Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Кралството Холандија, Узлем Џанел

29 август 2024 | Соопштенија

 

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Кралството Холандија, Узлем Џанел.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, што се одржа во Вила Билјана во Охрид, претседателката Сиљановска Давкова изрази особено задоволство од високо-развиените билатерални односи меѓу двете држави, кои се карактеризираат со интензивен политички дијалог и партнерски односи за што говори и минатогодишното одбележување на значајниот јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи и успешна соработка.

Претседателката се заблагодари за конзистентната поддршка од пријателска Холандија, која од осамостојувањето е еден од најголемите донатори и силен поддржувач на европскиот процес на нашата држава.

„Холандија континуирано ни помага во реформите на судството, владеење на правото и јавната администрација, со цел да обезбедиме силни и независни институции, кои се столб на секоја европска демократија. Холандскиот „строг и фер“ принцип се покажа како одлична формула за суштинска имплементација на реформската агенда и постигнување на европските стандарди во нашата земја“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Истакнувајќи дека нашата држава придава големо значење и на силните партнерски односи кои се негуваат во рамките на НАТО, особено во време кога се соочуваме со сериозни глобални безбедносни предизвици и геополитички преструктуирања, претседателката Сиљановска Давкова нагласи дека нашата држава останува посветена на остварувањето на стратешките приоритети, изразувајќи увереност дека европската и евроатланската перспектива е гаранција за просперитет, стабилност и благосостојба на целиот регион и Европа.

Во своето обраќање на церемонијата, амбасадорката Џанел истакна дека е почестена што е назначена како амбасадорка во нашата држава и што ѝ е дадена можност да даде свој придонес во одличните и посебни односи кои постојат меѓу двете држави и народи.

Амбасадорката Џанел рече дека со текот на годините нејзината земја има обезбедено значајни финансиски средства за поддршка на социјалната кохезија и меѓуетничките односи, доброто владеење, владеењето на правото, образованието, здравството и управувањето со јавните финансии. Таа посочи дека во моментов во нашата држава работат близу 180 холандски компании кои обезбедуваат работни места за над 5000 граѓани и воедно ја зголемуваат видливоста на нашата држава на меѓународниот пазар.

Холандската амбасадорка нагласи дека стабилноста и безбедноста на регионот на Западен Балкан ќе продолжи да биде од клучна важност за Холандија, а во однос на остварувањето на стратешката цел на нашата држава – членството во Европската Унија, таа истакна дека Холандија ќе продолжи да очекува стриктно почитување на Копенхашките критериуми пред приемот и дека не постои простор за отстапки или скратени постапки.

„Напредокот во областа на владеењето на правото, економските критериуми и реформата на јавната администрација ќе продолжат да ја одредуваат брзината на пристапните приговори поединечно за секоја земја-кандидат. Задачата која претстои бара одговорност, посветеност и видливи резултати од ваша страна. Само тогаш поддршката за овие реформски напори која ја обезбедуваат Европската Унија и Холандија ќе може да има трајни резултати“, рече амбасадорката Џанел.

Претседателката Сиљановска Давкова на амбасадорката Узлем Џанел ѝ посака успех во извршувањето на одговорната функција.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова на младинскиот форум „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“

Сиљановска-Давкова на младинскиот форум „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова учествуваше на младинскиот форум „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“, што се одржа во Офицерскиот дом во Битола, како завршна активност на проектот „Спорт без насилство – Младински форум за фер-плеј“,...

Изјава на претседателката Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со словенечката претседателка, Пирц Мусар и хрватскиот претседател, Милановиќ

Изјава на претседателката Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со словенечката претседателка, Пирц Мусар и хрватскиот претседател, Милановиќ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по завршувањето на Состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони во Охрид, одржа заедничка прес-конференција со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар и претседателот на Република Хрватска, Зоран...

Средба на Сиљановска-Давкова со претседавачката и членовите на Претседателството на БиХ

Средба на Сиљановска-Давкова со претседавачката и членовите на Претседателството на БиХ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на Состанокот на лидерите на Процесот Брдо-Бриони во Охрид, оствари средба со претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ и членовите Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ....

Средба на Сиљановска-Давкова со косовската претседателка Јустина Широка-Пула

Средба на Сиљановска-Давкова со косовската претседателка Јустина Широка-Пула

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на Состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони во Охрид, се сретна со претседателката на Република Косово, Јустина Широка-Пула. Сиљановска-Давкова истакна дека...

Средба на Сиљановска-Давкова со Александар Чупиќ, вршител на должноста претседател на Република Србија

Средба на Сиљановска-Давкова со Александар Чупиќ, вршител на должноста претседател на Република Србија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на Состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони во Охрид, се сретна со Александар Чупиќ, вршител на должноста претседател на Република Србија. Најнапред, таа му ја...