Во рамки на Официјалната посета на Чешката Република, претседателот Стево Пендаровски денеска го посети седиштето на Радио Слободна Европа во Прага.
Во таа прилика, претседателот Пендаровски ги посети редакциите за Балкан, Русија и Украина и изрази поддршка за нивната работа. Во исто време, претседателот Пендаровски се сретна и разговараше со в.д. претседателот на РСЕ, Џефри Гедмин, како и со претставници на медиумот од различни региони и држави во светот, каде што Радио Слободна Европа емитува вести и информации.
На средбата претседателот Пендаровски со новинарите поразговара за состојбата со слободата на говор, за условите за работа на новинарите и за перспективите на новинарството како професија. Во таа насока, претседателот Пендаровски истакна дека медиумите треба и мора да продолжат да бидат гласни критичари и да бараат одговорност од носителите на одлуки, кога тоа е неопходно, бидејќи само така ќе придонесуваат кон поголема слобода на медиумите од една, и зголемување на транспарентноста на институциите од друга страна.
Радио Слободна Европа е присутен во 23 земји во светот, меѓу кои е и Северна Македонија.