Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“

9 декември 2024 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на Свечената академија, што по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“ се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова. 

Почитуван Aрхиепископ охридски и македонски, г. г. Стефан,

Почитуван претседател на Собранието, г. Африм Гаши,

Почитувани претставници на Владата, пратеници, претставници на судската власт, академици и црковни великодостојници,

Ваши екселенции,

Почитувани сограѓанки и сограѓани,

Драги пријатели,

„Ако животот на човекот го вреднуваме по она што ќе остане по него и преку трајноста на неговото дело – тогаш, навистина, големо е делото на светиот Климент. Зашто, еве, и по 11 столетија сѐ уште трае… неговото дело кое е од сеопшт, универзален карактер – и од религиозен, христијански аспект, и од културен и научен поглед.“ Со овие зборови, неодамна упокоениот митрополит дебарско-кичевски, господин Тимотеј ни го приближи најголемиот ученик на Св. Кирил и Методиј.

Знаеме дека по Моравската мисија, Св. Климент се вратил на Балканот, и бил испратен во нашите краишта, во областа Кутмичевица, најпрво како мисионер и учител, а потоа и како прв словенски епископ. Тука Св. Климент затекнал народ којшто тонел во незнаење и во сиромаштија, и којшто се раководел според законот на посилниот наместо според златното правило.

Соочен со ваквата состојба, Св. Климент, не им дал сон на очите свои, ниту дремка на трепките свои, и грижата за народот ја сметал за своја храна и наслада. И секогаш поучувал, и секогаш поставувал ред, исправајќи го незнаењето и за сите станувал сѐ, според потребата на секого.

За само три децении, Св. Климент, заедно со Св. Наум Охридски, успеал да ја трансформира заостанатата периферија во развиен центар на писменоста, духовноста, културата и уметноста. Од Охридската книжевна школа произлегле 3 500 ученици кои станале учители на словенството. Неговите манастири станале чувари на временскиот и просторниот континуитет на македонскиот јазик. Еден век подоцна, самиот Охрид бил издигнат на ранг на архиепископија што се грижела за духовните и за световните потреби на луѓето. Многу од нејзините архиепископи биле врвни мислители, градители, дипломати, миротворци, чијшто глас се слушал и почитувал низ целата православна екумена.

Но, веројатно најголемото дело на Св. Климент е духовното и етичко воздигнување на народот. Со своите слова и поуки, тој настојувал да изгради нов човек, со нови, благородни навики. Речиси и да нема Светиклиментова проповед без повик за одговорно однесување кон ближните коишто страдаат. Неговата цел била да им помогне на луѓето да станат свесни не само за своите, туку и за потребите и страдањата на другите.

Еве што вели Св. Климент во едно од неговите слова: „Престанете да правите зло и научете се да правите добро, барајте правда и спасувајте угнетени; право судете и заштитувајте ги сираците и вдовиците“. Оти тоа е вистинското покајание, кога ќе замразиме секаква неправда и ќе ја направиме одвратна за нас…“

Ова е само еден од многуте библиски цитати што Св. Климент ги користи за да ги соочи слушателите со библиската осуда на социјалната неправда кон ранливите категории, нешто што им е заедничко на сите Абрахамски религии. И ние денес, независно дали сме христијани, муслимани, Евреи, атеисти, независно дали сме Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и други, треба да сме подеднакво сплотени околу овие Светиклиментови заложби и да им помогнеме на современите ранливи категории, на социјалните случаи, на бездомниците, на бегалците, на жртвите на семејно насилство, на непријавените работници.

Св. Климент го практикувал она што го проповедал. Не случајно охридскиот архиепископ Теофилакт пишува дека Св. Климент бил „татко на сираците и помошник на вдовиците“, држејќи ги портите на неговиот дом „отворени за секој сиромав и ниеден туѓинец не ноќеваше надвор од нив“. Благодарение на неговите заложби се отворале народни кујни, сиропиталишта, старечки домови, болници за телото и за душата, односно, она што денес го нарекуваме социјална и здравствена заштита.

Со своите слова, поуки, житија, но пред сѐ, со својот личен пример, Св. Климент кај народот го кастрел себичното ЈАС и МОЕ, и го калемел благонаклонетото НИЕ и НАШЕ. Кај луѓето ја развивал свеста дека се упатени едни на други да си помагаат, да бидат праведни и солидарни. Со тоа, Св. Климент на народот му дал духовен и етички компас за да може полесно да се ориентира низ столетијата во кои се менувале царства, власти и системи, и да опстане низ годините на пропаганди, конфликти и поделби.

Со овие универзални, хумани вредности може да се поистоветат не само христијаните, туку и припадниците на другите религии.

Не случајно, Св. Климент Охридски станал најголемиот духовен авторитет не само за нашата помесна православна црква, туку и за македонската секуларна држава и за македонското мултиетничко и мултирелигиско општество.

Не случајно токму од Македонија потекнуваат најголем дел од старите фрески и икони со неговиот лик.

Не случајно, Св. Климент бил инспирација за македонските преродбеници и учебникари и опсесија на генерации историчари, лингвисти, слависти и македонисти коишто му посветиле илјадници книжевни и научни дела.

Не случајно, тој е патрон на повеќе основни и средни училишта, на факултети, библиотеки и на еден државен универзитет.

Повеќе од други соседни народи, токму македонскиот народ му го должи своето постоење и опстојување на Св. Климент Охридски.

Сепак, 11 века подоцна, не можеме, а да не забележиме дека вредностите и навиките всадени од Св. Климент исчезнуваат пред нашите очи. Живееме во време на нарушени меѓучовечки односи. Наместо хуманост и дарежливост, сè пораширена е опседнатоста со парите, статусот и себељубието како цели што ги оправдуваат сите средства. Ова е време во кое чесните се игнорирани додека аздисаните се имитирани. Во Европа сме меѓу последните според нивото на волонтерство и на граѓански активизам. Како што корупцијата го загрозува владеењето на правото, така експлоатацијата ги загадува почвите, водите и воздухот. Сведоци сме на повеќедецениска трка за узурпирање на јавниот простор и присвојување на општото добро. И сето тоа на штета на иднината на младите генерации. Доволно е да се сетиме на загрозеното природно и културно наследство на охридскиот регион на УНЕСКО, кој беше центар на Светиклиментовата духовна и просветителска дејност.

Овие состојби не се сегашни, туку нѐ следат со години и со децении. Но, сега добиваат алармантни пропорции. Причините не треба да ги бараме само кај нас. Блокадите и билатерализацијата на европската интеграција нè заглави во оваа европска периферија наречена чудно Западен Балкан, од која масовно се иселуваат нашите млади.

На некој начин, како да се враќаме во предклиментовото време и како забрзано да се претвораме во општество во кое хуманото НИЕ и НАШЕ е потиснато од себичното ЈАС и МОЕ.

Ценети присутни, драги сограѓани,

Пред нас е големата задача оваа наша периферија одново да ја претвориме во центар на образованието, економијата, културата и уметноста, на иновативноста и креативноста. Ние мора напорно и пожртвувано да работиме на секое поле, да ја развиваме економијата, да го обезбедиме владеењето на правото, да изградиме функционални системи и институции. Но, за сите овие напори да фатат корен и да дадат плод, треба одново да се навратиме на вонвременските Светиклиментови пораки.

Иако се напишани со архаичен јазик, неговите слова зборуваат за актуелни теми. За правдата наспроти неправдата и за солидарноста наспроти себичноста.

Првата вредност е правдата. Светиклиментовата правда не е ограничена само на дословно почитување на државните закони. Праведни не се оние што не прекршиле ниту еден државен закон, туку оние што, почитувајќи ги законите, истовремено со своите животи ја изградуваат и ја зацврстуваат заедницата. Светиклиментовата правда е и социјална правда бидејќи е насочена кон заштита на немоќните, помагање на сиромашните и возобновување на достоинството на секој човек. Праведно општество е она во кое поединецот активно придонесува за општото добро и за јавниот интерес, и е вмрежен во заедница на хармонични меѓусебни односи.

Втората вредност е солидарноста, која не е минлива емоција, туку практична доблест и применлива политика. Да бидеме солидарни значи да бидеме човечни, односно, свесни за потребите и за страдањата на другите. Светиклиментовата солидарност не е сведена само на економска редистрибуција, туку вклучува и соодветно споделување на моќта и одговорноста во заедницата и општеството. Успехот на секој поединец е успех и на целата заедница, а неуспехот на макар и еден поединец, на еден ученик, на еден работник, на едно семејство, е неуспех на целото општество. Солидарноста е мултиетничка, мултијазична, мултирелигиска бидејќи го препознава човечкото во различниот од нас. Без меѓуетничка солидарност нема меѓуетнички соживот.

Почитувани присутни,

Драги сограѓани,

Денешниов празник е повод да се сетиме дека не треба да чекаме да дојде некој нов Св. Климент бидејќи тој живее во нас. Но, треба да го разбудиме Светиклиментовото во секој од нас. Ние, учителите, лидерите, треба одново да станеме Светиклиментови ученици за да се потсетиме на неговата животна филозофија и да ја пренесеме на нашите ученици. Со тоа ќе им овозможиме и самите да станат учители и лидери на сегашните и  на идните генерации. Да им помогнеме да напредуваат и да успеваат само со своите знаења, вештини и квалитети, а не со врски, книшки и протекции.

Ако сакаме македонското општество да биде праведно и солидарно, а Македонија да ја направиме пристојно место за живеење, ние мора да се навратиме на вредностите на Св. Климент Охридски. Верувам дека само така ќе можеме да се наречеме вистински наследници на нашиот голем учител, светител и просветител, Св. Климент Охридски.

Ви благодарам.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова: Имаме обврска природата да ја третираме како партнер, штитејќи ја неа, се штитиме себеси

Сиљановска-Давкова: Имаме обврска природата да ја третираме како партнер, штитејќи ја неа, се штитиме себеси

Водена од желбата за заштита на Преспанското Езеро, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вчера од општината Ресен ја започна серијата на посети на македонските градови и села. Пред неа и пред градоначаналникот Јован Тозиевски, на дебатата во Отешево, повеќе од...

Одговори на новинарски прашања за време на посетата на Ресен

Одговори на новинарски прашања за време на посетата на Ресен

Новинарско прашање: Претседателке, го читавме извештајот на Европската Комисија. Колку е тој опфатен со технички детали кои се однесуваат на Копенхагенските критериуми, или повеќе содржи, би рекол, политички моменти – „сменете го само уставот“. Кое е вашето гледање?...

„Заштитата на Преспанското Езеро треба да биде највисок приоритет“ – Сиљановска-Давкова во работна посета на Ресен

„Заштитата на Преспанското Езеро треба да биде највисок приоритет“ – Сиљановска-Давкова во работна посета на Ресен

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска е во работна посета на Општина Ресен. Во рамки на посетата, таа оствари средби со градоначалникот Јован Тозиевски, членовите на Советот на општината и со граѓаните на Ресен. Тие ја запознаа со локалните проблеми, а...

Претседателката Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг

Претседателката Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг, предводена од Лота Џонсон Форнавре, во придружба на амбасадорот на Кралството Шведска, Oла Солстром. [gallery...

Сиљановска-Давкова се обрати на свеченоста по повод заклетвата на 29. класа на питомци и слушатели на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски

Сиљановска-Давкова се обрати на свеченоста по повод заклетвата на 29. класа на питомци и слушатели на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената заклетва на питомците од 29. класа и слушателите на Курсот за офицери и штабни службеници на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“. Таа истакна дека со денешниот чин младите питомци стануваат...