Обраќање на претседателот Пендаровски на Свечената седница на Комитетот за односи меѓу заедниците

7 јуни 2023 | Обраќања, Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Собранието на Република Северна Македонија се обрати на Свечената седница на Комитетот за односи меѓу заедниците, што се одржа по повод одбележувањето на 25 години од стапувањето на сила на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа.

Почитуван претседател на Собранието,

Почитувани пратеници,

Почитуван амбасадор на ЕУ, членови на дипломатскиот кор,

Почитувани присутни,

Ми претставува чест да се обратам на оваа свечена седница по повод одбележување на 25 години од стапувањето во сила на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства.

Комитетот на министрите на Советот на Европа на 10 ноември 1994 година ја усвои оваа Рамковна конвенција и може само да се гордееме со фактот што нашата држава беше меѓу првите што ја ратификуваше, со закон во македонското Собрание, прогласен на 27 февруари 1997 година.

Со тоа се приклучивме во редот на државите чија примарна цел е заштита и развој на правата и слободите на човекот, но, кои, при тоа се решени да го заштитуваат и постоењето на националните малцинства на нивните територии и да го подобруваат нивниот статус.

На овој начин и правно се обврзавме да ја почитуваме конвенцијата која ја создаде обврската дека заштитата на националните малцинства е од суштинско значење за стабилноста, демократската сигурност и мирот на континентот. Секое плурално и вистински демократско општество мора, не само да го почитува етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на секој припадник на национално малцинство, туку и да создава услови за изразување, сочувување и развој на тој идентитет.

Велам се обврзавме и правно, бидејќи и пред тоа во различните идеолошки и државни системи имавме долга и респектабилна традиција на почитување на различноста, која нашите луѓе ја одржуваа верувајќи во меѓусебната почит и разбирањето со другите, како и преку придржување кон принципите на добрососедство и соработка меѓу државите.

Почитувани, 

Денес, не само како земја  – потписник на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, туку и со нашиот Устав како највисок правен акт, ние сме обврзани целосно да ги почитуваме правата на етничките заедници меѓу кои се најважни – правото слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот етнички, културен, јазичен и верски идентитет и национални особености, правото да основаат културни и уметнички институции и правото на настава на својот јазик во сите степени на образованието.

Водејќи се од овие принципи и определби, во изминативе 20-тина години, и покрај многуте политички  и економски предизвици со кои се соочувавме и сè уште се соочуваме, секогаш сме посветувале должно внимание и ресурси за заштита на човековите права и слободи, но истовремено и на правата на припадниците на заедниците и во овој домен, не е нескромно ако кажам, имаме направено огромен исчекор.

Последниот извештај на Советот на Европа, дава детален и реален приказ на состојбата во Република Северна Македонија. Во него јасно се нотира дека е постигнат значителен напредок во правната заштита на правата на лицата кои припаѓаат на националните малцинства, особено на полето на антидискриминацијата. Исто така, констатиран е голем напредок и во употреба на албанскиот јазик во државата, додека пак, на политичко ниво, стратегијата „Едно општество за сите“ во голема мерка придонесе за инклузивниот профил и пристап на културните политики и јакнење на меѓукултурниот дијалог.

При тоа е јасно дека сепак останува извесен јаз меѓу законите и практичната примена на законодавството и политиките за националните малцинства.

Така на пример, имаме солидна правна рамка за борба против говорот на омраза, но нејзината примена е незадоволителна. Затоа и говорот на омраза, особено во интернет просторот, и во овој извештај, е посочен како посебен предизвик.

Понатаму, со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминацијата во голема мера е подобрена правната заштита, но од друга страна, на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на Народниот правобранител им недостасуваат ресурси за да можат самостојно и ефективно да ги исполнуваат своите задачи во целост одговарајќи на барањата на граѓаните.

Во однос на ромската етничка заедница, недостигот на документација продолжува да биде главна пречка за остварување на нивните права, а многу работа ја чека државата и во областа на нивното образование, пристапот до здравствени услуги и вработувањето.

Сепак, и покрај сите нотирани проблеми во оваа област, чесно е да кажеме дека Северна Македонија како држава е високо признаена и препознаена не само во нашиот регион, туку и во Европа, во однос на заштитата на националните малцинства.

Се разбира, за ова ниво на реално остварени резултати да го задржиме и подобриме во иднина, мораме да продолжиме со ефикасно спроведување на стандардите на Советот на Европа и исполнување на сите негови препораки за итно дејствување, затоа што доаѓаат од една навистина независна и непристрасна институција со висока репутација.

Дозволете на крајот да изразам благодарност до Советот на Европа, за одржувањето на конструктивен дијалог со македонските власти сиве овие години  и за нивната поддршка и посветеност во заедничките напори со цел натамошно унапредување на состојбата во областа на заштитата на човековите права.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...