Учество на претседателката Сиљановска-Давкова на националната конференција „Заедно сме посилни“

3 март 2025 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова учествуваше на националната конференција „Заедно сме посилни“ во организација на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес.

 
Како активистка за еднаквост и општествена инклузија на лицата со попреченост, претседателката истакна дека, на патот од стигма до идеал, имаме недовршена работа. За многумина и натаму постојат бариери кои им го попречуваат пристапот до основните права. Како што посочи таа, компасот до целта, на која не чекаат убавината и добробитта на правото на избор, правото на пристап до образование, здравство, можноста овие луѓе да го посетат паркот или библиотеката, без пречки да отидат до сосетката, е во Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, иако истата е донесена доцна – усвоена е во 2006-та, а на сила стапи во 2008-ма година.
 
,,Тој е првиот обврзувачки правен акт во доменот на меѓународното право за правата на човекот во 21 век, една од деветте конвенции за човековите права кои ја претставуваат сржта на меѓународното право за правата на човекот. Уште повеќе – таа преставува и официјално признавање на хендикепот како прашање на човековите права во меѓународната сфера. Тој квантен скок е навистина голем исчекор затоа што преку тој инструмент се создава социјален модел на гледање на хендикепот. Не како милосрдие, кој долго беше втемелен систем, туку овозможи да се создаде социјален модел на гледање на хендикепот како прашање на правата на човекот. Мојот став е дека нема хендикепирано лице, туку има хендикепирана држава што не препознава дека луѓето понекогаш на друг начин ги изразуваат своите способности”, рече претседателката.
 
Цитирајќи ги членот 5 кој гарантира еднаквост и недискриминација и членот 6 од Конвенцијата кој се однесува на жените со попреченост, претседателката посочи дека односот кон лицата со попреченост е високо во приоритетните прашања во рамки на нејзиниот мандат. За неа, тоа прашање е важно не само како претседателка, туку и како професорка, мајка, сопруга, жена и како пријателка.
 
,,Мојот ангажман, но и пошироката мисија во политичка смисла е да ја развивам државата во која сите лица со попреченост ќе учествуваат како еднакви граѓани. Веќе работам на подигнување на јавната свест за предизвиците со кои се соочуваат тие. Во односите со Владата, високо на политичката агенда, го поставувам прашањето на лицата со попреченост и тоа го истакнувам во сите мои јавни настапи. Ја афирмирам Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп на локално ниво и мислам дека токму вклученоста на локалните власти е еден од клучевите да се стигне до успехот. Давам поддршка за адаптација на јавни простори кое би вклучувало активно лобирање за инвестиции во инфраструктура која ги исполнува стандардите за пристапност, како рампи, лифтови и прилагодени јавни тоалети, за лицата со физички попречености; Организирање на јавни кампањи за борба против стигмата и предрасудите кон лицата со посебни потреби; Формирање претседателски Центар за следење на активности за подобрување на правата на лицата со посебни потреби; Континуирана комуникација и соработка со социјални и здравствени институции” истакна претседателката и потенцираше дека не смееме да дозволиме во 21 век одењето по тротоар да биде невозможна мисија затоа што тој простор е окупиран од возила.
 
Во однос на јазот меѓу градските и руралните средини, особено за женската популација. претседателката смета дека сите заедно треба да најдеме форми и начини и да навлеземе во непристапните зони кои се херметички затворени во светот на традиционализмите. ,,Од нас зависи”, заклучи претседателката.
 
На денешната национална конференција ,,Заедно сме посилни” зборуваа и Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади, Михаил Рокас и Ами Ларсон Џаин, амбасадори на ЕУ и на Шведска во земјава. Секој од нив, од свој аспект, говореше дека работат во насока на намалување на дискриминацијата и обезбедување на еднакви услови за сите. ,,Ниту една жена не смее да биде оставена и да биде исклучена само затоа што е жена или има попреченост”, се согласија говорниците.
 
На конференцијата, на 2 одделни панели своето искуство го споделија жени со некој вид на попреченост, како и жени од руралните средини. И едните и другите, истакнаа дека до ден денес се соочуваат со стигма, ограничен пристап до услуги, како и отсуство на можност за соодветно образование.
 
Денешната конференција е поддржана од Фондацијата Kvinna till Kvinna и Шведска. Инаку, Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес активно ги застапува правата на лицата со попреченост, со посебен акцент на жените и девојките, преку обезбедување низа социјални услуги во Вардарскиот плански регион. На лицата со попреченост, со социјалната услуга „Живеење со поддршка“, преку сместување на 20 корисници во мали групни домови со 24 часовна поддршка, како и со лична асистенција, им нуди целосна поддршка во секојдневните активности.
 
,,Личните асистенти се најголемите пријатели на луѓето со попреченост, асистентите се оние кои им ја даруваат успешноста на животот. Нека го разбудат асистентот во секој од нас”, додаде претседателката во изјавата за медиумите.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова од Подгорица: Време е за стратешки чекор на ЕУ кон Западниот Балкан

Сиљановска-Давкова од Подгорица: Време е за стратешки чекор на ЕУ кон Западниот Балкан

Време е за стратешки чекор на ЕУ кон Западниот Балкан. По долгата, па и маратонска евроинтеграција, заедничката географија, историја и култура треба да се заокружат со отворање на вратите за членство на балканските држави, порача претседателката Гордана...

Сиљановска-Давкова оствари средба со црногорскиот претседател Милатовиќ

Сиљановска-Давкова оствари средба со црногорскиот претседател Милатовиќ

Традиционално пријателство, меѓусебна поддршка и разбирање и заедничкa стратешка цел за членство во ЕУ ги карактеризираат македонско-црногорските односи, беше заклучокот на денешната средба на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со претседателот на Црна Гора,...

Сиљановска-Давкова ќе учествува на Балканскиот форум за интеграција 2025 во Црна Гора

Сиљановска-Давкова ќе учествува на Балканскиот форум за интеграција 2025 во Црна Гора

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе престојува во работна посета на Црна Гора, по повод учеството на Балканскиот форум за интеграција 2025 којшто ќе се одржи во Подгорица во организација на Европското движење во Црна Гора и Министерството за надворешни...

Сиљановска-Давкова: Нашата дијаспора може да биде важен ресурс за економски, образовен, научен и културен развој

Сиљановска-Давкова: Нашата дијаспора може да биде важен ресурс за економски, образовен, научен и културен развој

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на јавната расправа за Национална стратегија за соработка со дијаспората, организирана од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, презентирајќи оценка, забелешки и предлози. За неа,...

Сиљановска-Давкова: Фемицидот е еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени

Сиљановска-Давкова: Фемицидот е еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на панел-дискусијата насловена „Од пријавување на насилството до спречување на фемицид – системски одговор“, организирана од мисијата на ОБСЕ во Скопје. Таа истакна дека...