Прес-конференција на претседателите Пендаровски и Османи-Садриу

26 април 2023 | Соопштенија

Во рамки на официјалната посета на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу на Република Северна Македонија, претседателите Пендаровски и Османи-Садриу одржаа заедничка прес-конференција.

Во продолжение е интегралниот текст од изјавата на претседателот Пендаровски.

Почитувана претседателке Османи-Садриу,
Почитувани претставници на медиумите,

Денес сум домаќин на претседателката на Република Косово која престојува кај нас во официјална посета. Оваа посета ја реализираме по една и пол година од мојата посета на Косово. Инаку, ова е наша четврта средба во последниве неколку години и навистина ме радува што воспоставивме таква динамика на контакти на највисоко политичко ниво, за време на нашите мандати кои сè уште траат.

Задоволство ми е да истакнам дека со претседателката Османи-Садриу денеска имавме содржаен разговор, на кој разменивме мислења и информации за актуелните теми од билатералните односи, за состојбите внатре во двете земји, за нашата актуелна и идна економска соработка, како и за регионалните прашања и европските интеграции, кои, за жал, се одвиваат под притисок на негативните ефекти од руската инвазија врз Украина.

За време на разговорите, го потенциравме позитивниот тренд во билатералните односи и заеднички ги поздравивме контактите на владино ниво, помеѓу различните министерства на двете држави. Меѓусебната соработка во различни сегменти е во корист на нашите граѓани и треба и мора да продолжи со уште поголем интензитет во наредниот период.

Во однос на економската соработка, Република Косово е на листата на 20 земји со кои имаме најголема трговска размена. Во текот на минатата 2022 година, вкупната трговска размена изнесуваше 482 милиони евра. Се надевам дека ваквиот тренд ќе продолжи и во иднина, со зголемени бројки и заеднички проекти во рамките на кои соработуваме.

Во контекст на актуелните регионални предизвици, со претседателката Османи-Садриу се согласивме дека нашите држави имаат значајно место со својата активна улога во заедничките напори за постигнување на трајна стабилност, добрососедство и економски просперитет на овој дел од Европа. Во тој контекст, констатиравме дека заедничката иднина на двете држави во евро-атлантските структури е влог во натамошна стабилизација и просперитет на регионот на Западниот Балкан.

Во оваа прилика, би сакал да го реафирмирам нашиот став дека ги поддржуваме евро-атлантските аспирации на Република Косово и дека Северна Македонија е подготвена да ги сподели своите искуства во однос на реформските процеси, како на патот кон Европската Унија, така и во однос на членството во НАТО Алијансата. Ја поддржуваме одлуката на Европската Унија за визна либерализација за Косово и активно го поддржуваме учеството на Косово во различните регионални и континентални формати на соработка.

Неизбежна тема, се разбира, беа и односите на Косово со Србија, при што го реафирмирав нашиот став по ова прашање, а тоа е дека го поздравуваме постигнатиот договор за прифаќање на предлогот на Европската Унија за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија, чија што имплементација ќе придонесе за мирот, стабилноста, безбедноста и развојот, не само на нашите соседи, туку и на регионот во целина.

Во оваа прилика сакам посебно да се заблагодарам на согласноста и на Белград и на Приштина за одржувањето во нашата држава на една важна сесија од нивниот дијалог, што само ја потврди принципиелната политика која ја водиме и која во изминативе години преку компромисите кои ги направивме ја засили внатрешната кохезија на македонското мултиетничко општество, придонесе за регионалната стабилност и ја врати земјата во виталните институции на западната алијанса по долги години самонаметната изолација.

Дополнително, сакам да порачам дека сме подготвени и во својство нa актуелни претседавачи со ОБСЕ да го помогнеме овој процес, особено во фазата на имплементација на одредени делови од постигнатиот договор, се разбира, во согласност со двете инволвирани страни.

На средбата со косовската претседателка разговаравме и за можностите за унапредување на правата на Македонците во Косово, во време кога, за жал, некои странски пропаганди се повторно активирани. Во таа насока, наша заедничка цел е зближување на граѓаните од двете страни на границата и олеснување и интензивирање на прекуграничната соработка.

Почитувана претседателке Османи,

На крајот, дозволете ми уште еднаш, Вам и на вашата делегација да ви посакам пријатен престој во Република Северна Македонија и успешна посета.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Отворен Кабинет за основци од 3 скопски училишта и ученици – членови на здружението „Несил“ од Скопје

Отворен Кабинет за основци од 3 скопски училишта и ученици – членови на здружението „Несил“ од Скопје

Кабинетот на претседателот Пендаровски, во рамки на Отворен Кабинет денеска го посетија основци од училиштата „Мустафа Кемал Ататурк“, „Тихомир Милошевски”, „Гоце Делчев“, како и ученици – членови на здружението „Несил“ од Скопје, посветено на едукативни активности за...

Сопругата на претседателот со најмладите во рамки на фестивалот „Литера“

Сопругата на претседателот со најмладите во рамки на фестивалот „Литера“

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска учествуваше на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2023“ што се одржува во Музејот на град Скопје. Во рамки на настанот, г-ѓа...

Средба на претседателот Пендаровски со Ден Шехтман, добитник на Нобелова награда за хемија во 2011 година

Средба на претседателот Пендаровски со Ден Шехтман, добитник на Нобелова награда за хемија во 2011 година

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Ден Шехтман, добитникот на Нобелова награда за хемија во 2011 година, кој престојува во посета на нашата држава во организација на Македонската академија на науките и уметностите и Сојузот на хемичари и технолози на...

Средба на претседателот Пендаровски со американскиот сенатор Крис Марфи

Средба на претседателот Пендаровски со американскиот сенатор Крис Марфи

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими американскиот сенатор Крис Марфи. На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, за состојбите во поширокиот регион во контекст на руската агресија врз Украина, како и за аспирациите на...

Положување цвеќе по повод 24 Мај – Денот на Свети Кирил и Методиј

Положување цвеќе по повод 24 Мај – Денот на Свети Кирил и Методиј

Претставник од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, денеска положи свежо цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј на плоштадот во Охрид и...