Народна Канцеларија

Како резултат на континуираните заложби на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за непосреден, отворен и суштински дијалог со граѓаните, а во согласност со определбите и ветувањата од изборната програма, на 14 мај 2026 година беше отворена Народната канцеларија во Скопје, со што се обнови практиката на отворени канцеларии на Претседателот.
 
Отворањето на Народната канцеларија е чекор кон приближување на институцијата Претседател до граѓаните и јакнење на меѓусебната доверба, преку директна комуникација и соработка.
 
Народната канцеларија овозможува граѓаните да поднесуваат претставки, предлози, иницијативи и петиции од јавен интерес (физички и по електронски пат), како и да ги споделуваат своите ставови, идеи и сугестии поврзани со политиките на Претседателот.
 
На овој начин, тие стануваат потенцијални учесници во процесот на креирање на политиките, што е од суштинско значење за јакнење на демократијата и владеењето на правото.
 
Народната канцеларија во Скопје ќе им биде ставена на располагање на граѓански здруженија, коишто ги исполнуваат условите и критериумите од повикот и коишто имаат потреба од простор за реализација на општествено корисни активности, јавни дебати, трибини, едукативни настани, младински и волонтерски иницијативи, културни и хуманитарни проекти.
 
Нема да биде дозволено организирање активности од партиски, изборен или политички карактер, ниту активности што поттикнуваат дискриминација, нетолеранција, или говор на омраза.  Сите активности треба да бидат од непрофитен карактер и насочени исклучиво кон јавниот интерес.
 
Целта е Народната Канцеларија да прерасне во отворен сервис за граѓаните и организациите, коишто работат во интерес на заедницата.
 
Преку обезбедување достапен простор за дијалог, едукација и соработка, се создаваат услови за посилно и поактивно граѓанско општество!
 
„Канцеларијата ќе биде жив простор за дијалог, дебата, едукација и граѓанско учество, место, коешто ќе ги поврзува институциите и заедницата и ќе придонесува за зајакнување на демократската култура.
 
Целта е да се создаде достапен простор во срцето на градот, каде што секој граѓанин ќе може слободно да дојде, да побара помош, да постави прашање, да предложи иницијатива, или да упати критика.
 
Во Народната канцеларија препознавам отворено демократско катче за сите: за граѓаните, невладините организации, средношколците, студентите, пензионерите, а особено за младите кои сакаат да ги искажат своите таленти и знаења.“
 
(од поздравното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова на отворањето на Народната канцеларија)
 

Народна канцеларија – Скопје

Адреса: ул. „Димитрије Чуповски“ бр.7

Телефон: 02 3225 825

Е-пошта: [email protected]