Процес Брдо-Бриони

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на иницијатива на Претседателите на Република Словенија и Република Хрватска. Иницијативата го доби називот Процес Брдо-Бриони поради споделената идеја на претседателите на двете земји за негова организација; Брдо, од Брдо при Крањ, каде и се одржува првиот состанок на лидерите од регионот, и Бриони, во чест на ко-организаторот и партнерот во иницијативата, Република Хрватска.
Главна цел на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, како иницијатори на Процесот Брдо-Бриони, е европската интеграција на земјите од регионот и стабилизирањето на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.
Република Словенија и Република Хрватска, земји членки на ЕУ, ја презедоа иницијативата за олеснување на размената на искуства и пракси од нивната интеграција во ЕУ за другите земји, кои пак, добија нов форум за нивните шефови на држави, што беше особено позитивно прифатено. Отворањето на темата проширување на ЕУ кон Западен Балкан, односно интеграција на целиот регион, е високо во агендите на лидерите на земјите од регионот. Република Северна Македонија и Република Албанија ги започнаа пристапните преговори за членство во ЕУ. Црна Гора, Босна и Херцеговина и Република Србија се земји кандидати за членство во ЕУ, додека Република Косово е земја потенцијален кандидат за членство во ЕУ.
Имајќи ја предвид евроинтеграцијата, лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони ја препознаа потребата за нова иницијатива која ќе го заземе местото на долгогодишните регионални иницијативи кои претежно функционираа на принцип на декларативност, без конкретни мерки и активности и без видливи резултати. Тука, Процесот Брдо-Бриони одигра значајна улога, пополнувајќи го вакуумот, заменувајќи ја истрошеноста и безидејноста на другите регионални иницијативи, со нова свежина и нови идеи, со конкретни политички резултати, кои се надополнуваат со практични резултати преку самитите за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот и последователните Виенски, Париски и Римски процеси.
Лидерите на земјите од регионот ја увидоа неопходноста за редовен и континуиран дијалог, за јакнење и поттикнување на политичкиот дијалог, за воспоставување на меѓусебна доверба меѓу земјите, како и за создавање услови и поттикнување подготвеност за решавање на отворените билатерални и излегување во пресрет на регионалните предизвици.
Процесот Брдо-Бриони е најпрестижна регионална инцијатива која дава политички резултати и поттикнува политички дијалог меѓу земјите од регионот со отворени прашања. Со намера да се овозможи простор за неоптоварен и конструктивен политички дијалог меѓу лидерите, беше донесена одлука состаноците на Процесот Брдо-Бриони да се одржуваат во форматот Гимних.
Посебен кредибилитет на Процесот, претставува организирање на Берлинскиот и последователните процеси, кои ги надополнуваат политичките резултати на Процесот Брдо Бриони со повеќе видливи и конкретни резултати.

Цели и учесници

Земји учеснички во Процесот Брдо-Бриони се:

1.Република Албанија – на ниво на Претседател,

2.Босна и Херцеговина – Претседателство (тројца членови),

3.Република Косово – на ниво на Претседател,

4.Република Северна Македонија – на ниво на Претседател,

5.Република Словенија – на ниво на Претседател,

6.Република Србија – на ниво на Претседател,

7.Република Хрватска – на ниво на Претседател, и

8.Црна Гора – на ниво на Претседател.

Лидерите на земјите од Брдо Бриони Процесот се состануваат најмалку еднаш годишно.

Процесот Брдо Бриони е втемелен врз солидарноста и партнерството на земјите од регионот во европските интеграции и:

  • претставува форум на шефовите на државите во регионот за едно од суштинските прашања за целиот регион – проширувањето на ЕУ;
  • го поттикнува политичкиот дијалог на највисоко ниво меѓу земјите од регионот, ја јакне довербата меѓу земјите и го интензивира дијалогот на земјите од Западен Балкан и ЕУ;
  • ја јакне и унапредува регионалната соработка во сите области кои имаа заеднички и споделен интерес (пр. инфраструктурни проекти, транспорт, енергетска политика и сл.);
  • овозможува размена на информации за внатрешно-политичките состојби на земјите од регионот и поттикнува конструктивна дискусија за прашањата и предизвиците од актуелни состојби во регионот и Европа;
  • овозможува заедничка анализа на актуелните европски и глобални предизвици во однос на нивното влијание на регионот и земјите поединечно;
  • помага за јакнење на економската соработка меѓу земјите и економскиот развој на регионот.
Учесници 2023

Домаќин:
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски

Ко-домаќини:
• Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ
• Претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар

Земји учесници:
• Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ
• Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи Садриу
• Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај
• Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ
• Претседателство на Босна и Херцеговина: Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ

Програма

ПРОГРАМА
ПРОЦЕС БРДО- БРИОНИ
11 септември 2023 година
Скопје

08:00 – 09:00 Пристигнување на претставниците на медиумите
Место: Спореден влез на хотел „Хилтон“, Скопје

10:45 – 10:55 Официјален пречек на лидерите на земјите учеснички на процесот Брдо-Бриони од страна на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц – Мусар и претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ
Место: Хотел „Хилтон“, сала „Дајмонд“

11:00 Семејно фото на лидерите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони
Место: Хотел „Хилтон“, сала „Дајмонд“

11:10 Пленарен состанок на лидерите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони
Место: Хотел „Хилтон“, сала „Дајмонд“

12:45 Прес-конференција на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц – Мусар и претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ
Место: „Хотел Хилтон“, сала „Платинум 1“

Заклучоци
Формулар за акредитација за претставници на медиуми