Сиљановска-Давкова: 25 години по Резолуцијата 1325 – од неми сведоци и жртви на конфликтите до активни мировни актерки

31 октомври 2025 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на конференцијата по повод 25-годишнината од донесувањето на Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ООН ,,Жени, мир и безбедност”.

Воден од разумот и дијалогот, наспроти силата и војната, Советот за безбедност со Резолуцијата втемели нова перцепција за жените: од неми сведоци и жртви на насилството, тие станаа активни миротворки

Според претседателката, проблемот не се реши ниту до оваа, ниту со десетината други резолуции зашто жените и девојчињата сè уште се најчестите и најголемите жртви на војните.

,,Војната ги лишува женските суштества од човечкиот субјективитет, ги дехуманизира и инструментализира за воени цели”, истакна таа.

Во мировните преговори со само 7% учество во минатата година жените имаат симболична улога.

Таа предупреди на неодржливоста на реалноста во којашто машката половина од човештвото поседува апсолутна моќ на одлучување за мирот и војната, а женската – никаква.

Сиљановска-Давкова смета дека е крајно време да сфатиме дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија и женски егоцентризам, туку хуманистички императив, бидејќи насилството и безбедноста не се женски, туку клучни општествени прашања.

Покрај претседателката, на настанот се обратија: Владо Мисајловски, министер за одбрана; Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија и Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на канцеларијата на UN Women.

Издавањето поштенска марка во чест на 25-годишнината од Резолуцијата 1325 на ООН ,,Жени, мир и безбедност” манифестира висока демократска свест за важноста на активната улога на жените во мирот и безбедноста.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитуван министре за одбрана, г-дине Владо Мисајловски,
Почитуван амбасадор на Европската Унија, г-дине Михалис Рокас,
Почитуван началник на Генералштабот, Сашко Лафчиски
Почитувани претставници на Обединетите Нации,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор,
Почитувани гости,
Дами и господа,

Пред дваесет и пет години, Советот за безбедност на Обединетите нации, како што веќе чувме, ја усвои Резолуцијата 1325, документ што го промени навистина погледот кон мирот и кон безбедноста. Со оваа Резолуција се смени перцепцијата за жените, дотогаш најчесто неми сведоци или жртви на конфликтите, а оттогаш – активни мировни актерки.

Оваа резолуција утврди два темелни принципи:

Прво, заштита на жените и на девојчињата од родово заснованото насилство.

И второ, нивно рамноправно учество со мажите во борбата за мирот и безбедноста.

Така, Советот за безбедност застана зад разумот и дијалогот, а не зад силата и зад војната. Или, ако со мои зборови, Венера се исправи наспроти Марс.

Но, според мене, не се доволни резолуциите, иако се неопходни. Жените, за жал, сè уште се најчестите и најголемите жртви на конфликтите. Војната ги лишува женските суштества од човечкиот субјективитет, ги дехуманизира, ги инструментализира во објект на изживување.

Во формалните мировни процеси, пак, женското учество сè уште е симболично, за што говори фактот дека минатата година само 7% од преговарачите биле преговарачки, односно жени. За мене, ова не е само обична бројка, туку предупредувачки факт дека машката половина од човештвото има енормна, односно апсолутна моќ, а женската половина – маргинална или речиси никаква. Да потсетам на предупредувањето на лордот Ектон дека секоја моќ расипува, а апсолутната моќ – апсолутно расипува!

Сепак, има на небото светлина. Ретки се светлите примери, но инспиративни: жените во многу постконфликтни општества го предводеа помирувањето, го возобновија социјалното ткиво, ги поврзаа поделените и спротивставените со помош на умот, знаењето, креативноста и емпатијата, најмногу со емоционалната интелигенција, тие дејствуваа исцелително и лековито, враќајќи ги довербата и хуманоста.

По кој знае кој пат се потврдува дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, ниту женски егоцентризам, туку е хуманистички императив.

За справување и за надминување на конфликтите не е доволно да се потпише мировен договор, туку е нужно менување на општествените односи, почитување на основните вредности и принципи, напуштање на реликтите на патријахалност и парохијалност, градење демократска култура на живеење. Ќе се согласите со мене дека жените поседуваат способност декларативното да го трансформираат во реалност, преку секојдневниот, активен сестран ангажман во сите димензии и сфери на социјалниот живот.

Традиционалните норми на исклучување на жените од процесот на одлучување не се обичај, тие се неправда.

Насилството и безбедноста на жените не се „женски прашања“, туку клучни општествени прашања. Демократија се мери и се вреднува и според односот кон жените, оти женските права се човекови права, чиешто остварување го јакнее демократскиот легитимитет и кредибилитет на секој политички систем. Нерамноправноста ја оневозможува правдата, го нагризува мирот и ја загрозува извесноста на иднината.

Почитувани присутни,

Да ве потсетам: Обединетите нации настанаа како логичен одговор на војната и на колонијализмот, значи како мировен и антиколонијален проект. За жал, живееме во опасно, немирно, ту воено, ту поствоено, ту, за жал, предвоено време.

Ние, жените не бараме предност, туку признавање и користење на нашата еднаква способност во борбата за res publica, за општо добро.

Агендата за жени, мир и безбедност не повикува на милост, туку на разум и на чест. Таа предупредува дека тие се неостварливи во социјален амбиент во којшто се перцепираат и третираат како привилегија на посилните, наместо како право на сите држави (големи, мали, средни), на сите нации (мали или големи, славни или непознати), на сите човечки суштества.

Да ја погледнеме реалноста не само со очите, туку и со умот и со срцето. Денес, кога ја одбележуваме 25-годишнината од Агендата за жени, мир и безбедност и од Резолуцијата 1325, околу седумстотини милиони жени и девојчиња живеат во радиус од педесет километри од зоните на конфликтите, што е највисока бројка во последните три децении! За каков просперитет тогаш зборуваме, за каква демократија ламентираме?

Јавна тајна е дека структурната и финансиската поддршка на жените, градителки на мирот, е недоволна. Мора повторно да се посветиме на Агендата за жени, мир и безбедност, ама не ad hoc, не симболично, туку стратешки и тактички. Мора да отвориме мировни фронтови на сите страни: во институциите, во образованието, во безбедносните структури, во правосудството, во дипломатските мисии.

Да не дозволиме „мирот“ да остане празен, излитен збор што се споменува само на конференции, оти милитаризираниот говор не го сака и го отфрла. Да го вградиме во секојдневието, секаде и секогаш.

Јас не би стоела овде, пред вас, ако не верував дека е ова возможно. Јас не би била со вас, ако не препознавам миротворки и миротворци во вас. Мирот бил и ќе биде супериорен над војната, само треба погласно, похрабро и попосветено сите заедно да ја промовираме мировната кауза и мировната визија, и да ја остваруваме мировната мисија!

Ви благодарам.

Не заборавајте, оваа прекрасна марка во чест на овој голем ден, во која, се разбира птицата ја носи веста за мирот, ќе се вреже, не само во нашите очи, туку и во нашиот ум и секојдневно ќе не потсетува дека имаме недовршени мировни проекти.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Делегација од Кабинетот на Претседателот положи цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски во Скопје

Делегација од Кабинетот на Претседателот положи цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски во Скопје

Делегација од Кабинетот на Претседателот, денеска положи свежо цвеќе пред споменикот на просветителот и основополжникот на Охридската книжевна школа, Свети Климент Охридски, во дворот на истоимената Национална и универзитетска библиотека во Скопје. [gallery...

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод празникот Свети Климент Охридски

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод празникот Свети Климент Охридски

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до сите верници од православна вероисповед, по повод државниот празник Свети Климент Охридски. Почитувани, Денеска, на 8 Декември го чествуваме Свети Климент Охридски, нашиот најголем просветител и најверен...

Обраќање на Сиљановска-Давкова на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“

Обраќање на Сиљановска-Давкова на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“, којашто под нејзино покровителство се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје. [gallery...

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Виетнам, Нујен Ти Мин Нујет

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Виетнам, Нујен Ти Мин Нујет

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Социјалистичка Република Виетнам, со седиште во Софија, Нујен Ти Мин Нујет. Во обраќањата на церемонијата обете...

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Индонезија, Листиана Оперананта

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Индонезија, Листиана Оперананта

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свечена церемонија ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Индонезија, Листиана Оперананта, со седиште во Софија. Сиљановска-Давкова изрази задоволство од динамиката на...