Сиљановска-Давкова по средбата со Руте: Најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е негова итна и целосна интеграција во ЕУ

3 март 2026 | Обраќања, Соопштенија

На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој престојува во прва официјална посета.

Сиљановска-Давкова и Руте одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.

Според претседателката, посетата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во време на растечки непредвидливи предизвици е јасна потврда за важноста на сојузничката солидарност и заедничката одговорност во рамките на НАТО.

Таа го информираше генералниот секретар за неделната седница на Советот за безбедност на којашто беше заклучено дека и покрај моментално стабилната внатрешна состојба, се наметнува нужност од постојaно следење на галопирачките настани и навремено и соодветно реагирање на истите.

Претседателката укажа на македонското посветено и доследно однесување кон преземените обврски на Самитот во Хаг и Велс во поглед на издвојувањето од БДП за одбраната.

Исто така, таа ја потенцираше активната улога на македонската армија во меѓународните борбени мисии, насочена кон одвраќање и заедничка одбрана на НАТО просторот. Во разговорите не изостана ни поддршката на Украина.

Генералниот секретар на средбата ја потврди значајната македонска улога во безбедноста на Западен Балкан, при што порача дека регионот е од стратешко значење и Алијансата нема да дозволи да се појави безбедносен вакуум.

Обајцата се согласија за итноста на интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ, како најсоодветно решение за отпорност кон трети влијанија, но и безбедност не само на Западен Балкан, туку и на Европа.

Во продолжение е интегралната изјава на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитувани претставници на медиумите,

Дозволете ми уште еднаш да му посакам добредојде на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Се соочуваме со глобална неизвесност, со геополитички тензии, со војна на европско тло, со сајбер закани, со хибридни закани, со закани од ширење на дезинформации и затоа мислам дека посетата на генералниот секретар Руте, којашто за жал коинцидира со време на сериозни безбедносни предизвици (мислам на галопирачките воени дејствија на Блискиот Исток и Персискиот залив) за мене е јасна потврда за важноста на сојузничката солидарност и на заедничката одговорност.

Јас веќе го информирав господинот Руте дека од тие причини викендов го свикав Советот за безбедност. Овие сложени безбедносни околности бараат будност, подготвеност, јакнење на активностите на инструментите за рано предупредување, како и посилни и одржливи инвестиции во одбранбените капацитети.

Во овој момент, затоа е господинот Руте тука и му посакувам и верувам дека тоа може да го направи, неопходно е во рамките на НАТО Алијансата да се надминуваат разликите или да се усогласуваат разликите за да се обезбеди кохезија врз основа на заедничките вредности и принципи врз кои е втемелено НАТО. Токму заради тоа, повторувам, улогата на генералниот секретар е особено важна.

Јас цврсто верувам дека НАТО не е само воен сојуз, туку дека е и заедница на споделени вредности, на споделена одговорност, но и што е најважно, на заедничка визија за безбедна иднина и ние продолжуваме да бидеме одговорна членка на НАТО сојузот.

Сакам да потсетам, или да нотирам неколку работи:

Како кредибилен сојузник, ние го спроведуваме Планот за инвестиции во одбраната, вклучително и заклучокот од самитот во Хаг за издвојување одреден процент од БДП за одбрана до 2035 година. Исто така, ги исполнуваме и Целите за способностите. Потенцирам, не се во прашање проценти, два проценти, пет проценти, и бројки, туку инвестиција во заедничката одбрана и безбедност.

Ние го исполнивме условот од самитот во Велс од 2% од БДП за одбрана (денеска тука е и министерот за одбрана) и од нив над 30% се наменети за опрема и модернизација и модернизацијата продолжува.

Активно придонесуваме кон одвраќањето на опасностите и кон заштитата на одбранбената позиција на НАТО преку борбените групи во Латвија, во Бугарија, во Романија, мисијата на КФОР во Косово, мисијата на ЕУ – АЛТЕА во Босна и Херцеговина и мислам дека тоа успешно го правиме. Со тоа јасно демонстрираме дека безбедноста е заедничка одговорност.

Во однос на Украина, ќе продолжиме со поддршката, со верба за можен договор за праведен и траен мир.

Почитувани,

На крајот сакам да потенцирам. Јас верував и се уште верувам дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан и за трајна отпорност на влијание од трети сили, тоа му го пренесов и на генералниот секретар, е неговата итна и целосна политичка интеграција во ЕУ.

Очекувам на претстојниот Самит на НАТО во 2026 година во Анкара, особено внимание да биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан, со оглед на актуелните настани и предизвици.

Укажувам дека мора да ставиме крај на вештачките

причини и на причините од историски и идентитетски карактер за оневозможување на регионалното членство во ЕУ и да се концентрираме на Копенхашките критериуми.

Одговорно тврдам дека најголемата инвестиција и гаранција, не само за нашата безбедност, туку и за безбедноста на Европа во целина е нашето членство и членството на Западен Балкан во Европската Унија.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Велигден

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Велигден

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г....

Сиљановска-Давкова прими претставници на Иницијативниот одбор за именување на големата концертна сала во Македонската филхармонија со името „Маестро Ванчо Чавдарски“

Сиљановска-Давкова прими претставници на Иницијативниот одбор за именување на големата концертна сала во Македонската филхармонија со името „Маестро Ванчо Чавдарски“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими членови на Иницијативниот одбор за именување на големата концертна сала во Македонската филхармонија со името „Маестро Ванчо Чавдарски“. За членовите на одборот, именувањето...

Сиљановска-Давкова на средба со ромски уметници: Потребна е видливост и рамноправност на уметниците Роми

Сиљановска-Давкова на средба со ромски уметници: Потребна е видливост и рамноправност на уметниците Роми

По повод Меѓународниот ден на Ромите, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими истакнати ромски уметници и културни дејци, активни на македонската културно-уметничка сцена и пошироко. Низ отворен и конструктивен дијалог, беа разменети мислења за македонскиот...

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Велигден

Честитка по повод 8 Април ‒ Меѓународниот ден на Ромите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до припадниците на ромската заедница по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април. Почитувани сограѓани Роми, Нека ви е и нека ни е честит 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите. Искрено посакувам да го...

Сиљановска-Давкова: Климатските промени се глобален, регионален и национален безбедносен предизвик – време е за превенција наместо реакција

Сиљановска-Давкова: Климатските промени се глобален, регионален и национален безбедносен предизвик – време е за превенција наместо реакција

Денеска, на иницијатива на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во Кабинетот се одржа дебата на тема:„Климатски промени - ризици и предизвици“, модерирана од проф. д-р Владо Спиридонов, во својство на член на Советот за безбедност. Во воведното обраќање,...