Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Сан Марино, Кјара Кардоња

20 ноември 2024 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на Кјара Кардоња, новоименуваната амбасадорка на Република Сан Марино, со седиште во Министерството за надворешни работи на Сан Марино. 

На церемонијата на предавање на акредитивните писма претседателката Сиљановска Давкова, посочувајќи дека дипломатските односи меѓу двете држави се воспоставени пред само пет години и дека амбасадорката Кaрдоња е прв именуван амбасадор од оваа земја, изрази надеж дека нејзиното именување ќе придонесе за зајакнување и за продлабочување на пријателските односи и на соработката меѓу двете земји, како на билатерален, така и на меѓународен план.

„Мојата земја е целосно заинтересирана за унапредување на севкупната соработка со Сан Марино и за воспоставување поактивна политичка комуникација со интензивирање на контактите на највисоко ниво“, истакна Претседателката додавајќи дека постои подготвеност за јакнење и на билатералната парламентарна димензија на соработка базирана на заедничка определба за поддршка на демократијата, индивидуалните слободи и останати вредности на живеење, за натамошно развивање на заедничките вредности и поголема меѓусебна блискост. 

„Можностите коишто постојат за проширување на односите меѓу двете земји на полето на политиката, економијата и туризмот, треба да ги продлабочиме во интерес на двете држави, а посебно би сакала да го потенцирам нашиот интерес за интензивирање на економските врски меѓу бизнисите во двете земји. Верувам дека активностите, коишто ги презема сегашната влада за постојано подобрување на инвестициската и вкупната деловна клима во земјава, ќе создадат широко поле на нови можности за економска поврзаност помеѓу нас“, нагласи претседателката Сиљановска Давкова. 

Амбасадорката Кардоња во своето обраќање рече дека двете републики се блиски и тоа не само од географски аспект и во тој контекст посочи дека и за двете земји европската интеграција претставува приоритетна цел, при што нагласи дека нејзината држава го избра патот на здружување, а нашата држава е кандидат за членство во Европската Унија. 

„Во свет, кој сѐ повеќе е насочен кон зачувување на националните идентитети, а истовремено е повикан на меѓусебна поврзаност, Европа е нашата заедничка иднина, закрилничка што ја зајакнува сувереноста на нашите држави, и им овозможува со одлучност да се справат со современите предизвици. Обемот на кризите што го засегаат светот, и големината на другите учесници, бараат сѐ погласни и заеднички одговори. Ова е уште поважно за земји со мала територијална распространетост“, рече амбасадорката Кардоња. 

Таа додаде дека европскиот културен простор е збир на идентитети, јазици и култури, кои иако различни, имаат заедничка матрица на традиции и легитимни аспирации. Амбасадорката на Сан Марино ја истакна и соработката на двете земји во рамките на мултилатерални структури и механизми, избирајќи ја силата на дијалогот, демократијата и почитувањето на другите. 

Претседателката Сиљановска Давкова на новоименуваната амбасадорка на Сан Марино ѝ посака многу успех во извршувањето на нејзината одговорна дипломатска мисија.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Велигден

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Велигден

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г....

Сиљановска-Давкова прими претставници на Иницијативниот одбор за именување на големата концертна сала во Македонската филхармонија со името „Маестро Ванчо Чавдарски“

Сиљановска-Давкова прими претставници на Иницијативниот одбор за именување на големата концертна сала во Македонската филхармонија со името „Маестро Ванчо Чавдарски“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими членови на Иницијативниот одбор за именување на големата концертна сала во Македонската филхармонија со името „Маестро Ванчо Чавдарски“. За членовите на одборот, именувањето...

Сиљановска-Давкова на средба со ромски уметници: Потребна е видливост и рамноправност на уметниците Роми

Сиљановска-Давкова на средба со ромски уметници: Потребна е видливост и рамноправност на уметниците Роми

По повод Меѓународниот ден на Ромите, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими истакнати ромски уметници и културни дејци, активни на македонската културно-уметничка сцена и пошироко. Низ отворен и конструктивен дијалог, беа разменети мислења за македонскиот...

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Велигден

Честитка по повод 8 Април ‒ Меѓународниот ден на Ромите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до припадниците на ромската заедница по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април. Почитувани сограѓани Роми, Нека ви е и нека ни е честит 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите. Искрено посакувам да го...

Сиљановска-Давкова: Климатските промени се глобален, регионален и национален безбедносен предизвик – време е за превенција наместо реакција

Сиљановска-Давкова: Климатските промени се глобален, регионален и национален безбедносен предизвик – време е за превенција наместо реакција

Денеска, на иницијатива на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во Кабинетот се одржа дебата на тема:„Климатски промени - ризици и предизвици“, модерирана од проф. д-р Владо Спиридонов, во својство на член на Советот за безбедност. Во воведното обраќање,...