Претседателот Пендаровски: Руската агресија е војна на една диктатура против една демократија

24 февруари 2023 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата насловена „Украина – година на хероизмот“, организирана од невладината организација ЦИВИЛ – Центар за слобода и Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија, а одржана на денот кога започна руската инвазија врз Украина.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Ваши екселенции,
Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани организатори,
Драги пријатели,

Денес, изминува точно една година од почетокот на бруталната руска воена агресија врз Украина, која го втурна украинскиот народ во невидени страдања, загуба на човечки животи и ужасна деструкција. А, сите нас останатите не соочи со фактот дека во Европа повторно се води крвав конфликт кој предизвикува хуманитарна, економска, енергетска и безбедносна криза. Станува збор за трагедија која влезе во нашите домови, во нашите мисли и пред која немаме право да останеме без зборови.

Паметам дека во февруари минатата година, во предвечерието на агресијата, на Минхенска безбедносна конференција, најоптимистичките прогнози беа дека во случај на напад, Украина нема да може да издржи повеќе од две недели. Но, Украина издржа, решена по секоја цена да ја сочува својата независност. Украина, која изминатите месеци ја плати борбата за демократија со илјадници човечки животи, покажа дека дефинитивниот избор на секој народ се демократијата и слободата, а не тиранијата и насилството.

Почитувани,

Ниту една агресија не може да биде оправдана, независно дали ги следите академските дефиниции или реалниот живот. Не постои никаков сомнеж дека рускиот напад врз Украина претставува директно кршење на меѓународниот поредок и системот на безбедносна архитектура кој требаше да овозможи траен мир, стабилност и просперитет во Европа по завршувањето на Студената војна. Русија ги прекрши сите меѓународни правни акти во тој контекст и во текот на изминатата година, нејзините војници извршија грозоморни злосторства врз многубројни украински цивили, акти несвојствени за една цивилизирана држава.

Сликите и сведоштвата од Буча, Ирпињ, Мариупол, Херсон, Харков и другите украински градови и села говорат за отсуство на базичното чувство за хуманост на руската воена машинерија, но, сведочат и за тоа до каде може да доведе една анахрона и автократска политика кога за архитектите на оваа војна ниту илјадниците мртви на нивна страна не се доволна причина за запирање на спиралата на безумие. На страната на демократскиот дел од светот не смее да има никакво двоумење дека сите злосторства треба да бидат детално истражени, а виновниците соочени со правдата.

Сцените кои секој ден ги гледаме пред нашите очи од украинските градови и села говорат за храброста и нескршливиот дух на украинскиот народ, што е најсилна потврда дека оружјето на агресорот не е посилно од вербата во слободата и љубовта кон татковината. Жртвата која денес ја прави украинскиот народ е порака за сите оние кои сеуште калкулираат и анализираат за тоа како треба да заврши оваа војна. За секое морално човечко суштество единствен праведен исход треба да биде ослободување на целата територија на Украина.

Нема дилеми дека Украина е веќе морален победник во овој конфликт бидејќи успеа зад својата кауза да го обедини демократскиот свет кој покажа невидена солидарност и поддршка во спротивставување на газењето на човековите права и посегањето по слободата на другиот. За сите оние кои мислат со својата глава нема никаква дилема дека руската агресија е војна на една диктатура против една демократија. Војна на минатото против просперитетот и во тој судир демократскиот свет нема право на пораз.

Токму поради ова, уште на самиот почеток, како држава, заедно со нашите сојузници во НАТО Алијансата понудивме поддршка и продолжуваме и понатаму да асистираме со хуманитарна, техничка и воена помош која е потребна за да се намалат загубите, санираат штетите и да се извојува конечната победа.

Во светло на се почестите предвидувања последниов период дека агресорот се прегрупира, засилува и подготвува офанзива долж источниот и јужниот фронт, единството на демократскиот свет и натамошната робусна поддршка на Украина е исто толку важна колку и решеноста на украинскиот народ да ја извојува победата. Во оваа смисла може само да радува фактот дека изминативе недели клучните европски сојузници, заедно со Соединетите Американски Држави донесоа важни одлуки за конкретна воена и економска помош на Украина што ќе овозможи одбрана и потиснување на руските сили надвор од окупираните територии. Јасно е дека само на тој начин можат да бидат создадени услови за крај на војната и обезбедување гаранции дека никогаш повеќе Украина и Европа нема да се соочат со егзистенцијални закани и конфликти од девастирачки размери.

Во овој контекст е важно да потенцираме дека изборот за тоа кога и под кои услови ќе настапи мирот е најправедно да го направат самите украински граѓани, кои се борат за сопствениот опстанок. Нашата поддршка на нивните напори ќе продолжи да биде недвосмислена и конкретна, бидејќи легитимирањето на агресијата како средство за постигнување на било која цел, е не само недозволено, туку и неморално  во свет во кој основна вредност е човечкиот живот.

Светот во кој моќта на агресорот е посилна од мирот и демократијата би бил опасно место за живеење во кое перманентната нестабилност би била нашата „нова нормалност”. Сите слободоумни и мислечки луѓе не смеат да дозволат да живееме во таков свет.

Ви благодарам на вниманието.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски домаќин на Ифтарска вечера по повод Рамазанските пости

Претседателот Пендаровски домаќин на Ифтарска вечера по повод Рамазанските пости

  Претседателот Стево Пендаровски беше домаќин и се обрати на Ифтарската вечера, којашто ја приреди по повод Рамазанските пости и во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам. На вечерата присуствуваа претставници од државно-владиниот врв, бизнис...

Отворен Кабинет за ученици од скопските основни училишта „Љубен Лапе“ и „Димитар Миладинов“

Отворен Кабинет за ученици од скопските основни училишта „Љубен Лапе“ и „Димитар Миладинов“

Во рамки на Отворен Кабинет, ученици од ООУ „Љубен Лапе“ и од ООУ „Димитар Миладинов“, од Скопје, денеска го посетија Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Учениците имаа можност да се запознаат...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Белорусија, Сергеј Малиновски

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Белорусија, Сергеј Малиновски

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Сергеј Малиновски, новоименуваниот амбасадор на Република Белорусија во Република Северна Македонија, со седиште во Белград. Претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата на предавање на...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Египет, Надер Саад

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Египет, Надер Саад

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Надер Саад, новоименуваниот амбасадор на Арапска Република Египет во Република Северна Македонија, со седиште во Софија. Претседателот Пендаровски во...

Средба со учесниците во програмата за регионална мобилност на млади истражувачи и активисти

Средба со учесниците во програмата за регионална мобилност на млади истражувачи и активисти

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими учесници во Програмата за истражување на младински и образовни политики во Младински образовен форум (МОФ). За време на средбата младите од Албанија, Србија и од Северна Македонија,...