќам преку оваа кратка видео порака.

45 години работа на една образовна институција е значаен јубилеј, особено за институции во областа на безбедноста. Безбедносните прашања секогаш биле  важна тема, а, сведоци сме дека во времето во кое живееме тие се уште позначајни.

Не само како претседател, туку и како човек кој професионално во голем дел од својата кариера се бавел со безбедносни теми и проблеми, сметам дека е значајно да истакнам неколку работи кои се битни за актуелниот геополитички момент во кој живееме ние како држава, но, и светот во целина.

Неизбежно, најактуелно безбедносно прашање на денешнината е руската агресија врз Украина која тектонски ја поремети стабилноста на Европскиот континент кога мислевме дека по падот на Берлинскиот ѕид сме навлезени во период на долгорочен мир и стабилност.

Уште во 2014-та по анексијата на Крим беше јасно дека пред европската безбедносна архитектура има значајни предизвици, но, реално никој не очекуваше директна воена агресија врз една независна и суверена земја каква што не е видена од завршувањето на втората светска војна. Ние ја осудивме руската агресија врз Украина и дадовме целосна поддршка на украинскиот народ во одбрана на својата независност која вклучуваше не само политичка, туку и конкретна техничка помош и воена опрема. Споредено со нашите капацитети и големина, припаѓаме во групата на земји кои најмногу ја помогнаа Украина во нивната праведна одбрана од агресијата.

Тоа го направивме не само затоа што сме членка на НАТО, туку затоа што веруваме во принципите на меѓународното право кое не дозволува воена агресија на една земја врз друга.

Без двоумење го подржавме и членството на Шведска и Финска во НАТО затоа што веруваме дека на тој начин се засилува безбедноста на европскиот континент, а со тоа и безбедноста на Северна Македонија. Во таа смисла го подржуваме и јакнењето на партнерствата на НАТО и со некои воневропски земји, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, кои споделуваат заеднички демократски вредности со Алијансата и кои се заинтересирани за одржувањето на глобалниот мир и безбедност.

Веќе денес е јасно дека војната во Украина предизвикува редица предизвици на многу полиња со кои светот, а, поготово Европа мораат да се соочуваат. Најголем предизвик е и допрва ќе биде енергетската криза. Поради тоа неодамна го свикав и националниот Совет за безбедност за да ги слушнеме мерките кои владата ги планира за претстојната зимска сезона.

Во исто време е потребно да внимаваме на безбедносните предизвици од трети страни или тн. малигни актери кои посакуваат дестабилизација на Балканот. Во оваа смисла постојат неколку точки во регионот кои претставуваат потенцијални жаришта кои можат да бидат искористени од трети страни за поголема регионална дестабилизација.

Освен енергетската криза, сите во регионот ги чувствуваме и другите последици на војната во Украина, од растот на инфлацијата, преку дезинформациите и популистичките реторики кои се засилуваат користејќи го видливиот застој во евроинтеграциите на западниот Балкан.

Што се однесува до нашиот пат кон Европа, со големите дипломатски компромиси кои ги направивме во изминатите неколку години, покажавме дека сме сериозни во намерата  да ја реализираме нашата втора стратешка цел. Подготвени сме како држава да ги исполниме сите европски критериуми, и притоа имаме јасни очекувања дека тој наш труд ќе биде реално валоризиран од Брисел.

За европските перспективи на регионот зборувам од едноставна причина што никогаш не сум верувал дека е можна долгорочна стабилност на регионот без да станеме дел од проектот на Обединета Европа. Застојот во таа смисла за кој зборувам, и за кој секогаш тврдев дека не е добар за нас веќе го пополнуваат трети страни и, за жал, според сите релевантни истражувања, во голем пораст е евроскептицизмот, како и популарноста на автократските лидери и на популистичките вредности.

Се разбира дека тоа не е резултат само на хибридни делувања и на дезинформациони кампањи, туку и на вакуумот во европските перспективи на регионот. Се надевам дека денес по агресијата врз Украина на многумина им е појасно колку е значајна евроатланската перспектива и колку е значајно да се промислува стратешки и долгорочно.

Одлична вест е што сведочиме на засилување на европската кохезија по прашањето на Украина, но, сметам дека е исклучително значајно таа кохезија и интересот на Европската Унија за регионот да продолжи и по, се надевам што поскорото, завршување на руската агресија врз Украина.

На последниот НАТО Самит во Мадрид, Алијанската го реафирмираше ставот дека Западниот Балкан е регион од стратешко значење. Ова е исто така јасно кажано и во новиот Стратешки Концепт на НАТО. Проширувањето на НАТО со нови членки ќе биде од исклучителна важност за зајакнување на безбедноста, мирот и стабилноста на регионот преку што ќе изградиме уште поголема отпорност кон влијанието на фактори кои би сакале да го дестабилизираат Балканот. После 21 години чекање да станеме дел од Алијанската убедени сме дека членството во НАТО е најголемиот стабилизирачки фактор во регионот и пошироко.

Она на што во наредниот период ќе мора многу повеќе да работиме, при тоа мислам и на политичките институции и на безбедносните експерти, се безбедносните ризици кои ни ги носат хибридните закани. Мислам дека на таа тема како земја ќе ни треба исклучително брзо прилагодување. Потребен ни е адаптабилен систем кој брзо ќе фаќа чекор со новите начини на хибридно војување. Тоа подразбира инвестирање не само во средствата за традиционално војување, туку и во најновите дигитални технолошки алатки и во стратешките комуникации неопходни за поголема отпорност кон дезинформациите.

Почитувани учесници на конференцијата, ви посакувам успешна работа во наредните неколку дена.

Ви благодарам за вниманието!

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Обраќање на претседателот Пендаровски на отворената дебата за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност

Обраќање на претседателот Пендаровски на отворената дебата за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност

Претседателот Стево Пендаровски вчера попладне во Њујорк се обрати на отворената дебата за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност, на тема „Одржување на целите и принципите на Повелбата на ОН преку ефективен мултилатерализам: одржување на...

Претседателот Пендаровски во Њујорк на работна средба со потпретседателот на Европската Комисија Жозеп Борел и лидерите од регионот

Претседателот Пендаровски во Њујорк на работна средба со потпретседателот на Европската Комисија Жозеп Борел и лидерите од регионот

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на учеството на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, вчера попладне присуствуваше на средба којашто за лидерите на земјите од Западен Балкан ја организираше потпретседателот на Европската Комисија и висок...

Претседателот Пендаровски ќе се обрати пред Советот за безбедност на ОН

Претседателот Пендаровски ќе се обрати пред Советот за безбедност на ОН

Претседателот Стево Пендаровски, кој ја предводи македонската државна делегација на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, денеска ќе се обрати пред Советот за безбедност, на отворената дебата на тема: „Одржување на целите и принципите на Повелбата на ОН преку...

Претседателот Пендаровски во Њујорк оствари средба со кралот на Јордан, Абдула Втори

Претседателот Пендаровски во Њујорк оствари средба со кралот на Јордан, Абдула Втори

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Њујорк, на маргините на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, оствари средба со кралот на Јордан, Абдула Втори. На средбата беше констатирано дека билатералните односи меѓу двете...

Обраќање на претседателот Пендаровски на Меѓународната конференција „Социјалната работа и социјалната политика во време на глобални кризи“

Обраќање на претседателот Пендаровски на Меѓународната конференција „Социјалната работа и социјалната политика во време на глобални кризи“

Претседателот Стево Пендаровски преку видео порака се обрати на учесниците на Меѓународната конференција „Социјалната работа и социјалната политика во време на глобални кризи“, во организација на Институтот за Социјална работа и социјална политика, што се одржува од...