Стратегија за одбрана на Република Северна Македонија

Стратегијата за одбрана на Република Северна Македонија дава насоки за функционирањето и развојот на системот за одбрана и произлегува од Уставот на Република Северна Македонија, трајните определби од Националната концепција за безбедност и одбрана, Законот за одбрана и стратегиската определба на Република Северна Македонија за интеграција во евро-атлантските структури.

Во Стратегијата се идентификуваат клучните карактеристики на современото безбедносно опкружување, нашата одбранбена политика, издава насоки за адаптација на субјектите од системот за одбрана, неопходните ресурси и одбранбените способности потребни за нејзино остварување.

Усогласена со обврските и одговорностите кои ќе произлезат од членството на Република Северна Македонија во колективните системи за безбедност, Стратегијата дава насоки за:  

  • зголемување на отпорноста на системот во справувањето со ризиците и заканите;
  • унапредување на постојните и развивање нови способности неопходни за ефективно и ефикасно функционирање на системот;
  • обезбедување поголема транспарентност кај сите субјекти и одговорност во заштитата на одбранбените интереси и во остварувањето на одбранбените цели;
  • синхронизирање и унапредување на одбранбеното планирање во согласност со стандардите на НАТО и на ЕУ;
  • поголема ефективност и рационална искористеност на човечките, материјалните, и на финансиските ресурси;
  • зголемување на свесноста и довербата кај населението за важноста на системот за одбрана во развојот на демократското општество.

Стратегијата е основа за понатамошен развој на системот за одбрана и унапредување на процесот за долгорочно одбранбено планирање.

Стратегија за одбрана донесена од претседателот Стево Пендаровски во март 2020 година. [Преземи]