Претседателката Сиљановска Давкова: Законот за климатска акција и негова доследна имплементација ќе биде пресвртница во заштитата и унапредувањето на животната средина

30 октомври 2024 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска се обрати на настанот „Во пресрет на 29. Конференција на страните на Конвенцијата на ОН за климатски примени – COP29: зголемување на амбициите и овозможување акција“, организиран од УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.

Почитуван постојан претставник на УНДП,
Ценети министри,
Почитувани присутни,

Ми претставува чест денеска да бидам помеѓу долгогодишните поборници за климатска акција, како од државните, така и од академските институции и од невладиниот сектор. Климатските промени се високо на мојата агенда. Со страст и приоѓам на оваа тема. Затоа, им благодарам на УНДП, коишто во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, ја организираа денешнава размена на мислења.

Тука сме да се подготвиме за претстојната 29. Конференција на страните на Конвенцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP29, што годинава се одржува во Баку. Во наредните неколку недели, Баку ќе биде центарот на светската климатска дипломатија, каде што државите, со поддршка на меѓународните организации, ќе ги усогласуваат своите климатски амбиции и акции. Целта на COP29 е да се забрза имплементацијата на Парискиот договор, а глобалното затоплување да се држи во рамките на 1.5 °C.

Како претседателка ќе ја предводам нашата национална делегација на Самитот за климатска акција каде што ќе ги претставам македонските заложби, приоритети, но и предизвиците во справувањето со климатските промени.

Почитувани присутни,

Во светски рамки, македонскиот удел кон емисијата на стакленички гасови, а со тоа и кон глобалното затоплување, е занемарливо мал. Но, на национално и локално ниво, овој удел претставува сериозен здравствен, економски и безбедносен ризик.

Според УНИЦЕФ, секој деветти смртен случај кај новороденчиња во земјава е поврзан со загадениот воздух. Институтот за јавно здравје проценува дека секоја година во земјава од загаден воздух умираат околу 4.000 луѓе. Затоа, една од главните причини за иселувањето на луѓето не е висината на платата, туку квалитетот на животот и, особено, квалитетот на животната средина. Иселувањето на младото и работоспособно население води кон економска стагнација.

Но, освен здравствен и економски, емисиите на стакленички гасови се и безбедносен ризик. Тие забрзано водат до климатски промени со потенцијално катастрофални последици. Сè почестите екстремни временски појави, како што се топлотните бранови, сушите, невремињата и поплавите, вклучително и во нашиот регион, се само навестување на тоа каква иднина ги очекува следните генерации. Доколку се остварат негативните климатски сценарија, прашање е дали воопшто ќе можеме да зборуваме за одржливост или, пак, ќе треба да почнеме да размислуваме за преживување, односно способност за живеење?

За да се справиме со овој троен ризик, ние мора прашањето да го издигнеме на највисоко ниво. Уште како пратеничка во Собранието се залагав за воведување на таканаречено „зелено столче“, односно, гарантирано место за невладиниот сектор да учествува во расправите за законските решенија поврзани со животната средина и со климатските промени. Неодамна, во Советот за безбедност именував и експерт од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Владо Спиридонов. Како држава, ние мора да обрнеме многу повеќе внимание на адаптацијата кон климатските промени и намалувањето на ризиците од катастрофи.

Исто така, мора да продолжиме со законските реформи. Со нетрпение го чекам денот кога ќе го потпишам указот за прогласување на Законот за климатска акција. Верувам дека овој закон, што одамна требаше да се донесе, ќе биде пресвртница во нашата климатска акција. Добро е што последната работна верзија на предлог-законот е усогласена со најновите европски директиви. Но, најважно од сè е Законот да биде доследно имплементиран. И тоа поради најмалку три причини.

Прво, со Законот ќе се приближиме кон остварување на една од темелните вредности на нашиот уставен поредок, а тоа е „заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата“. Законот ќе помогне да се оствари со Устав гарантираното човеково право „на здрава животна средина“ и ќе создаде законска обврска за унапредување и заштита на природата. Неодамна, да потсетам, и Врховниот суд утврди начелен став дека државата е должна да обезбеди здрава животна средина и дека секој може да бара заштита на своето право, посебно во ситуација кога јавните органи не ги презеле дејствијата коишто во согласност со Законот биле должни да ги преземат.

Втората причина е дека со Законот за климатска акција, ние практично ќе имплементираме дел од можеби најтешкиот и најскап кластер во преговорите за членство во Европската Унија, а тоа е „Зелената агенда и одржливото поврзување“. Овој кластер во себе ги вклучува поглавјата за транспорт, енергетика, трансевропски мрежи и животна средина и климатски промени. Се проценува дека само за транзиција кон обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност се потребни околу 3.1 милијарди евра. Добро е што со Економскиот и инвестициски план и со Зелената агенда за Западниот Балкан на Европската Унија се предвидени конкретни средства за оваа важна област.

Во таа насока, COP29 ќе биде од суштинско значење и за обезбедување средства за имплементација. Затоа, ние мора да ги презентираме нашите стратегии, планови и активности и да бараме финансиски средства за нивно спроведување. Финансирањето е клучот за имплементацијата, особено на декарбонизацијата на енергетскиот сектор. Изминатиов период се среќавав со повеќе високи претставници на инвестициските банки кои се веќе вклучени во Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција.

Но, има и трета причина зошто Законот е важен. Целта на реформите е да се трансформираат навиките. Пред 30-тина години, големиот француски филозоф и професор на универзитетите Сорбона и Стенфорд, Мишел Сера, објави една брилијантна книга со наслов „Природниот договор“, значи Жан-Жак Русо „Општествениот договор“, а Мишел Сера „Природниот договор“, во која со право тврди дека изминативе неколку века, човештвото е во војна со природата.

Од еколошки и климатски аспект, вкупната штета којашто му се нанесува на светот преку експлоатацијата и загадувањето е еднаква на разурнувањата што би ги оставила една светска војна. Нашите сегашни мирнодопски економски односи, за жал, произведуваат исти резултати како и глобалните конфликти.

Нам ни треба општествен договор со природата, односно, природен договор, со којшто природата ќе ја третираме како партнер, а не како противник. Но, за да го направиме овој чекор, треба да се справиме со два вида на загадување. Првото е материјалното, технолошкото и индустриското загадување на воздухот, почвата и водите. Но, многу поопасно е второто, нематеријалното загадување на индивидуалната и општествената свест што ја третира природата како ресурс што треба беспоштедно да се експлоатира. Ако сакаме да се избориме против загадувањето на животната средина, ние треба да се избориме против загадувањето на нашата, на човековата свест. Тоа е целта на секој закон и на секоја реформа – да ги освести луѓето и да им помогне да ги променат производствените, потрошувачките и, воопшто, животните навики.

За да ја разрешиме климатската криза, ние мора да почнеме да размислуваме долгорочно, а не краткорочно, да престанеме да планираме само до следните избори, туку да планираме до следните генерации.

На самиот крај, верувам дека овој настан, преку отворената дискусија и размената на експертските мислења, ќе ни помогне да ги допрецизираме ставовите со кои како држава ќе настапиме на COP29 во Баку.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на конференцијата „Превенција и заштита од насилство врз жени и девојчиња, со фокус на сајбер-насилство. Пренесување на препораките од претходното на новото Собрание“

Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на конференцијата „Превенција и заштита од насилство врз жени и девојчиња, со фокус на сајбер-насилство. Пренесување на препораките од претходното на новото Собрание“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на конференцијата „Превенција и заштита од насилство врз жени и девојчиња, со фокус на сајбер-насилство. Пренесување на препораките од претходното на новото Собрание“, што во организација на Комисијата за...

Брифинг за борбената готовност на Армијата

Брифинг за борбената готовност на Армијата

Претседателката и врховна командантка на Вооружените сили, Гордана Сиљановска Давкова, денеска присуствуваше на брифинг за борбената готовност на Армијата. На брифингот, во присуство на министерот за одбрана, Владо Мисајловски и...

Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“

Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на Свечената академија, што по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“ се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност. [gallery...

Делегација од Кабинетот на Претседателот положи свежо цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски

Делегација од Кабинетот на Претседателот положи свежо цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски

Делегација од Кабинетот на Претседателот, по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“, денеска положи свежо цвеќе пред споменикот на Св. Климент Охридски во дворот на НУБ „Св. Климент Охридски“. [gallery...

Честитка од претседателката Сиљановска Давкова по повод празникот Свети Климент Охридски

Честитка од претседателката Сиљановска Давкова по повод празникот Свети Климент Охридски

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, упати честитка до сите верници од православна вероисповед, по повод државниот празник Свети Климент Охридски. Почитувани, Би сакала да упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник Свети Климент Охридски. Денешниот...