Претседателката Сиљановска-Давкова на отворањето на 12. Глобален форум во Баку: ОН се маргинализирани тогаш кога ни се најпотребни

13 март 2025 | Обраќања

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свеченото отворање на 12. Глобален форум во Баку, што во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ се одржува од денеска до 15 март во Баку, Република Азербејџан.

Таа оцени дека Глобалниот форум во Баку во изминативе години прерасна во една од најважните меѓународни платформи, што ги адресира најважните регионални и глобални прашања.

„Мултилатерализмот отстапува пред мултиполаризацијата. Растечкото геополитичко ривалство го ослабнува системот за колективна безбедност. Обединетите нации се маргинализирани тогаш кога ни се најпотребни. Консензусот по Втората светска војна се доведува во прашање. Како да живееме на почетокот на една нова ера во која се поткопува меѓународниот систем втемелен на правила“, рече претседателката Сиљановска-Давкова на отворањето на Форумот.

Во контекст на актуелните геополитички превирања, претседателката посочи дека од ден на ден имаме сѐ повеќе прашања, а сѐ помалку одговори, а светот станува многу поразлично место.

Таа изрази уверување дека Глобалниот форум во Баку може да понуди свежи перспективи за тоа како да продолжиме да работиме во насока на постигнување и зачувување на мирот, како врвен заеднички интерес.

Главно обраќање на свеченото отворање на настанот имаше претседателот на Република Азербејџан, Илхам Алијев, а меѓу говорниците беа и претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ.

Почитуван Претседателе Алијев,

Ценети екселенции,

Дами и господа,

Им благодарам на нашите прекрасни домаќини од Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ за нивната покана да учествувам на овој 12. Глобален форум во Баку, во Азербејџан.

И покрај географската оддалеченост, нашите две пријателски земји споделуваат длабоки врски. И двете се цивилизациски крстосници со долга историја на мултиетнички и мултирелигиски соживот. И двете ја повратија независноста во 1991 година и се посветени на мултилатерализам и соработка во рамките на ОН. Но, има уште една поврзаност. Азербејџан е земјата на огнот. Јас, пак, доаѓам од земјата на сонцето. А сонцето, како што рече еден од нашите македонски поети, „е најстариот оган на кој се грееме“. Оваа топлина ја искусив изминативе денови, за време на мојата официјална посета на пријателска Република Азербејџан. Ви благодарам, Претседателе Алиев, за Вашето топло гостопримство.

Азербејџанското гостопримство добива и меѓународна димензија, тука на Глобалниот форум во Баку што изминативе години прерасна во една од најважните меѓународни платформи. Црпејќи од искуството и мудроста на повеќе генерации лидери, Глобалниот форум во Баку ги адресира најважните регионални и глобални прашања.

Ценети екселенции,

Ова е особено важно во оваа 2025 година, за која некои очекуваат да биде пресвртна. Од ден на ден имаме сѐ повеќе прашања, а сѐ помалку одговори. Светот станува многу поразлично место. Мултилатерализмот отстапува пред мултиполаризацијата. Растечкото геополитичко ривалство го ослабнува системот за колективна безбедност. Обединетите нации се маргинализирани тогаш кога ни се најпотребни. Консензусот по Втората светска војна се доведува во прашање. Како да живееме на почетокот на една нова ера во која се поткопува меѓународниот систем втемелен на правила.

Неодамна германскиот претседател Штајнмаер, на Минхенската безбедносна конференција, изјави дека „отсуството на правила не смее да стане водечки принцип во новиот светски поредок“ бидејќи тоа би значело напуштање на нашето најважно цивилизациско достигнување поставено пред 80 години во Повелбата на Обединетите нации.

Прашањето не е дали ќе имаме правила или не, туку какви ќе бидат тие правила и врз што ќе се темелат? Дали врз принципот pacta sunt servanda или принципот на моќта? Дали освен судир на интереси, ние имаме и судир на вредности и реалности? Дали можеме да ги разрешиме најголемите кризи и предизвици на нашето време без споделени правила? Каков свет ќе им оставиме на младите и на идните генерации?

Ова е само дел од прашањата коишто ќе ги разгледуваме на годинашниов Глобален форум во Баку. Чест ми е што ќе можам да ги споделам моите согледувања на третиот панел посветен на Пактот на иднината на Обединетите нации.

Драги пријатели,

Пред 80 години, Нобеловата награда за мир му била доделена на поранешниот државен секретар на Соединетите Американски Држави, Кордел Хал, за неговата улога во основањето на Обединетите нации. Во своето обраќање, тој потсети дека клучното прашање за луѓето и за нациите е „дали тие доволно страдале и доволно научиле, за да ги отфрлат сомнежот, предрасудите и краткорочните и тесните интереси и да се обединат во унапредување на нивниот најголем заеднички интерес. Тој огромен и засенувачки заеднички интерес е траен мир во чии рамки новооткриените сили на науката и технологијата на човекот можат да се користат за да се подигне благосостојбата на човештвото до невидени височини.“

Верувам дека Глобалниот форум во Баку може да ни понуди свежи перспективи за тоа како да продолжиме да работиме во насока на постигнување и зачувување на тој врвен заеднички интерес.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Перу

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Перу

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Перу со седиште во Букурешт,  Глорија дел Кармен Оливарес. Сиљановска-Давкова истакна дека двете држави веќе 20 години градат пријателски...

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Руската Федерација

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Руската Федерација

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Руската Федерација, Дмитриј Константинович Зиков. Сиљановска-Давкова изрази уверување дека дипломатските активности на амбасадорот ќе бидат насочени кон...

Сиљановска-Давкова и Милатовиќ одржаа предавање на Правниот факултет „Јустинијан Први“: Евроинтегративниот процес на Западен Балкан низ црногорска и македонска призма

Сиљановска-Давкова и Милатовиќ одржаа предавање на Правниот факултет „Јустинијан Први“: Евроинтегративниот процес на Западен Балкан низ црногорска и македонска призма

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, пред студенти, професори и други заинтересирани, одржаа заедничко предавање посветено на евроинтеграциите. [gallery...

Сиљановска-Давкова – Милатовиќ: Заедничка визија ни е стабилен и просперитетен регион, интегриран во Европската Унија

Сиљановска-Давкова – Милатовиќ: Заедничка визија ни е стабилен и просперитетен регион, интегриран во Европската Унија

Во рамки на официјалната посета на црногорскиот претседател, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот Јаков Милатовиќ одржаа заедничка прес-конференција. Во продолжение е интегралната изјава на претседателката Сиљановска-Давкова. [gallery...

Започна официјалната посета на претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ

Започна официјалната посета на претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ

На официјална церемонија, со највисоки државни и воени почести, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ. По тет-а-тет средбата, се одржа пленарен состанок на македонската и на црногорската делегација. [gallery...