Надлежности

Права и должности

Претседателот на Република Северна Македонија ја претставува Републиката и е врховен командант на вооружените сили.

Своите права и должности Претседателот на Републиката ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање и со мандат од пет години.

Пред преземањето на должноста, претседателот на Републиката дава свечена изјава пред Собранието со која се обврзува на почитување на Уставот и законите на државата.

Претседателот на Република Северна Македонија:

  • го врачува мандатот за состав на Владата на Република Северна Македонија;
  • ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и специјалните пратеници на Република Северна Македонија во странство;
  • ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници;
  • предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија, кои ги избира Собранието на Република Северна Македонија;
  • предлага двајца членови на Судскиот совет, кои ги избира Собранието на Република Северна Македонија;
  • предлага Гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија, кој го именува Собранието на Република Северна Македонија;
  • именува и разрешува директор на Агенцијата за разузнавање;
  • поставува и разрешува Началник на Генералштабот на Армијата;
  • именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Северна Македонија;
  • именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;
  • доделува одликувања и признанија во согласност со закон;
  • дава помилување во согласност со закон и врши други функции утврдени со Уставот.

Претседателот го потпишува указот за прогласување на законите со претседателот на Собранието. Претседателот може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Претседателот на Републиката го известува Собранието за прашања од неговата надлежност најмалку еднаш годишно.

Регулатива

Устав

Одлука за прогласување на Уставот на Република Македонија – 17 ноември 1991 година

Одлука за прогласување на амандманите I и II на Уставот на Република Македонија – 6 јануари 1992 година

Одлука за прогласување на амандманот III на Уставот на Република Македонија – 1 јули 1998 година

Одлука за прогласување на амандманите IV, V, VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII и XVIII на Уставот на Република Македонија – 16 ноември 2001 година

Одлука за прогласување на амандманот XIX на Уставот на Република Македонија – 26 декември 2003 година

Одлука за прогласување на амандманите XX, XXI, XXII, XXIII, XXIV, XXV, XXVI, XXVII, XXVIII, XXIX И XXX на Уставот на Република Македонија – 7 декември 2005 година

Одлука за прогласување на амандманот XXXI на Уставот на Република Македонија – 9 јануари 2009 година

Одлука за прогласување на амандманот XXXII на Уставот на Република Македонија – 12 април 2011 година

Одлука за прогласување на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија – 11 јануари 2019 година