Покровителства
Преку покровителствата Претседателот придонесува за афирмација на уметноста и културата, науката, образованието, спортот, зајакнување на инклузијата и унапредување на условите за ранливите групи во општеството.
Претседателот е традиционален покровител на репрезентативните меѓународни културни манифестации како „Охридско лето“ и Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.
На меѓународната манифестација „Охридско лето“ учествуваат врвни сценски изведувачи, светски познати композитори и музичари од земјава и светот. Поради долгогодишното успешно претставување на нашето и светското музичко и културно творештво, Националната установа „Охридско лето“, во 2010 год. беше одликувана од страна на Претседателот на Републиката, со Орден за заслуги за Македонија.
На најстариот кинематографски фестивал во светот именуван по браќата кинематографери „Браќа Манаки“ секоја година присуствуваат значајни имиња и легенди од светската кинематографија. Покрај ревијалниот карактер, фестивалот има и силна едукативна компонента со оглед на тоа што неговата програма вклучува бројни работилници и предавања за филмски работници и ентузијасти.
Фестивалот е основан во 1979 година на иницијатива на Друштвото на филмските работници на Македонија, а во соработка со градот-домаќин Битола и Кинотеката на Македонија, во чест и како инспирација од пребогатиот фотографско-филмски опус на браќата битолчани Манаки – Јанаки и Милтон.
На почетокот конципиран како Манакиеви средби, а потоа и фестивал на филмската камера на eксјугословенските кинематографери, прерасна во Интернационален фестивал на светските кинематографери, чии играни филмови се во конкуренција за трите фестивалски награди: Златна, Сребрена и Бронзена камера 300. Двете почесни награди: „Златната камера 300“ за животно дело и „Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност” се доделуваат на најголемите светски мајстори на филмската камера/фотографија кои влегуваат во Клубот на великаните.
Од 2013 година е воведена и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
Претседателот на Република Северна Македонија е покровител и на:
- Фестивалот „Денови на Македонската Музика“, единствен од ваков тип во земјава, посветен на промоција и афирмација на македонските композитори како и промоција на современа музика и новосоздадени дела од домашните автори во најголем дел, но и дел од светските водечки композиторски имиња.
- Охридскиот пливачки маратон, редовна трка од „Гран-при” серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА) и една од најголемите и најзначајните меѓународни спортски манифестации во земјата.
- „Доделување на Големата годишна награда за најуспешно архитектонско дело“ што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Оваа награда претставува своевиден преглед на архитектонските остварувања во тековната година и валоризација на најуспешните достигнувања. Вредноста на ова признание е дотолку поголема што доаѓа токму од колегите – архитекти кои најдобро умеат да ја проценат важноста на едно архитектонско дело.
- Манифестацијата „Инженерски прстен” која е во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, претставува поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји.
- Фестивалот на детски песни „Златно славејче“ којшто е во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје и којшто се одржува веќе пет децении во рамки на одбележувањето на денот на ослободувањето на градот Скопје, 13-ти ноември.
- Доделување на стипендиите кои го носат името на нашиот трагично загинат претседател Борис Трајковски. Секоја година, 20 најдобри кандидати, избрани во согласност со критериумите на јавниот конкурс, добиваат можност да се усовршуваат во областите на бизнис-администрацијата на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд од Обединетото Кралство, Сити Колеџ, лоциран во Солун, Грција.
Покрај традиционалните покровителства, Претседателот има еднократни покровителства имајќи го предвид значењето на одредени настани, теми, манифестации и јубилеи.
Претседателот Пендаровски во 2021 година беше покровител на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“. Носители на проектот се Министерството за култура и Министерството за образование и наука.
Дел од Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ беа бројни културно-образовни содржини во текот на целата година. Програмата вклучуваше и академски и научни издавачки проекти, литературни манифестации, меѓународни научни конференции, јавни конкурси за младите уметници и изложби, педагошко-информативни проекти, како и промоција на дигитално издание на толковниот речник на македонскиот јазик. Во рамки на одбележувањето на овој значаен јубилеј се отпечати поштенска марка со ликот на Блаже Конески.
Одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески е запишано во календарот на значајни јубилеи поддржани од страна на УНЕСКО, што претставува меѓународно признание за неговиот лик и творештво. На меѓународен план, со Годината во чест на Блаже Конески, Република Северна Македонија се вклучи во одбележувањето на „2021 – Меѓународна година на мирот и довербата” и „21 март – Светски ден на поезијата”, прогласени од страна на ООН.
Претседателот Стево Пендаровски е покровител на „2023–Година во чест на Ацо Шопов“ – чествувањето на 100 годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов.
Чествувањето започна на 23 јануари со одржување на Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
По повод 21 март – Светски ден на поезијата, во седиштето на УНЕСКО во Париз се одржа меѓународен симпозиум во чест на Ацо Шопов, поетски перформанс и изложба.
Во текот на 2023 година ќе се реализира Програмата за чествување на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов којашто предвидува бројни културно-образовни содржини во текот на целата година: мултимедијална уметничка изложба, омаж на Шопов во рамки на филмскиот фестивал „Флипбук“, предавање и лекторски часови по литература посветени на делото на Шопов, меѓународно чествување во рамки на Струшките вечери на поезијата, гала претстава, промоција на неговите книги, публикации како и научни собири во негова чест.
Претседателот Пендаровски во 2019, 2021 и 2022 година беше покровител на манифестацијата „Галичка свадба“ – традиционалната свадбена церемонија карактеристична за Мијаците, која отсликува автентични обичаи пренесувани низ вековите и којашто е една од најзначајните македонски културно-туристички манифестации.
Во 2019 претседателот Пендаровски беше покровител и на „Макинова“ и на „Еконова“ и Театарскиот фестивал – „Игри без маска“.