Претседателот Пендаровски се обрати на Младинскиот самит за климатски промени во Скопје

20 октомври 2021 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на Младинскиот самит за климатски промени во Скопје – од Милано до Глазгов и понатаму.., иницијатива која е поддржана од УНИЦЕФ, а финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој (СИДА). Самитот е организиран во партнерство со Амбасадата на Италија, како еден од домаќините на Младинскиот самит за климатски промени на ОН, во Милано и Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како домаќин на Конференцијата за климатски промени на ОН, во Глазгов.

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Драги учесници,

Чест ми е да го отворам овој Младински самит за климатски промени што го организираме во тесна соработка со УНИЦЕФ, а како дел од нашата заедничка инцијатива „Преобмисли ја иднината“.

Годинава прославуваме три децении од македонската независност, години на успеси, но, и на бројни предизвици кои стоеја и сеуште стојат пред нашата заедничка држава. Несомнено е дека наредните 30 години, не само за нас во Република Северна Македонија, туку и за целиот свет, ќе бидат дефинирани од најголемиот глобален предизвик, а тоа се климатските промени.

Последниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени – IPCC недвосмислено укажува дека ние веќе ја живееме последната деценија во која ќе можеме да влијаеме за да го ограничиме глобалното затоплување. Меѓутоа, за тоа да го направиме ќе биде неопходно брзо и од корен да го промениме енергетскиот и производствениот систем во светот. Ќе мора да стекнеме нови, одржливи животни навики и да покажеме многу поголема грижа за животната средина. Во спротивно, ако не успееме на глобално ниво драстично да ги намалиме емисиите на стакленички гасови во текот на оваа пресудна деценија, и ако не успееме да постигнеме нето нула емисии до 2050 година, тогаш неминовно ќе дојдеме до точката од која ќе нема враќање.

Годинешниве шумски пожари и поплави и кај нас и во Европа ни претскажуваат каква иднина не очекува. Поради климатските промени екстремните временски услови ќе бидат се почести и се поинтензивни, со повеќе човечки жртви и поголеми штети за националните економии и екосистеми. Во некои региони ќе зачестат топлотните бранови, суши и пожари, а во други, бурите и поплавите. Особено ранлив на климатските промени е и ќе биде Медитеранскиот регион на кој и ние припаѓаме.

Тоа се констатациите и предвидувањата на науката. Но, што можеме ние да направиме во врска со тоа? Реално, самите можеме многу малку, но, заедно со другите држави во Европа и светот, можеме да направиме многу. Северна Македонија е една од првите држави која усвои Национална стратегија за енергетски развој до 2040 година. И покрај пандемијата на Ковид-19, годинава усвоивме ревидиран национален утврден придонес за намалување на стакленичките гасови. Утврдивме дури 63 планови за климатска акција што се директно поврзани со 15 цели за одржлив развој.

Ме радува што неодамна Владата ја усвои Долгорочната стратегија за климатска акција со Акциски план. Целта на оваа стратегија е да постигнеме зелен, ниско јаглероден и климатски одржлив развој. Стратегијата не обврзува да ги намалиме националните нето емисии на стакленички гасови за 72% до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година.

Почитувани учесници на младинскиот самит,

Последиците од одлуките што ги носи нашата генерација ќе ги чувствуваат сите наредни генерации. За десеттина дена треба да учествувам на Светскиот лидерски самит за климатски промени во Глазгов. Таму освен што ќе ги пренесам ставовите и политиките на нашата држава, заедно со другите светски лидери ќе се застапувам за иднината на вашата и на сите наредни генерации.

Вие сте најинформираната и најдигитализирана генерација во историјата на човештвото. За да излеземе на крај со овој глобален предизвик нам ни се неопходни вашиот ентузијазам, вашите иновативни и креативни идеи и решенија. Затоа сме денеска тука, да ги чуеме вашите размислувања за тоа како конкретно, на дело да ги оствариме споменатите стратегии, и да овозможиме побезбедна иднина и за вас и за идните поколенија.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба на претседателот Пендаровски со Аналена Баербок, сојузна министерка за надворешни работи на СР Германија

Средба на претседателот Пендаровски со Аналена Баербок, сојузна министерка за надворешни работи на СР Германија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Аналена Баербок, сојузна министерка за надворешни работи на Сојузна Република Германија, која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. На средбата се...

Претседателот Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија

Претседателот Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија

Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот на усвоениот Закон за амнестија, со кој се предвидува лицата осудени за кривичните дела од член 205 „Пренесување на заразна болест“ и член 206 „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“...

Повик за акредитирање на медиумски екипи – Официјална посета на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен

Повик за акредитирање на медиумски екипи – Официјална посета на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен

Ве известуваме дека на 28 и 29 март 2023 година во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува сојузниот претседател на Република Австрија, Н.Е. д-р Александер Ван дер Белен, во придружба на неговата сопруга, г-а Дорис Шмидауер. Заинтересираните...

Претседателот Пендаровски се обрати на чествувањето на јубилејот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов“ во УНЕСКО во Париз

Претседателот Пендаровски се обрати на чествувањето на јубилејот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов“ во УНЕСКО во Париз

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Париз се обрати на отворањето на меѓународниот симпозиум во рамки на чествувањето на јубилејот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов (1923 – 1982)“, што се одржува под негово покровителство во соработка со УНЕСКО. Воедно,...

Средба на претседателот Пендаровски со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле

Средба на претседателот Пендаровски со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Париз оствари средба со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле. На средбата се разговараше за севкупната соработка на Република Северна Македонија со УНЕСКО, во контекст на 30-годишнината од нашето членство во...