Претседателка

Гордана Сиљановска-Давкова е пензионирана универзитетска професорка по Уставно право и по Политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основното и средното образование ги завршува во Скопје, по што го продолжува образованието на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Додипломските студии ги завршува во 1978 година, а своето образование го продолжува со магистерски студии на истиот факултет. Во 1994 ги завршува докторските студии „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, Република Словенија. Истата година е избрана за доцент, во 1999 за вонреден професор, а во 2004 година за редовен професор на Катедрата за уставно право и политички системна Правниот факултет во Скопје. Проф. д-р Сиљановска Давкова е автор или коавтор на повеќе од 200 наслови од областа на правото, политичкиот систем и уставното право. Во 2016 година, студентите ја избраа за најинспиративен професор на Правниот факултет. Таа е втемелувач на клиничкото (практично) правно образование во Република Македонија. Била раководител на Институтот за правни и правно-политички науки и член на Деканската управа, и раководител на Катедрата за уставно право и политички систем. Еден е од основачите на политичките студии и политичките науки во земјата.Во својот општествен ангажман таа била член на Уставната комисија во Собранието на Република Македонија (1991-1992); министер без ресор во Владата на РМ (1992-1994); претседател на Координативното тело за соработка со CEELI (Централно и источноевропската правна иницијатива), 1992-1994, основана од Американската адвокатска асоцијација (American Bar Association – ABA); основач и член на Првиот македонски совет на Европското движење; претседател на Македонскиот национален комитет за родова еднаквост (1999-2002); претседател на Женското лоби, Работна група за родови прашања (2002-2004); претседател на Граѓанското движење на Македонија (2004-2005); еден од основачите на институтот „Евро-Балкан“.

Во 1991 година е член на експертската група на Женевската конференција за поранешна Југославија. Од 1994 година е дел од експертите за родови прашања на УНДП, а од 1998 е експерт за изборни прашања нa ООН. Била член на Управувачкиот комитет за локална и регионална демократија (CDLR), при Советот на Европа (1996-2002). Член е на Меѓународното здружение за уставно право од 1999 до денес. Член (од 2002 до 2023) е на Групата на независни експерти за Европската повелба за локална самоуправа, Совет на Европа, Стразбур каде е и потпретседателка (2004-2012). Во периодот 2008 – 2016 година ја претставува Република Македонија во Венецијанската комисија. Добитничка е на многу награди, вклучително и за придонес кон владеењето на правото од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и на медал за нејзината работа кон родовата еднаквост од Сојузот на жени на Македонија. Таа во 2019 беше кандидат на претседателските избори поддржана од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. На предвремените парламентарни избори во 2020 година, Сиљановска-Давкова е носителка на кандидатската листа за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Изборна единица 1.
Како независен пратеник во рамки на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата таа е избрана за: претседателка е на Комисијата за еднаквост на жените и мажите, членка на Комисијата за политички систем и Комисијата за образование, како и на Националниот совет за евроинтеграции. Исто така, членка е на Управувачкиот комитет за соработка со Шведскиот парламент и на Комисијата за соработка со Израелскиот парламент. Заменик- членка е на Комисијата за европски прашања и на делегацијата во ОБСЕ. Важи за една од најактивните пратенички.

Гордана Сиљановска Давкова е родена на 11 мај 1953 година во Охрид, мажена е и има две деца.