Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на свеченото одбележување на 73-годишнината од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први“

8 ноември 2024 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на свеченото одбележување на 73-годишнината од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.

Почитувана Ректорке,
Почитуван Декан, почитувани продекани,
Почитуван претседател на студентското собрание,
Почитувани гости,
Почитувани и сакани студенти,

Правниот факултет е родно место и дом на правните, политичките и комуниколошките науки. Беше и мој работен и духовен дом четириесетина години.

И кога не сум тука, тој е во моите мисли.

Бројките говорат дека илјадници луѓе поминале дел од својот живот во него:  дури 48.000 студенти, 600 магистри, 250 доктори.

Дознав дека денес, во оваа корбизијанска, бруталистичка градба предаваат, истражуваат и творат 73 професори и 4 асистенти.

Македонската политика не може да се замисли без нашиот факултет: на „Јустинијан Први“ дипломирале четири од вкупно шест македонски претседатели, а двајца, колегата Иванов и јас, биле професори. Од Правниот факултет излегле премиери.

Од оваа, за мене, престижна фабрика на знаење се регрутирале најголемиот дел од администрацијата, судиите, вклучувајќи ги и оние од Уставниот суд, јавните обвинители, адвокати, нотари, како дипломирани правници, магистри или доктори.

Мојата фатална врска со правото ја поттикнаа некои врвни професори по право, токму овде. Иво Пухан, кај кого ја добив првата десетка, Славко Милосавлевски, чија еретичка мисла влијаеше врз мојот хабитус, луцидниот Сократовец, Ѓорѓе Марјановиќ, чија десетка ми беше најомилената, мојот професор Владимир Митков и многу многу други, меѓу кои и некои седат и овде, кои ја поттикнаа мојата љубов кон прекрасната професија.

На Правниот факултет поминав немирни, интелектуално богати, инспиративни студентски денови, а мојот професорски живот беше бурен, плоден, компетитивен, иновативен, реформски.

Имам среќа да другарувам со умни, критички настроени, конструктивни, посветени и докажани колешки и колеги кои израснаа во почитувани професорки и професори.

Iusticia беше нашата заштитничка, а nomos-от,  logos-от , ethos-от и pathos-от,  нашата животна филозофија.

Сократовски ориентирани, уживавме во воспитно-образовната интелектуална игра, заразувајќи ги студентите со вирусот на критичкиот ум, полемиката и непослушноста.

Работата роди вкусни плодови: книги, трудови во престижни часописи и издавачки куќи, забележано учество на меѓународни конференции, вклученост во важни проекти, членство во научни и образовни асоцијации и организации…

Во професорскиот живот се родија здрави односи со студентите, со колешките и со колегите, не само дома, туку и надвор.

Правниот факултет за мене беше и остана престижна високообразовна институција, храм на правото и правдата, ментор на младите научници, родител на политичките науки и комуникологијата, расадник на добри правници, политиколози и комуниколози.

Не дека не се соочуваше со сцили и харибди, со тешки дилеми и предизвици, но многу професори и асистенти беа гласни и јасни во битката за универзитетската автономија, но и во борбата за демократијата и правото.

Седумдесетитригодишната образовно-научна сага е време на раст и зреење, успех и афирмација, стаменост и отпор кон неправдите од различен вид.

За мене, “Iustinianus Primus” остана мојот дом за чие демократско функционирање се борев додека бев тука, а кога заминав, го бранев.

Имав ретка среќа да бидам она што го сакав: страсно вљубена професорка во професијата.

Имав среќа да предавам Уставно право и Политички систем, па дури и да бидам избрана за најинспиративна професорка. Не беше тешко, оти правото и правдата, етиката и моралот беа мојата и вашата водилка, а најголемата инспирација ‒ вие, студентите!

Му посакувам на мојот Факултет да биде витешка образовна и научна арена, а на моите колешки и колеги, подобри од мене и од нас, нивните учители!

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба на Сиљановска-Давкова со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Загреб

Средба на Сиљановска-Давкова со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Загреб

Во рамки на официјалната посета на Република Хрватска, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. На средбата беше изразено задоволство од одличните билатерални односи...

Сиљановска-Давкова по средбата со Милановиќ: Нема место за двојни стандарди во евроинтегративниот процес

Сиљановска-Давкова по средбата со Милановиќ: Нема место за двојни стандарди во евроинтегративниот процес

На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Загреб беше пречекана од претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, со што започна нејзината дводневна официјална посета на земјата. Двајцата...

Претседателката Сиљановска-Давкова во официјална посета на Република Хрватска

Претседателката Сиљановска-Давкова во официјална посета на Република Хрватска

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, од денеска ќе престојува во официјална посета на Република Хрватска. Утре, 24 март 2026 година, вторник, во Загреб претседателката Сиљановска-Давкова ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести од претседателот на...

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Рамазан бајрам

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник - Рамазан бајрам, упати честитка до верниците од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван реис-ул-улема х....

Сиљановска-Давкова: Потребна е поголема институционална поддршка за инклузија на лицата со Даунов синдром

Сиљановска-Давкова: Потребна е поголема институционална поддршка за инклузија на лицата со Даунов синдром

Во пресрет на 21 март - Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром „Дневен центар – Доза среќа“ Скопје. [gallery...