Сиљановска – Давкова: „Вељо Манчевски“ е вреднување на посебниот духовен, образовен и хуман придонес

12 декември 2025 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на церемонијата на доделувањето на признанието „Вељо Манчевски“, именувано по првиот верски референт во 1943 година.

Во својство на покровителка, таа им честиташе на добитниците, оценувајќи дека нивниот труд, ангажман и успех претставуваат пример на извонредност, на општествена одговорност и посветеност на заедничкото добро.

За неа, признанието „ Вељо Манчевски“ е институционално препознавање и вреднување на посебниот духовен, образовен и хуман придонес на поединци, здруженија и организации во македонското општество.

„Во забрзано дигитално време, геополитички тензии и општа неизвесност, постои насушна потреба од личности со ум, знаење, дигнитет, интегритет, достоинство и храброст кои ќе ни помогнат да го сочувуваме физичкото и ментално здравје, да не го изгубиме човечкиот пат и да чекориме по вистинскиот“, рече претседателката.

Сиљановска-Давкова ја потенцираше важната улога на верските великодостоинственици, како духовни водачи, но и на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи како почитуван посредник и мост меѓу нив!

Претседателката укажа дека традицијата на соживот и меѓусебно уважување на граѓаните од различна верска или етничка припадност, е битен фактор на кохезијата на македонското општество.

Годинава, признанието „Вељо Манчевски“ го добија: Берта Романо-Николиќ, од Еврејската заедница за промовирање на македонскиот модел на соживот и демократија, протојереј Гоце Костов, за промоција на вистински христијански вредности, проф. д-р Шинази Мемеди од Исламската верска заедница, за афирмација на исламската култура и цивилизација и Дијаконија Македонија – Мис Стон Центар од Евангелско-методистичка црква. Признанието „Вељо Манчевски“ за животно дело му припадна на проф. д-р Ацо Гиревски, од Македонската православна црква.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитуван потпретседател на Владата,
Почитувана потпретседателке на Собранието,
Почитувани министри,
Почитувани великодостоинственици,
Почитуванa г-а Трајковска, директорке на Комисијата за односи со верски заедници и религиозните групи,
Почитувани свештеници,
Почитувани гости,
Дами и господа,

Чест ми е и годинава да бидам покровителка на доделувањето признание „Вељо Манчевски“, да повторам уште еднаш, првиот верски референт воспоставен во 1943 година, којашто се доделува од страна на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи.

Четири години веќе, ова признание им се доделува на личности и на институции за особен духовен, солидарен и хуман придонес кон заедницата.

Живееме во забрзано дигитално време, обременето со геополитички тензии и општа неизвесност. Тогаш имаме насушна потреба од ориентири, од дигнитет, од интегритет, од храброст, од достоинство и од посветеност.

Поддржувајќи го денешниот настан и високо ценејќи ги придонесите на наградените, како претседателка, ќе ја реафирмирам мојата искрена заложба за почит, соработка и заедништво. Не се работи за апстрактни именки, не се работи за гола реторика, туку за вредности со коишто сме живееле и со чија помош сме се разбирале со векови поминати заедно во соживот и коегзистенција.

Да потсетам, без оглед на верската, етничката или која било друга припадност, нашите граѓани низ историјаата се уважувале. Природно е тогаш оваа вредна традиција да ја негуваме и да ја чуваме. Сè друго би значело разградување на ткивото на македонската држава.

Мислам дека немаме време за губење на решавање проблеми, анимозитети и недоразбирања од минатото, коишто вештачки, според мене, ни се наметнуваат. Времето бара да ја живееме мирно и здружено сегашноста, храбро свртени кон иднината, со јасна визија и храбри решенија.

Јас сум убедена сум дека нашите духовни и интелектуални лидери и нашите граѓани, сите ние, имаат здрави идеи и јасна и цврста волја да го придвижат општеството кон реформи и кон развој.
Почитувани,

Денеска, во друштво на претставниците на нашите верски заедници и религиозни групи, не можам, а да не го истакнам впечатокот дека човештвото, по кој знае кој пат, е повторно соочено со драматични премрежија, што може да се пребродат само со ум, со знаење, со мудрост, со вера, со верба, со добрина и со љубов.

Вие, верските великодостоинственици сте тие кои секојдневно се со верниците, ги подучувате, им давате пример, се грижите за нивните потреби, ги разбирате нивните маки и грешки, им давате морална и духовна поткрепа, утеха и помош!

Вие ги слушате нашите исповеди, ги знаете нашите стравови, грижи, надежи и радости. Вие сте се обврзале пред Бога да бидете гласници на вистината, застапници на онеправданите и заборавените, вие сте бранители на духовноста и на моралноста.

Такви гласници, според мене, се и денешните добитници на признанието „Вељо Манчевски“. Од срце им честитам за наградите и верувам дека ова значајно признание ќе ги мотивира и ќе ги поттикне на уште поголеми и повисоки успеси и дострели.

Би сакала да укажам на многу важната улога на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи како мост меѓу верските заедници, а преку нив и меѓу верниците. Посакувам и понатаму ревносно да ја исполнувате вашата мисија со интегритет и со достоинство.

Верувам дека сите ние, како поединци, како институции, но и како заедница, водени од верата, вербата и духот, сме предодредени да правиме добри дела и да придонесуваме за добросостојбата на нашата заедничка татковина.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателката Сиљановска-Давкова во официјална посета на Република Хрватска

Претседателката Сиљановска-Давкова во официјална посета на Република Хрватска

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, од денеска ќе престојува во официјална посета на Република Хрватска. Утре, 24 март 2026 година, вторник, во Загреб претседателката Сиљановска-Давкова ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести од претседателот на...

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Рамазан бајрам

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник - Рамазан бајрам, упати честитка до верниците од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван реис-ул-улема х....

Сиљановска-Давкова: Потребна е поголема институционална поддршка за инклузија на лицата со Даунов синдром

Сиљановска-Давкова: Потребна е поголема институционална поддршка за инклузија на лицата со Даунов синдром

Во пресрет на 21 март - Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром „Дневен центар – Доза среќа“ Скопје. [gallery...

Средба на Сиљановска-Давкова со словачката европратеничка Мириам Лексман

Средба на Сиљановска-Давкова со словачката европратеничка Мириам Лексман

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Мириам Лексман, пратеничка во Европскиот парламент од Словачка, од групата на Европската Народна Партија. На средбата се разговараше за европската интеграција на државата, при што...

Сиљановска-Давкова прими претставници на Државниот завод за ревизија

Сиљановска-Давкова прими претставници на Државниот завод за ревизија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Државниот завод за ревизија, предводени од помошничката на главниот државен ревизор, Катерина Чалоска Алексова, кои вршат ревизија на успешноста на тема „Жени лидери - жени во политиката,...