Република Северна Македонија на меѓународен план
Полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО и во Европската Унија, како и развојот и унапредувањето на добрососедските односи и регионалната соработка, претставуваат стратегиски и долгорочни цели на надворешната политика на Република Северна Македонија.
Република Северна Македонија се залага и ја остварува политиката на отвореност кон сите, на регионално поврзување и зголемена соработка меѓу земјите.
Преку надворешната политика – на билатерален, регионален и на мултилатерален план – државата активно ги промовира своите национални вредности и интереси, подготвена да придонесе за справување со регионалните, но и со предизвиците на глобализираниот свет.
Република Северна Македонија е полноправна членка на Обединетите нации од 1993 година. Во периодот 2014-2016 година, државата беше членка на Советот за човекови права на ОН. Поранешниот министер за надворешни работи, Срѓан Керим, беше претседател на 62. Генерално Собрание на Обединетите нации во 2007 година.
Република Северна Македонија е членка на Советот на Европа од 1995 година.
Од мај до ноември 2010 година, државата првпат претседаваше со Комитетот на министри на Советот на Европа.
Република Северна Македонија стана членка на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) во 1995 година.
Во 2003 година Република Северна Македонија стана членка на Светската трговска организација.
Република Северна Македонија е полноправна членка на Меѓународната организација на франкофонијата од 2006 година. Со указ на претседателот Пендаровски, во декември 2019 година, амбасадорот Пајо Авировиќ беше поставен на должноста специјален пратеник на претседателот на Република Северна Македонија при Постојаниот совет на Меѓународната организација на франкофонијата.
Република Северна Македонија е кандидат за членство во Европската Унија од 2005 година. Целосни дипломатски односи со Европската Унија беа воспоставени во 1995 година. Во 2001 година е потпишан Договорот за стабилизација и асоцијација. Во 2004 година, државата поднесе барање за членство во Европската Унија. По финализирањето на одговорите од Прашалникот на Европската комисија за апликацијата за членство во Европската унија, Европскиот совет на државата и додели статус на кандидат за членство. Од 2009 година, Европската Комисија во континуитет препорачува отпочнување на пристапните преговори за членство. Во март 2020 година, Европскиот Совет ја одобри одлуката на Советот на Европската Унија за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија. Со одржувањето на Првата меѓувладина конференција и на состанокот за отворање на скринингот, коишто се одржаа во Брисел на 19 јули 2022 година, беше означен почетокот на пристапните преговори за членство на Република Северна Македонија со Европската Унија.
Република Северна Македонија е членка на НАТО од 2020 година. Во 1993 година, Собранието донесе одлука за стапување на државата како член во Северноатлантската договорна организација. Во 1995 година државата се приклучи на програмата на НАТО – Партнерство за мир, а во 1999 година го започна Акциониот план за членство. На 11 јули 2018 година, НАТО и упати покана на Република Северна Македонија за почеток на разговорите за членство. Формално, пристапните разговори започнаа на 18 октомври 2018 година. На 6 февруари 2019 година, постојаните претставници на земјите членки во НАТО го потпишаа Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. Пристапниот протокол беше ратификуван во сите земји членки на НАТО. На 11 февруари 2020 година, Собранието на Република Северна Македонија го донесе Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, а ден подоцна претседателот Пендаровски го потпиша указот за негово прогласување. На 20 март 2020 година, претседателот Пендаровски го потпиша Инструментот за пристапување на Република Северна Македонија кон НАТО. Република Северна Македонија е членка на НАТО од 27 март 2020 година, откако во Вашингтон беше депониран Инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор.
Република Северна Македонија е вклучена во бројни регионални иницијативи, како што се : Централно европската иницијатива, Процесот за соработка во југоисточна Европа, Процесот „Брдо-Бриони“ и др.
Република Северна Македонија дава придонес кон светскиот мир преку учеството во мировните мисии : ИСАФ во Авганистан, Слобода за Ирак, АЛТЕА во Босна и Херцеговина, Одлучна поддршка во Авганистан, УНИФИЛ во Либан и Поддршка за КФОР во Косово.
Преспански договор
Република Северна Македонија и Република Грција на 17 јуни 2018 година потпишаа Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.
Со спогодбата беше надмината разликата околу името на нашата држава и престана да важи Привремената спогодба меѓу Страните, потпишана во Њујорк, на 13 септември 1995 година.
Во согласност со договорот, официјалното име на нашата држава е Република Северна Македонија, државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, официјалниот јазик на Република Северна Македонија се именува како македонски јазик. Република Грција се согласи да не приговара на барањата за членство или членството на нашата држава во меѓународните, мултилатералните и регионалните организации и институции под името Република Северна Македонија.
Спогодбата влезе во сила на 12 февруари 2019 година, откако Собранието ги донесе аманданите ХХХIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија и Уставниот закон за спроведување на амандманите од ХХХIII до ХХХVI на Уставот на Република Северна Македонија.