Претседател

Претседателот Стево Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал во 1987 година на Факултетот за правни и политички науки, при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје.

Во изминатите 11 години бил професор на Универзитетот Американ Колеџ Скопје каде што ги предавал предметите Меѓународна безбедност, Меѓународни односи, Вовед во Политика, Глобализација, Геополитика, Надворешната политика на САД, Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и Малите држави во светската политика. Во периодот 1998-2001 бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на министерството.

Од 2001 до 2004 година е Советник за национална безбедност на Претседателот на Република Македонија. Од 2004 до 2005 година е Претседател на Државната изборна комисија. Од 2005 до 2009 година е Советник за надворешна политика на Претседателот на Република Македонија. Од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието на Република Македонија. Од декември 2017 година до мај 2019 година е Национален координатор за подготовка на Република Северна Македонија за влез во НАТО. На 12. мај 2019 година, со давањето свечена изјава во Собранието на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски официјално ја презеде функцијата претседател на државата.

Претседателот Пендаровски е оженет со Елизабета Ѓоргиевска и го имаат синот Огнен.