Сиљановска-Давкова: Фестивалот „Игор Маџиров“ уште еднаш ја покажа и докажа театарската моќ да допре до сите генерации

16 октомври 2025 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, којшто под слоганот „Сцена за сечиј сон“, и годинава се одржува под нејзино покровителство.

За неа, фестивалот, иако е насочен кон најпрефинетата и најпробирливата целна група- најмладите, со оригиналниот и искрен пристап ги заведува, радува и восхитува не само нив, туку и возрасните, будејќи го детето во нив.

Според претседателката, името на фестивалот го отсликува и наликува на профилот и сензибилитетот на извонредниот, прерано починат Маџиров, чии незаборавни улоги од него направија театарска легенда.

Акцентирајќи ја не само естетската туку и педагошката мисија на „Театарот за деца и младинци“, Сиљановска-Давкова изрази неизмерна почит кон актерите и сите вработени во театарот кои, од скромен, но топол амбиент, небаре волшебници, создаваат прекрасна сцена, налик на онаа од соништата.

Таа укажа на потребата од нова, пристојна тетарска куќа, обраќајќи се до надлежните институции со зборовите: ,,Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на „Театарот за деца и младинци“ да порасне, како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите”.

Во продолжение е интегралниот говор на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Почитувани вљубеници во магијата на театарот,
Почитувани глумци – магионичари,
Почитувани организатори на 4. Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“,
Драги пријателчиња и пријатели,

И годинава ја имам честа да ви се обратам како покровителка на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“. Иако млад, со оглед на четирите години старост, веќе си го најде местото во театарската фамилија, покрај далеку постарите: „Војдан Чернодрински“, МОТ, „Ристо Шишков“, Фестивалот на комедијата, Фестивалот на монодрамата…

Насочен кон најпрефинетата и најпробирливата целна група – децата, со оригиналниот и искрен пристап ги заведе, израдува, па и восхити, не само нив, туку и возрасните, будејќи го детето во секој од нас. Значи, Фестивалот на детски театри „Игор Маџиров“ уште еднаш ќе ја покаже и докаже театарската моќ да допре до сите генерации.

Знам дека во време на дигитален свет и интензивни визуелни дразби, тешко е да го привлечете, а камоли да го задржите вниманието на децата и на младите. Но, тоа му успева на фестивалот „Игор Маџиров” со претставите за нив, најмладите и малку повозрасните, но и за највозрасните, како мене.

Неспорно е дека претставите во овој театар поттикнуваат интеракција меѓу бината и публиката, меѓу самите деца, но и меѓу нив и постарите од нив. Впрочем, на моменти сите се артисти, не само оние на бината, туку и оние на седиштата, кои активно се вклучуваат во претставата, глумејќи глумци. Причината за хиперактивноста се должи на неверојатната креативност и посветеност на вистинските глумци, но и на луцидниот избор на текстовите и на чувството на режисерите за исконските потреби и желби на публиката.

Јавна тајна е, не само скопска, туку и национална, па и интернационална, дека фестивалот „Игор Маџиров“ многу наликува на профилот на глумецот чие име го носи.

Не ми е пријатно да повторувам, ама како и вие, така и јас, сè уште очекувам, а тука е министерот за култура и туризам, пристоен театарски дом обезбеден од релевантните чинители, намерно да зазвучам бирократски, неопходен за културниот живот на најважната публика – децата.

Да потсетам: Игор Маџиров беше роден глумец, чии незаборавни улоги сè уште го вознемируваат секој кој го гледал и знаел. Тој си се вгради во македонската култура како легенда и замина во вечноста.

Драги пријатели,

Овој театар има не само естетска, туку и педагошка мисија: тој го храни и облагородува духот, ги збогатува мислите, ве тера да се смеете, плачете, па и викате. Тој наликува на куќа на волшебнички и волшебници. Театарскиот предизвик е тежок, па дури и невозможен за остварување од обични и просечни глумци, но е рај за талентираните и креативните сценски суштества.

За децата, сцената е реалност што не се игра, туку се живее. Во оваа сала тие учат што е добро, а што е лошо, со кого и како ќе се идентификуваат, кому ќе му веруваат, а кому не.

Тука, децата осознаваат како се сака, но и зошто не треба да се мрази. Сигурна сум дека не се доволни знаењето, умешноста и талентот за да се предизвика страстна потреба кај децата за театар и уметност. Овој простор и оваа сцена не завршуваат за мене тука, туку излегуваат надвор, се шират угоре и тонат удолу.

Ја изразувам мојата неизмерна почит до сите вас за способноста од овој скромен простор да направите прекрасна сцена налик на сцена од соништата.

Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на Театарот за деца и младинци да порасне како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите. Продолжете да создавате, да нè радувате и нервирате. Помогнете ни да сонуваме и кога сме будни.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба на Сиљановска-Давкова со Гордан Грлиќ Радман, МНР на Хрватска

Средба на Сиљановска-Давкова со Гордан Грлиќ Радман, МНР на Хрватска

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава. Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто...

Сиљановска-Давкова – Бегај: Нема поголема инвестиција во стабилноста на Западниот Балкан од членството во ЕУ

Сиљановска-Давкова – Бегај: Нема поголема инвестиција во стабилноста на Западниот Балкан од членството во ЕУ

Во рамки на официјалната посета на албанскиот претседател, денеска беше одржана заедничка прес-конференција на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот Бајрам Бегај. Во продолжение е интегралната изјава на претседателката Сиљановска-Давкова. [gallery...

Започна официјалната посета на албанскиот претседател Бегај

Започна официјалната посета на албанскиот претседател Бегај

На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на земјава. [gallery...

Сиљановска-Давкова: Осумдесетгодишнината на ДЛУМ говори за огромното значење на уметноста за новосоздадената македонска држава

Сиљановска-Давкова: Осумдесетгодишнината на ДЛУМ говори за огромното значење на уметноста за новосоздадената македонска држава

„Биеналниот „Зимски салон 2026“ е резултат на внимателно осмислениот концепт, што цели да обедини на едно место различни генерации сликари, со различни ракописи, насликани за различни генерации  набљудувачи, сите гладни за уметност“, порача претседателката Гордана...

Сиљановска-Давкова на презентација на проектот Skills4Justice: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни

Сиљановска-Давкова на презентација на проектот Skills4Justice: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни

Претседателката Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа...