Претседателот Стево Пендаровски денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Хеленската Република во Република Северна Македонија, Русос Кундурос.
На средбата, претседателот Пендаровски изрази задоволство од взаемна посветеност за развој на партнерството меѓу двете држави и го нагласи придонесот на Преспанскиот договор за градење на добрососедските односи и соработка.
Двајцата соговорници разменија мислења и информации за процесот на отворање на пристапните преговори, при што претседателот Пендаровски упати благодарност за недвосмислената поддршка од Хеленската Република. Покрај ова, на средбата стана збор и за актуелните случувања во регионот и во Европа, за последиците од руската агресија врз Украина, како и за економската и енергетска криза.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за ангажманот и посветеноста на амбасадорот Кундурос, како и за конструктивната соработка во унапредување на односите меѓу двете држави и му посака успех во натамошната кариера.