Претседателот Пендаровски се обрати на одбележувањето на Светскиот ден на детето

20 ноември 2021 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на одбележувањето на Светскиот ден на детето, во организација на УНИЦЕФ. На настанот насловен „Младински повик за акција да преосмислиме подобра иднина“, носителите на одлуки и креаторите на политики имаа можност да ги слушнат младите и нивните повици за акција за прашањата што се важни за нивната генерација – од клима до ментално здравје, образование, еднаквите можности и подобриот квалитет на живот.

Денешниот настан се надоврзува на иницијативата „Преосмисли ја иднината“ што ја спроведуваат УНИЦЕФ и претседателот Пендаровски, во која младите од целата земја ги споделија своите гледишта и идеи за решенија на најголемите предизвици што ги засегаат нивните животи и нивната иднина.

Драги деца и млади,
Почитувани претставници на УНИЦЕФ,
Почитувани претставници на државните институции,
Почитувани гости кои сте физички присутни на денешниот настан и сите кои нè следите онлајн,

Ми претставува особена чест и големо задоволство да ви се обратам како покровител на денешното одбележување на Светскиот ден на детето ‒ 20 ноември што се одвива во организација на УНИЦЕФ.

Навистина имам тешка задача да го задржам вашето внимание по инспиративните говори на нашите Ерза, Ива и Станиша, кои суштински нè воведоа во три теми кои ги засегаат младите, но и сите останати возрасни категории, а тоа се квалитетното образование, животната средина и генерално, квалитетот на животот.

Пред да споделам дел од моите гледишта во врска со споменатите прашања, ќе дозволите најпрво да им го честитам 75-годишниот јубилеј на УНИЦЕФ. Нивната долгогодишна работа на сите светски меридијани и програмите и проектите за подобрување на правата, положбата и квалитетот на животот на децата, несомнено ја заслужуваат нашата почит.

Ценејќи ја мисијата на УНИЦЕФ, но и визијата и желбата за акција во периодов со кој сме оптоварени со пандемијата на ковид-19, посебно се радувам што имам можност да бидам покровител на иницијативата „Преосмисли ја иднината“ која се состои од дискусии, консултации, работилници за и со младите. Впрочем, и денешното одбележување на денот на детето е директно поврзан со тие активности. Имено, токму трите теми за кои денес разговараме беа избрани од самите млади на почетокот на иницијативата во февруари оваа година. Подоцна во текот на летото следеа работилници на споменатите теми на кои бевме сведоци на солиден интерес и висок степен на проактивност и креативност на младите кои беа вклучени во проектот.

Квалитетното образование е невозможно без инвестирање во него, без современи наставни програми и стекнување на практични вештини. Нужно е образованието да продуцира кадри согласно потребите на пазарот на трудот. Како човек кој дел од својата професионална кариера ја поминал во образованието, апсолутно сум согласен дека без ставањето на образованието и науката на приоритетна позиција не можеме да очекуваме побрз економски развиток и севкупен општествен напредок.

Образованието, здравството, функционирањето на правната држава, заштитата на животната средина се клучот за квалитетен живот.

Потребно е да се справиме со базичните работи како сузбивање на дивите депонии, депонирање на сметот, почитување на регулативите за загадување. Во овој контекст целосно се сложувам со мислењата на младите изразени во работилниците дека ни се потребни системски и креативни решенија за да ја заштитиме животната средина. И во овој сегмент, ќе нагласам, клучно е нашето однесување и како поединци.

Драги пријатели,

Денес, додека денеска говориме, на Светскиот ден на детето, илјадници деца ширум светот умираат од глад, илјадници се без покрив над главата, без пристап до образование, илјадници како бегалци чекаат да најдат спас и подобар живот во меѓуграничните појаси, на ничија земја, во импровизирани кампови. Додека ова го зборуваме на крстосниците на нашиот главен град, но и во другите градови, имаме деца питачи, десетици деца надвор од школскиот систем, имаме и деца кои, воопшто, не се евидентирани во матичните книги на родените. Мораме да се соочиме со сите овие проблеми и да најдеме конкретни решенија брзо. Апелирам до надлежните институции, да не дозволиме ниту едно дете да ни е на улица, надвор од образовниот систем, маргинализирано или злоупотребено.

Пандемијата, за жал, покажа колку се ранливи децата и колку новата, грда реалност ги загрози нивните слободи, нивните соништа, безгрижното детство. Нека сето ова биде предизвик за сите нас, можност за еден вид ресетирање, поставување на приоритетите и суштинско вклучување на младите во процесите на одлучување.

На крајот, дозволете уште еднаш, да ги повикам сите клучни институции да работат на проблематиките за деца и млади, и заеднички да работиме на посреќна иднина. Гласот на младите мора да биде чуен и вграден во донесувањето на одлуките. Преосмислувањето на иднината мора да започне од сегашноста бидејќи без осмислување на сегашноста не можеме да ја преосмислиме ниту иднината.

Ви посакувам понатамошна успешна работа и продуктивни дискусии.

Ви благодарам.


Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба на претседателот Пендаровски со претставници на ЗНМ и на меѓународни новинарски и медиумски организации

Средба на претседателот Пендаровски со претставници на ЗНМ и на меѓународни новинарски и медиумски организации

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Здружението на новинари на Македонија, како и претставници на неколку меѓународни новинарски и медиумски организации. На средбата се разговараше за прашања поврзани со слободата на изразување и независноста...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Ангола

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Ангола

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Ангола во Република Северна Македонија со седиште во Будимпешта, Жозе Филипе. На церемонијата на предавање на...

Доделено признанието „Инженерски прстен 2023“ на 12 најуспешни дипломирани инженери

Доделено признанието „Инженерски прстен 2023“ на 12 најуспешни дипломирани инженери

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги врачи инженерските прстени на 12 најуспешни дипломирани студенти од македонските факултети што негуваат инженерски дисциплини. Манифестацијата „Инженерски прстен“, која традиционално е под покровителство на претседателот на...

Отворен кабинет со ученици од САД на размена во земјава во рамки на програмата Yes abroad

Отворен кабинет со ученици од САД на размена во земјава во рамки на програмата Yes abroad

Во рамки на активноста Отворен кабинет денеска Кабинетот на претседателот го посетија ученици од САД кои се на размена во земјава како дел од програмата Yes abroad на Американски совети за меѓународно образование – Северна Македонија. [gallery...

Интервју на претседателот Стево Пендаровски за Радио Слободна Европа

Интервју на претседателот Стево Пендаровски за Радио Слободна Европа

Понижувачки е да се слушаат критиките кои доаѓаат од САД и ЕУ, но тие претходно направија стратешка грешка и го заборавија Западниот Балкан и овие директни критики доаѓаат дури сега, вели во интервју за Радио Слободна Европа, претседателот Стево Пендаровски. Тој...