Одбрана и безбедност
Во делот на одбраната и безбедноста, а во согласност со своите уставни и законски надлежности, претседателот на Република Северна Македонија како врховен командант на вооружените сили на Република Северна Македонија го поставува и го разрешува началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија и поставува и разрешува генерали. Тој е и претседател на Советот за безбедност на Република Северна Македонија и именува тројца од членовите на Советот. Претседателот, исто така, го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за разузнавање.
Во остварувањето на одбраната, претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата:
- донесува стратегија за одбрана на Републиката;
- донесува план за одбрана на Републиката;
- донесува процена за можните воени и други опасности со кои се загрозува суверенитетот, самостојноста и територијалниот интегритет на Републиката;
- изработува документи за функционирање на претседателот во воена состојба;
- ги пропишува мерките на приправност и наредува нивно спроведување;
- пропишува организација и формација на Армијата;
- донесува документи за употреба на Армијата и наредува нејзина употреба;
- дава согласност на документите за развој на Армијата;
- ги определува мерките за зголемување на борбената готовност на Армијата и наредува нивно спроведување;
- наредува мобилизација на Армијата;
- го пропишува командувањето во Армијата;
- донесува прописи што се однесуваат на борбената готовност, вооружената борба и мобилизацијата на Армијата;
- поставува старешини на формациски места, генерали, и унапредува и разрешува генерали;
- поставува и отповикува одбранбени аташеи и воени претставници на предлог на министерот за одбрана.
Во остварувањето на функциите од областа на одбраната, претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата донесува подзаконски акти.
Претседателот на Републиката донесува наредба за учество на Армијата во отстранувањето на последиците од кризна, вонредна и воена состојба.
Претседателот активно е вклучен во сите безбедносни процеси кои се во негова надлежност, настојувајќи притоа да се третираат безбедносните прашања во согласност со најновите современи безбедносни трендови.