Поранешни претседатели
1. КИРО ГЛИГОРОВ (1991 – 1999)
Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, беше политичар кој остана влијателен и почитуван на македонската политичка сцена пред и по независноста. Роден е во Штип во 1917 година. Дипломирал право на белградскиот Правен Факултет. Во текот на Втората светска војна, претседателот Глигоров учествувал во борбата против фашистичките сили и бил секретар на иницијативниот комитет за формирање на АСНОМ. Бил на повеќе важни политички и економски функции во СФР Југославија и во Сојузот на комунистите на Југославија. По независноста на Македонија, Глигоров во јануари 1991 година беше избран за прв претседател на државата. Оваа функција ја извршуваше во два мандата, до ноември 1999 година. По пензионирањето од активниот политички живот, претседателот Глигоров беше активен преку Фондацијата којашто го носи неговото име. Беше автор и на повеќе книги, меѓу кои се издвојува „Македонија е сè што имаме“. Киро Глигоров почина во Скопје на 1 јануари 2012 година, на 94 годишна возраст.
2. БОРИС ТРАЈКОВСКИ (1999 – 2004)
Вториот претседател на независна Република Македонија, Борис Трајковски, е роден во селото Моноспитово, Струмица, на 25 јуни 1956 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје 1980 година, специјализирал деловно право и право на работни односи. Трајковски е водечки активист во програмата за надворешна соработка на партијата ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Паневропското движење на Република Македонија. Во 1998 година е именуван за заменик-министер за надворешни работи. Во декември 1999 година е избран за втор Претседател на независна Македонија. Претседателот Борис Трајковски трагично загина заедно со осуммина свои соработници во авионска несреќа која се случи на 26 февруари 2004 година во Босна и Херцеговина. Борис Трајковски беше оженет со Вилма Трајковска, со која има две деца.
Меѓународна фондација Борис Трајковски:
www.boristrajkovski.org
3. БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ (2004 – 2009)
Претседателот Бранко Црвенковски е роден на 12 октомври 1962 во Сараево. Во својата политичка кариера бил на најважните функции во државата, како претседател на државата, претседател на Владата на Република Македонија и претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, партија на чие челно место е по напуштањето на функцијата претседател. Црвенковски беше избран за претседател на првата партиска влада на Македонија во септември 1992 година. Втор мандат на функцијата премиер доби на изборите во 1994 година. По изборниот пораз во 1998 година, ја предводеше македонската опозиција, за повторно да биде избран за премиер по изборниот успех во 2002 година. По трагичното загинување на Претседателот Трајковски, Бранко Црвенковски се кандидираше за претседател на државата на изборите во 2004 година. Претседателот Црвенковски е дипломиран електротехнички инженер. Оженет е со Јасна Црвенковска, со која има две деца.
4. ЃОРГЕ ИВАНОВ (2009 – 2019)
Претседателот Ѓорге Иванов е роден во Валандово на 2 мај 1960 година. Основно и средно образование завршил во родниот град Валандово. Дипломирал право на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирал политички науки во 1994 година, а во 1998 година докторирал на Правниот факултет во Скопје. Во 1995 година ја започнува академската кариера на Правниот факултет, каде што во 2002 бил избран за вонреден професор, а во 2008 за редовен професор. Во 2009 година е избран за претседател на Република Македонија. Во 2014 по втор пат е избран за претседател на Република Македонија.
Официјална веб-страница на поранешниот претседател Ѓорге Иванов: www.gjorgeivanov.mk
5. СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ (2019 – 2024)
Претседателот Стево Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал во 1987 година на Правниот факултет во Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“. Пендаровски бил професор на Универзитетот „Американ Колеџ“ – Скопје каде што предавал неколку предмети од областа на меѓународната политика и безбедност. Во периодот 1998-2001 бил началник на Управата за аналитика и истражување во МВР и портпарол на Министерството. Во два наврата бил советник на претседателите на Република Македонија, и тоа од 2001 до 2004 година – советник за национална безбедност и од 2005 до 2009 – советник за надворешна политика. Пендаровски бил и претседател на ДИК, како и пратеник во Собранието од 2016 до 2017 година. Во периодот декември 2017 – мај 2019 година е национален координатор за подготовка на државата за влез во НАТО. Тој е оженет со Елизабета Ѓоргиевска и го имаат синот Огнен.