Надворешна политика

Надворешната политика е една од областите во која претседателот има надлежности во однос на стратегиските правци на земјата, нејзиното претставување надвор, начинот на кој се води надворешната политика, можностите за нова соработка, како и кадровската поставеност на дипломатијата.

Во член 79 од Уставот на Република Северна Македонија пишува дека  претседателот „ја претставува Републиката. Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија. Претседателот на Републиката, своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и на законите“.

Улогата на претседателот во претставувањето на Републиката ја дефинираат Уставот на Република Северна Македонија и Законот за надворешни работи.

Во согласност со меѓународното право и обичаи, како највисок претставник на Република Северна Македонија, претседателот ја претставува државата во меѓународни рамки, особено во контактот и во комуникацијата со другите држави и меѓународни организации. Секогаш кога претседателот престојува во официјална или работна посета на странска држава, ја претставува Република Северна Македонија, а официјалните изјави на претседателот се и официјален став на државата Северна Македонија. Имајќи предвид дека претседателот се избира на општи и непосредни избори и дека својот мандат го црпи директно од граѓаните, претседателот има дополнителна одговорност во претставувањето на државата во странство.

Претседателот на Републиката е прв меѓу четирите органи за вршење  надворешни работи (заедно со Собранието, Владата и Министерството за надворешни работи). Овие органи ги определуваат општите насоки, донесуваат и усвојуваат одлуки за активностите и за ставовите, и ги остваруваат со меѓусебна усогласена соработка сите државни активности поврзани со надворешните работи. Органите за вршење на надворешните работи ја креираат, утврдуваат и спроведуваат надворешната политика на Република Северна Македонија. Претседателот, претседателот на Владата и министерот ја претставуваат државата во меѓународните односи во согласност со меѓународното право и обичаи.

Истовремено, претседателот Пендаровски:

  • учествува во креирањето на надворешната политика во соработка со Владата преку утврдување на општите насоки на надворешната политика, вклучувајќи ги и прашањата од меѓународните односи со импликации врз безбедноста и одбраната на земјата;
  • го следи спроведувањето на надворешната политика и за резултатите и евентуалните несогласувања со другите органи за вршење на надворешните работи може да го извести Собранието;
  • дава предлози и учествува во заземањето ставови за одредени надворешнополитички прашања од неговата надлежност, вклучувајќи ги и безбедносните и одбранбените аспекти коишто произлегуваат од меѓународните односи;
  • поставува и отповикува, со указ, амбасадори и пратеници на Република Северна Македонија во странство во постапка утврдена со Законот за надворешни работи;
  • дава согласност за издавање агреман на шеф на странско дипломатско претставништво;
  • ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници во постапка утврдена со Законот за надворешни работи.