д-р Милка Ристова
претседател на Комисијата за помилување
Биографија
Д-р Милка Ристова е поранешен судија на Врховниот суд на Република Македонија – во пензија, со долгогодишно искуство во правосудниот систем. Магистрирала и докторирала на Правниот факултет во Скопје во областа на правните науки.
Професионалната кариера ја започнала како судски приправник во Општинскиот суд во Радовиш, по што е избрана за судија во истиот суд, а подоцна и во Општинскиот суд – Скопје I каде што постапувала по кривични предмети. Кариерата ја продолжува како судија во Окружниот суд во Скопје, по што ги извршува функциите заменик-републички општествен правобранител на самоуправувањето и советник во Министерството за правда. Во 1996 година е избрана за судија во Апелациониот суд во Скопје, а во 2005-тата и за судија во Врховниот суд на Република Македонија каде што ја завршила професионалната кариера.
Ристова е едукатор во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, соработува на проекти на Институтот за европска политика (ЕПИ), член е на Работна група 3 – правосудство, поглавје 23 при Европското движење во Република Северна Македонија и член на бордот на Транспаренси нулта корупција. Авторка е на повеќе стручни и научни трудови и учесник на бројни стручни семинари и конференции во земјата и во странство.