Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на генералната дебата на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
Во продолжение е нејзиниот интегрален говор:
Почитувана претседателке на Генералното собрание на Обединетите нации, госпоѓо Аналена Бербок,
Почитуван Генерален секретар на Обединетите нации, господине Гутереш,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Како темел на меѓународното право и мултилатерализмот, Обединетите нации спречија нова светска војна, превенираа бројни конфликти и ги ублажија последиците од многу хуманитарни кризи. Им помогнаа на повеќе народи да го изодат патот до суверена еднаквост, издигнаа милиони луѓе од екстремна сиромаштија, описменија цели генерации. Го поттикнаа глобалното движење за права и слободи, за социјална правда и еднаквост. Ја пробудија совеста за заштитата на животната средина и го мобилизираа човештвото во борбата со климатските промени. За овие, и многу други постигнувања, Обединетите нации, нејзините агенции и лидери добија дури 12 Нобелови награди за мир.
Но, Обединетите нации денес се соочуваат со геополитички и геоекономски земјотрес што ги тресе самите темели на поредокот изграден по Втората светска војна. Денешните кризи се последица на длабоки тектонски поместувања што ги подриваат принципите што го обликуваа светот изминативе 80 години.
Пред наши очи започнува нова геополитичка ера. Наместо заедно да одговориме на ургентните предизвици, како што се мирот и безбедноста, климатските промени и уништувањето на животната средина, вештачката интелигенција и растечките нееднаквости, се чини дека одиме кон пост-хобсовска состојба на војна на сите против самите себе. Наместо еден, меѓународен поредок, како да никнуваат паралелни поредоци, секој со свои правила, вредности и интереси, што, не ретко, се насочени едни против други.
Парализирани и изолирани баш кога се најпотребни, се прашувам дали можеби Обединетите нации се претвораат во Лигата на народите?
Знаците се насекаде околу нас. Наместо да создаваме свест за споделена иднина, човештвото се соочува со војни и со губење на хуманоста. Со сè почестото игнорирање на меѓународното хуманитарно право, гладот станува оружје, а хуманитарните работници мета. Во амбиент на секојдневно насилство, светот осцилира меѓу нихилистички песимизам и хедонистички ескепизам, меѓу безнадежно ламентирање и бездушна индиферентност, како во првите децении на 20. век.
Потресите на меѓународниот поредок отворија длабоки геополитички раседи. Еден од најактивните е во Украина, каде веќе три и пол години беснее војна. Руската агресија е флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и директно ги загрозува меѓународниот мир и безбедноста.
Изразуваме силна загриженост и за неодамнешните нарушувања на воздушниот простор на Полска, Романија и Естонија, земји-членки на НАТО. Ја поддржавме Заедничката изјава од 12 септември и повикуваме на итна деескалација, доследно почитување на меѓународното право и примена на превентивната дипломатија за намалување на тензиите и зачувување на мирот.
Ваши екселенции,
Геополитичката раседна линија минува и низ регионот на Западен Балкан. Процесот на македонското пристапување кон Европската Унија веќе 20 години е континуирано попречуван, но не врз основа на објективните копенхагенски критериуми, туку поради субјективни, националистички причини. Најновиот ЕУ услов за почеток на нашите преговори е нова, наметната промена на Уставот.
Уставот како lex superior и општествен договор меѓу граѓаните, во Русоова смисла на зборот, е највнатрешното прашање на секоја држава. Нашиот устав предвидува четири предлагачи на измени: претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници и 150.000 граѓани. Јасно е дека овластен предлагач на амандмани не може да биде наш сосед, ниту Европската Унија.
Укажувам дека условувањето на почетокот на преговорите со нови уставни измени повторно ги отвора прашањата за историјата, културата и јазикот, за кои бевме убедувани дека се затворени со Преспанскиот договор со Грција.
Постојано сме предупредувани дека договорите мора да се почитуваат: Pacta sunt servanda. Се согласувам, но напоменувам дека во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија нема одредби за уставни измени.
Конечно, со конститутивните акти ЕУ себеси се дефинира како „единство на различности“ и се обврзува да ги почитува „културната и јазична разновидност“, „националниот и културниот идентитет“, „дигнитетот и интегритетот“. Како е можно тогаш од нас да се бара со сосед да разговараме и преговараме за нашата историја, култура и јазик?
По кој знае кој пат потенцираме дека себеси се перцепираме како европјани и длабоко веруваме во европскиот проект, којшто по Втората светска војна донесе мир и економски просперитет. Европскиот идеал останува наша најголема инспирација и стратешка аспирација. Како држава посветена на добрососедството и на регионалната соработка не сакаме спорови со нашите соседи. Она што го посакуваме е да се интегрираме во Унијата, но без дополнителни и посебни услови и со зачувано национално достоинство.
Предупредуваме дека по војната во Украина, блокираната евроинтеграција на Западниот Балкан не е само политичко, туку е безбедносно прашање. Со затворената политичка врата за земјите од Западниот Балкан и широко отворена врата за влијание на трети геополитички центри на моќ, иронично е Унијата да повикува на отпорност кон нив.
Зарем треба да се најдеме на дневниот ред на Советот за безбедност, за ЕУ да го деблокира нашето проширување? Ако Европската Унија сака да биде геополитичка унија, таа не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум.
Kако што укажа претседателката на Европската комисија, Европската Унија мора час поскоро да го скрши оклопот на консензусот ако сака да ја заврши ре-унификацијата на Европа и повторно да стане силен геополитички фактор.
Почитувана претседателке,
Ценети екселенции,
На крајот, не можам а да не се осврнам на еден од геополитички најтрусните региони: Блискиот Исток и Газа.
Блискиот Исток има древна и богата традиција на меѓурелигиски и меѓуетнички соживот. Историјата покажа дека различноста кога се почитува, може да биде извор на културно збогатување и долгорочен мир. Но, исто така, историјата учи дека насилството, без оглед на неговото потекло, ги продлабочува поделбите, го продолжува човечкото страдање и ги оддалечува страните од праведно и сеопфатно решение. Убедени сме дека одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија, во согласност со меѓународното право. Непрокосновеноста на човечкиот живот и достоинство мора да се почитуваат, дури и за време на војна, во согласност со меѓународното хуманитарно право. Во тој дух, ја реафирмираме нашата поддршка на меѓународните напори насочени кон деескалација, инклузивен дијалог и директни преговори.
Ценети екселенции,
Овие геополитички расцепи и тензии недвосмислено упатуваат на следното: без мултилатерални институции и процедури, без меѓународно право и принципи коишто би ги скротиле силните и заштитиле слабите, ние одново ќе го водиме Тукидитовиот мелијански дијалог, во којшто за жал силните го прават она што можат, а слабите она што мораат.
Помислете на толерирањето на бројните повреди на Повелбата на Обединетите нации што отворија пат за нови повреди. Сетете се на неимплементираните резолуции на Генералното собрание, на неспровредените пресуди и игнорираните мислења на Меѓународниот суд на правдата, на мировните напори блокирани во Советот за безбедност.
Соочени со нефункционалноста на актуелниот меѓународен поредокнекои реалисти советуваат да заборавиме на меѓународните договори и конвенции како на непотребен товар и да се засолниме во регионалните блокови и сојузи. За нив, кризите најбрзо и најдобро се решаваат надвор од Обединетите нации, без мандат од Советот за безбедност. Но, отстапувањето од универзалните принципи и механизми во полза на прагматичниот опортунизам и посегањето по ad hoc мерки не турка кон неизвесна иднина на растечки геополитички и геоекономски натпревар, па дури и во конфронтација во трката за ресурси.
Зарем таков суров свет ќе им оставиме на нашите потомци?
Алтернативата е да се обидеме да го ревитализираме мултилатерализмот и да ги направиме неговите институции поотпорни на системските потреси.
Почитувани,
Ценети присутни,
Младите генерации имаат право на обновена Повелба, на реформирани и силни Обединети нации што ќе им овозможат да живеат во мир меѓу народите но и во мир со природата.
Тие реформи не смеат да бидат козметички, туку длабоки за да овозможат поголема инклузивност, хармонизација меѓу вредностите и механизмите, оптимизација на националните и глобалните интереси, силни и функционални институции.
Реформите на Обединетите нации зависат од тоа дали на нив се гледа како на можност за обнова на меѓународниот поредок втемелен на право и правила, или како оспорување на привилегиите на некои земји-членки. Но, која е поентата да се биде привилегирана земја-членка на нефункционална, нерелевантна, маргинализирана меѓународна организација?
За ефективни Обединетите нации, потребно е да се реформира Советот за безбедност, за да биде поинклузивен, поотчетен и поодговорен за одржувањето на меѓународниот мир и безбедност. Генералното собрание мора да прерасне во претставнички орган за креирање политики, наместо да остане дебатен клуб. Имплементацијата на пресудите на Меѓународниот суд на правдата мора да стане задолжителна за сите земји-членки, обезбедувајќи владеење на правото.
Реформата е потребна не само заради старите, туку и заради новите предизвици. Вештачката интелигенција носи огромни можности, но и несогледливи ризици за нашата цивилизација. Таа не е обичен технолошки скок. Нејзиното влијание може да биде и поголемо од индустриската и дигиталната револуција. Свесни за ова, мојата држава и јас го поддржуваме предлогот вештачката интелигенција да биде еден приоритетите на 80-тата седница.
Следната година ќе бираме нов Генерален секретар на Обединетите нации. Потребна ни е личност со лидерски вештини, со богато дипломатско искуство, со способност да ги премостува разликите и да гради консензус, но и да биде длабоко хумана и посветена на ранливите. Идниот прв дипломат на светот мора да има многу знаење, трпение и такт. По 80 години од основањето, крајно време е за жена Генерален секретар на Обединетите нации. Во свет доминиран од силни мажи, често со оружје, потребни ни се силни жени со мудрост и емпатија. Верувам дека жените, кои, заедно со децата се најголемите и најбројни жртви на војните, имаат неотуѓиво право и обврска да посегнат по нивна превенција.
Анархичниот меѓународен поредок е закана за сите, а најмногу за малите држави. Природно е малите и средни држави да бидат најголемите поддржувачи на реформите на Обединети нации.
Ценети екселенции,
Дозволете да споделам што правиме ние на овој план. Го поддржавме усвојувањето на Пактот за иднината како нов глобален општествен договор. Живеејќи во еден од климатски најранливите региони во светот, Медитеранот, македонските граѓани веќе ги чувствуваат последиците од климатската криза, како што се екстремните временски услови. Затоа, на COP29 во Баку го поддржавме спроведувањето на Парискиот договор.
Ја поддржавме „Обврската од Севиља“ за финансирање на развојот и ги интегриравме Целите за одржлив развој во нашата Национална развојна стратегија 2024-2044.
На Третата конференција на ОН за океанот во Ница се заложивме за силно меѓународно управување со океаните, поддржувајќи го Акцискиот план.
Вложуваме големи напори за промоција на женското лидерство и имплементацијата на агендите за жените, мирот и безбедноста.
Ја потпишавме новата Рамка за соработка со Обединетите нации 2026-2030, заради обезбедување на инклузивен социјален и човечки развој, одржлива економија и достојна работа, отпорно и зелено општество и екосистеми, владеење на правото и добро управување.
Почитувани,
Пред голем испит сме: или ќе го гарантираме меѓународен поредок врз визионерски принципи, или ќе итаме кон катастрофа со несогледливи размери за човештвото.
Поранешниот Генерален секретар Даг Хамершелд потсети дека „Обединетите нации не се формирани за да нè однесат во рајот, туку за да нè спасат од пеколот. […] Треба да ги препознаеме Обединетите нации за она што се – навистина несовршен, но неопходен инструмент на нациите во работењето за мирна еволуција кон поправеден и побезбеден светски поредок.“ Да им ја дадеме таа шанса.
Благодарам.