Република Северна Македонија

Република Северна Македонија се наоѓа во Југоисточна Европа, во центарот на Балканскиот Полуостров, и зафаќа површина од 25.713 км².

Главен град на Република Северна Македонија е Скопје.

Административно, територијата на Република Северна Македонија е поделена на 80 општини, од кои 10 го сочинуваат Градот Скопје, како посебна единица на локална самоуправа. За статистички, економски и административни цели, територијата на Република Северна Македонија е поделена и на осум плански региони.

Релјефот на Република Северна Македонија е главно планински.

Република Северна Македонија се граничи со Република Србија и Република Косово на север, со Република Бугарија на исток, со Република Грција на југ и со Република Албанија на запад.

Основни податоци

Население

Во Република Северна Македонија, согласно последниот попис спроведен во 2021 година, живеат 1.836.713 граѓани.

Во Република Северна Македонија живеат припадници на македонскиот народ, како и граѓани кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ, и други.

Јазик

На целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик којшто го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, во согласност со закон.

Државна валута

Денар

Клима

Република Северна Македонија има умерено-континентална кон медитеранска клима, со четири издвоени годишни времиња. По долината на реката Вардар и во регионот на Струмица, климата е умерено-медитеранска, додека кон внатрешноста на земјата климата е претежно континентална со суви и топли лета, и со ладни врнежливи зими.

Временска зона

UTC+1 (CET)

UTC+2 (CEST)

Политички и судски систем

Републиката прогласи независност по одржаниот референдум на 8 септември 1991 година.

Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Државната власт се дели на законодавна, извршна и судска.

Претседателот на Република Северна Македонија ја претставува Републиката и е врховен командант на вооружените сили на Република Северна Македонија.

Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници, коишто се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.

Владата на Република Северна Македонија е носител на извршната власт. Владата и секој нејзин член се избираат во Собранието и за својата работа одговараат пред Собранието. Владата ја сочинуваат претседател и министри.

Судската власт ја вршат судовите. Врховниот суд на Република Северна Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.

Судскиот совет на Република Северна Македонија е самостоен и независен орган на судството, којшто ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган којшто ги гони сторителите на кривични дела и на други, со закон утврдени, казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Уставниот суд на Република Северна Македонија е орган на Републиката којшто ја штити уставноста и законитоста.

На граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа. Единици на локалната самоуправа се општините.

Државни симболи на Република Северна Македонија

Грб на Република Северна Македонија

Државниот грб е со пејзажен карактер. Грбот на Република Северна Македонија претставува поле опкружено со житни класје коишто се поврзуваат на врвот, испреплетено со плодови од афион и со тутунови лисја коишто се поврзани на дното со лента прошарана со народни мотиви. Среде во полето се оцртува планина во чие подножје тече река, а зад планината изгрева сонце.

Знаме на Република Северна Македонија

Знамето на Република Северна Македонија е усвоено во 1995 година и сиболизира сонце со осум краци на црвена заднина. Од центарот на црвената заднина се распространува златно сонце со осум сончеви краци коишто се простираат од сончевиот диск со проширување до рабовите на знамето. Сончевите зраци се вкрстуваат по дијагонала, хоризонтала и вертикала. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на ширината и должината на знамето е еден наспрема два.

Химна на Република Северна Македонија

„Денес над Македонија“ е химна на Република Северна Македонија, компонирана во 1941 година. Автор на текстот е Владо Малески, а автор на музиката Тодор Скаловски. По завршувањето на Втората светска војна е усвоена како химна на Социјалистичка Република Македонија во рамките на поранешна Југославија, а во 1992 година со закон е прогласена и за химна на независна Република Македонија.

Денес над Македонија

Денес над Македонија се раѓа,
ново сонце на слободата!
Македонците се борат,
за своите правдини!
Македонците се борат,
за своите правдини!

Одново сега знамето се вее,
на Крушевската република!
Гоце Делчев, Питу Гули,
Даме Груев, Сандански!

Горите Македонски шумно пеат,
нови песни, нови весници!
Македонија слободна,
слободнo живее!