Внатрешна политика
Во делот на внатрешната политика, во согласност со неговите уставни надлежности, претседателот на Република Северна Македонија:
- го определува мандатот за состав на Владата на Република Северна Македонија;
- предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија;
- предлага двајца членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија;
- именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Северна Македонија;
- именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;
- доделува одликувања и признанија во согласност со закон;
- дава помилувања во согласност со закон;
- врши други функции утврдени со Уставот.
Претседателот на Република Северна Македонија, своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и на законите.
Голем дел од активностите на претседателот на Република Северна Македонија, на внатрешен план, не се дефинирани со Уставот и со законите и произлегуваат од неговите приоритети посветени на поддршка на политичкиот дијалог, промоција и поддршка на активности на младите, како и проекти и активности во областа на образованието, науката, заштитата на животната средина, граѓанскиот сектор, економската соработка, унапредување на правата на ранливите групи во општеството и подобрување на инклузијата.
Активностите на претседателот на внатрешен план вклучуваат:
- посети на локално ниво – општини, локални заедници, образовни и културни институции и сл.;
- средби со граѓани во Кабинетот и во средините во коишто тие живеат и работат;
- учество на конференции и на други манифестации во државата;
- покровителства на настани од национален и поширок интерес за државата;
- одржување предавања на настани во нашата земја;
- доделување стипендии во соработка со Министерството за образование и наука;
- активности поврзани со промоција на македонската наука и иноваторство;
- иницирање и реализирање проекти во соработка со научно-образовни институции и граѓански организации во државата;
- поддршка на спортски и на културни настани;
- поттикнување и поддршка на политичкиот дијалог.
Покрај личниот ангажман на претседателот и членовите на Кабинетот во негово име, исто така, се ангажирани за промоција и за реализација на зацртаните приоритети преку учество во работа на комисии, координативни тела и меѓуресорски групи на ниво на земјата, давајќи предлози, сугестии и идеи од име на претседателот.
Соработка со граѓанскиот сектор
Развојот на граѓанскиот сектор има исклучителна важност за развојот на демократските вредности на една земја, како и за подигнување на јавната свест. Придонесот на граѓанскиот сектор за промовирање и за градење граѓанска култура е и одраз на соработка со државните институции.
Претседателот на Република Северна Македонија во соработка со граѓанските организации постојано се залага за развојот на граѓанското општество и за остварување на потребите на граѓаните за да имаат поквалитетен живот и подобра иднина. Областите на соработка со граѓанските организации се различни, како хумани и хуманитарни проекти, образование, култура, екологија, маргинализирани групи и лица со попреченост, демократија и граѓанско право.