Сиљановска-Давкова од Севиља: Потребно е фер финансирање за да се справиме со глобалните предизвици

30 јуни 2025 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Четвртата меѓународна конференција за финансирање на развојот, којашто под покровителство на ОН се одржува во Севиља.

Во своето обраќање, таа ја истакна важноста на мултилатерализмот и заедничките глобални напори за справување со сиромаштијата, климатските промени, нееднаквоста и социјалната неправда.

Сиљановска-Давкова предупреди дека постојат сериозни геополитички и економски ризици коишто ги поткопуваат досегашните достигнувања, изрaзувајќи верба во можноста од подобар и поодржлив свет.

Според неа, пристапот до праведно финансирање е клучен услов за успех и за доверливи партнерства. Во новиот Пакт за иднината, претседателката препознава обновен глобален општествен договор. Таа укажа на потребата од споделена одговорност на сите засегнати страни.

Потенцирајќи дека речиси две третини од Целите за одржлив развој се поврзани со реформите на Европската Унија, претседателката информираше дека нашата Национална стратегија за развој 2024-2044 е усогласена со најновата Рамка за соработка за одржлив развој на ООН.

Сиљановска-Давкова им се заблагодари на ОН, ЕУ и развојните агенции од повеќе земји, како и на меѓународните финансиски институции – ЕБОР, Светска банка, ЕИБ и Инвестицискиот фонд за Западен Балкан за суштинската поддршка преку проектите во областите на зелената транзиција, здравството, образованието и инфраструктурата.

Во продолжение е интегралниот говор на претседателката Сиљановска-Давкова:

Ваши екселенции,

Дами и господа,

Сакам да изразам искрена благодарност на нашите шпански домаќини за организирањето на оваа Четврта меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља.

Пред осумдесет години, Обединетите нации се издигнаа од урнатините на Втората светска војна со цел да се спречат идните војни, да се прекине колонијализмот, да се почитуваат човековите права, да се унапреди правдата и меѓународното право и да се обединат нациите зад глобалните напори, како што се Парискиот договор и Целите за одржлив развој.

Осумдесет години подоцна, многу од овие достигнувања, за жал, се поткопани од геополитичкото ривалство, економската фрагментација и системските ризици. Мултилатералните напори за спроведување на ЦОР и справувањето со итните глобални предизвици, какви што се сиромаштијата, нееднаквоста, климатските промени и неправдата, често се сметаат за Донкихотовска мисија. Исто како што Дон Кихот се соочи со неразбирање и отпор, движењето за одржлив развој се соочува со геополитички и геоекономски предизвици.

И покрај овие неуспеси, веруваме дека подобар свет е можен, дури и ако патот е тежок. За да ја ревитализираме ООН и да го зајакнеме нејзиниот мултилатерален систем, го усвоивме Пактот за иднината како нов глобален Русоов општествен договор. Во сржта на секој општествен договор лежи фундаментална вистина дека сите страни делат одговорност не само да ги почитуваат своите права, туку и должност да се грижат за системот. Социјалниот договор не е пасивен договор, туку жива обврска.

Финансирањето на развојот мора да ги обедини стратегијата, капиталот и мултилатералната поддршка во кохерентен екосистем.

Како мала европска земја, посветени сме на интегрирање на Целите за одржлив развој во нашите стратешки документи. Речиси две третини од ЦОР се поврзани со реформите на Европската Унија. Најновата Рамка за соработка за одржлив развој на ОН е усогласена со нашата Национална стратегија за развој 2024-2044.

За да го премостиме јазот меѓу амбицијата и реалноста, потребен ни е пристап до фер финансирање и партнерства за соработка. На нашето патување кон подобра иднина, доверливи партнери како што се агенциите на ОН и агенциите за развој на земји како Австрија, Германија, Јапонија, Словачка, Шведска, Швајцарија, Турција, Велика Британија и други чекорат со нас. Тие носат искуство, ресурси и поддршка за зајакнување на нашите заедници со тоа што помагаат да се осигура дека секој проект навистина ќе стигне до луѓето.

Во исто време, инвестициските банки ни помагаат да ги претвориме идеите во опиплив напредок. Преку Фондот за зелено финансирање, Европската банка за обнова и развој промовира правична енергетска транзиција и нè поддржува да се справиме со загадувањето на воздухот и климатските промени. Светската банка се фокусира на намалување на сиромаштијата, здравствената заштита и образованието. Европската инвестициска банка инвестира во одржлива инфраструктура и климатски иницијативи, придонесувајќи кон иновациите и целите за климатска акција.

Инвестицискиот фонд за Западен Балкан ги координира инвестициите од ЕУ, финансиските институции, донаторите и корисниците.

Заедно, овие партнери помагаат во усогласувањето на македонскиот развој со глобалните цели за одржливост, зголемувајќи ја отпорноста, економскиот раст и заштитата на животната средина. Постои уште една причина зошто овие партнерства се толку важни. Кога парите владеат, има тенденција да ја запомниме цената на нештата, а ја забораваме нивната вредност, но тоа е опасно. Инвестициските банки, развојните институции и меѓународните донатори ги потсетуваат нашите национални институции за вредноста на секој заем и донација.

Дами и господа,

Можеби изгледа дека се бориме со ветерниците на нашето време, но, и покрај пречките, мора да продолжиме во нашата потрага по подобар, поодржлив свет. Како одговорна страна на глобалниот општествен договор, го поддржуваме „Договорот од Севиња“ за финансирање на развојот. Како што еднаш рече вториот генерален секретар на Обединетите нации, Даг Хамарскјелд: „Стремежот кон мир и напредок не може да заврши за неколку години ниту со победа ниту со пораз. Стремежот кон мир и напредок, со своите искушенија и грешки, своите успеси и своите неуспеси, никогаш не може да се опушти и напушти.“

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова: Имаме обврска природата да ја третираме како партнер, штитејќи ја неа, се штитиме себеси

Сиљановска-Давкова: Имаме обврска природата да ја третираме како партнер, штитејќи ја неа, се штитиме себеси

Водена од желбата за заштита на Преспанското Езеро, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вчера од општината Ресен ја започна серијата на посети на македонските градови и села. Пред неа и пред градоначаналникот Јован Тозиевски, на дебатата во Отешево, повеќе од...

Одговори на новинарски прашања за време на посетата на Ресен

Одговори на новинарски прашања за време на посетата на Ресен

Новинарско прашање: Претседателке, го читавме извештајот на Европската Комисија. Колку е тој опфатен со технички детали кои се однесуваат на Копенхагенските критериуми, или повеќе содржи, би рекол, политички моменти – „сменете го само уставот“. Кое е вашето гледање?...

„Заштитата на Преспанското Езеро треба да биде највисок приоритет“ – Сиљановска-Давкова во работна посета на Ресен

„Заштитата на Преспанското Езеро треба да биде највисок приоритет“ – Сиљановска-Давкова во работна посета на Ресен

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска е во работна посета на Општина Ресен. Во рамки на посетата, таа оствари средби со градоначалникот Јован Тозиевски, членовите на Советот на општината и со граѓаните на Ресен. Тие ја запознаа со локалните проблеми, а...

Претседателката Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг

Претседателката Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг, предводена од Лота Џонсон Форнавре, во придружба на амбасадорот на Кралството Шведска, Oла Солстром. [gallery...

Сиљановска-Давкова се обрати на свеченоста по повод заклетвата на 29. класа на питомци и слушатели на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски

Сиљановска-Давкова се обрати на свеченоста по повод заклетвата на 29. класа на питомци и слушатели на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената заклетва на питомците од 29. класа и слушателите на Курсот за офицери и штабни службеници на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“. Таа истакна дека со денешниот чин младите питомци стануваат...