Обраќање на претседателот Пендаровски на свечената заклетва на 25. класа и промоцијата на 21. класа питомци на Воената академија

2 декември 2021 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски денеска присуствуваше и се обрати на воената свеченост по повод давањето свечена заклетва на питомците од 25. класа и промоцијата во потпоручници на питомците од 21. класа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје.

На свеченоста, на која присуствуваа и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска Јанковска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски беа врачени наградите на најдобро рангираните потпоручници. Претседателот Пендаровски ја додели наградата на прворангираниот потпоручник Реџеп Мустафовски.

Почитувани припадници на Армијата и на Mинистерството за одбрана,
Почитувани питомци,
Драги гости од регионот,
Претставници на медиумите,

Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам на денешнава свеченост. Денес сме сведоци на заклетвата на новата генерација, 25-та класа на питомци, како и на промоцијата во чин потпоручник на 21-та класа на питомци во нашата Армија. Во текстот на заклетвата што ја чувме се спомнуваат слободата, сувереноста, самостојноста, територијалниот интегритет. За овие зборови денес да бидат реалност, нашиот народ низ историјата има дадено огромни жртви, а идејата за сувереност и самостојност пред 30 години ги водеше македонските граѓани да се определат за своја, слободна и независна македонска држава.

Според Уставот, должност на вооружените сили е да го штитат територијалниот интегритет и независноста, a вие, припадниците на Армијата, сте најповикани да ја чувате слободата на нашиот заеднички дом. Тоа е највисока законска и морална одговорност која некој може да ја добие и затоа не само од мене како ваш Врховен Командант, туку од сите македонски граѓани ја имате и ќе ја имате нашата највисока почит.

Ценети присутни,

Меѓу нашите најголеми достигнувања за 30 години независна држава, секако се вбројува членството во НАТО, со што, од најмоќните држави и армии на светот добивме гаранции за нашиот територијален интегритет. Неодамна, на 16 ноември, ја потпишавме и Заедничката декларација со која и формално го заокруживме процесот на воената интеграција на Северна Македонија во Северно Атлантската Алијанса. Тоа, се разбира не значи крај на реформите во сферата на одбраната. Остануваме посветени на дадениот збор, до 2024 година да го достигнеме прагот од 2% од бруто националниот производ издвојување за одбраната.

Со засилувањето на нашите одбранбени капацитети и потенцијали не добива само армијата. Предвидливата иднина која ја обезбедува членството во НАТО е стабилна основа за продолжување и на демократските реформи што повратно влијае врз економскиот раст и повисокиот животен стандард на граѓаните.

Иако пандемијата на КОВИД-19 и енергетската криза притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, сепак, мораме да останеме посветени на вложувањата во одбраната и безбедноста затоа што тие се основата за функционирање и на сите други општествени сектори. Ќе споменам само два примери од последнава година кога сосема конкретно можевме да се увериме дека инвестирањето во одбраната значи инвестирање и во справувањето со предизвици и во сосема други области. Сите бевме сведоци за ангажираноста на Армијата во текот на најголемите пикови на пандемијата кога делови од армиските единици беа ангажирани во помош и поддршка на здравствените и други институции во државата. Или, пожртвуваното учество на Армијата во справувањето со пожарите во текот на ова лето.

Почитувани припадници на Армијата,

Секоја човечка творба, секоја институција се создава и се одржува со зборови поткрепени со дела. Нашиот демократски поредок се базира врз напишаните зборови во Уставот и законите, но, војниците и старешините се тие кои зборовите ги претвораат во дела. Армијата останува да биде доследен чувар на вредностите кои ги слушнавме во заклетвата, како дисциплина, совест, одговорност, должност и чест. Сите овие доблести потврдуваат дека грижата за татковината не е само професија, туку е пред се, личен однос кон земјата и народот што подразбира љубов, посветеност и подготвеност за жртва.

Одбирајќи ја оваа професија, вие, питомците и идните студенти, застанувате зад благородна кауза. На Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ ќе можете да ги надградите знаењата за современите концепти на одбраната, но и да ги доизградите вашите морални, етички и човечки вредности неопходни за секој лидер со интегритет и чест.

Ова е голем ден и за сите вие кои денеска сте промовирани во потпоручници. Офицерскиот чин значи чест, достоинство и одговорност кон Армијата и кон татковината. Од вас очекуваме да внесете нова енергија и нови знаења и вештини во структурите на Армијата и сето она што го научивте во изминатите четири години да го пренесете во командите и единиците со што ќе придонесете за зацврстување на борбената готовност и морал на Армијата.

При тоа, она што е многу важно и што мораме сите заедно да го правиме секој ден, без исклучок, за време на целиот работен век, е да ја држиме политиката што подалеку од армиските редови. Вие морате да и служите на државата независно од политичките гарнитури на власт и независно од вашите лични политички убедувања. Да повторам, затоа што тоа е фундаментот на секоја професионална армија – политиката мора да биде надвор од војската.

Почитувани граѓани,

Денеска им оддаваме посебно признание на тројцата најуспешни питомци, Реџеп Мустафовски и Илчо Ѓоргиевски од родот врски и Дамјан Анѓелески од родот пешадија. Овие тројца питомци покажуваат дека дисциплината, совесноста и одговорноста се клучни за секој успех, во секоја сфера. Во Армијата на Република Северна Македонија нема и не смее да има место за стереотипи и предрасуди од било каков вид. Надминувањето на старите навики и обичаи, инклузијата и диверзитетот треба да бидат наши клучни приоритети, денес и во иднина. Тоа што годинава потпоручник Реџеп Мустафовски е најдобриот питомец е убедлив доказ дека вистинските вредности полека, но, сигурно ги надминуваат старите предрасуди.

Не случајно Армијата е институција со континуирано висока доверба меѓу македонските граѓани. Нашите луѓе препознаваат дека припадниците на Армијата се мажи и жени од збор.

Како што со право секоја година велиме дека припадниците на Армијата треба да ја почитуваат дадената заклетва, така и државата мора да ги исполнува своите обврски кон своите старешини и војници. Врвен приоритет во сферата на одбраната е да се грижиме за војниците и старешините, да работиме на подобрување на стандардот на сите оние кои, наспроти сите предизвици, ја одбрале оваа благородна, но, многу одговорна животна професија.

Драги питомци, уште еднаш ви го честитам давањето на заклетвата, како и промоцијата во чин потпоручник.

На сите, нека ви е со среќа!

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...