Претседателката Сиљановска-Давкова ги посети припадниците на Армијата во касарната „Јане Сандански“ во Штип

1 јануари 2025 | Соопштенија

Претседателката и Врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, на првиот ден од новата година ги посети припадниците на Армијата во касарната „Јане Сандански“ во Штип, придружувана од Началникот на Генералштабот на Армијата, Генерал-мајор Сашко Лафчиски.

За време на посетата, претседателката Сиљановска-Давкова им ги честиташе новогодишните празници на припадниците на Армијата, изврши обиколка на тактичко-техничкиот збор каде беше изложена опремата и вооружувањето со кое располага 2. пешадиски баталјон и беше информирана за состојбата во единицата, нејзината мисија и задачите што ги исполнува.

„Се разбира дека ова е импресивна воена опрема. Како што веќе чувме и од началникот, но и од надлежните се работи за држење чекор со најсовремените трендови. Тоа е логично кога зборуваме за НАТО-армија. Се разбира моето последно прашање беше колку чини сето тоа. Секогаш јас мислам дека оние два проценти се голема сума. Секогаш размислувам за тие два проценти во другите сфери и посакувам да нема потреба да се користи ова оружје, тоа го посакувам и заради овие зад мене и заради овие пред мене и заради началникот. Посакувам свет во кој што, или 2025 година во која мирот ќе биде главната опција, а нема да размислуваме за вооружување. Се разбира, јас ги разбирам потребите, меѓутоа исто така, затоа прашав, дали се ова донации или пак одвојуваме од буџетот. Она што е најважно се всушност не оружјето, туку мислам повторно на луѓето зад мене и луѓето пред мене. Јас се разбира, подготвувајќи се за овој настан прочитав се за овој 2. пешадиски баталјон. Знам дека извонредно ја поминал евалуацијата во 2022 година. Знам дека оваа година е најважната пред новата евалуација во 2026 година, но од редовните контакти со началникот, со генералите, јасно ми е дека подготовките се постојани, дека тие се во кондиција, дека се тие во тек со современите доктрини на војување, но дозволете ми, како некој кој не сонувал дека ќе биде сведок на презентирање на вакво современо оружје, да кажам дека јас отсекогаш сум била за мирот, секогаш сум давала предност на мирот и мислам дека е многу почовечки, дека е многу поумно секогаш превентивно да се постапува, а кога ќе дојде до војна тоа е веќе пораз на оние кои не смееле да доведат до тоа. 2025 година е година кога ќе славиме 80 години од Обединетите Нации. Обединетите Нации настанаа како еден базично мировен концепт и тогаш сите се колнеа дека никогаш повеќе нема да дозволиме војна. Но, се соочуваме со војна. И Европската заедница, денес Европска Унија настана како мировен концепт. И нејзините основачи, Шуман, Аденауер, Де Гаспери, Моне тогаш велеа дека таквата организација ќе обезбеди траен мир. Она што денеска мене најмногу ме загрижува е што војуваат европски држави. Украина и Русија се европски држави. Се надевам дека 2025 година ќе биде година во која местото каде што треба да се решаваат проблемите – Њујорк, Обединетите Нации навистина ќе биде искористен. Се разбира, јас многу пати сум рекла и ќе повторам дека мирот и безбедноста наша во најголем степен зависат од нашите вооружени сили. Убаво е да знаете дека стоите на чело на армија што е почитувана, компатибилна со останатите, иако е мала. Таа е најголемиот гарант за нашиот мир, но не само за нашиот мир. Веќе чувте дека едно од овие возила, јас сум ги видела за време на пожарите, тие се користат и во миротворни мисии и јас затоа во говорот кој во кои на сите им ја честитав новата година токму тоа го кажав – дека сево ова може да се користи и во миротворни цели. Се надевам дека следната година ќе биде година на мировни процеси и дека кога еднаш ќе речеме никогаш повеќе тоа треба да го почитуваме“, изјави претседателката Сиљановска-Давкова.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Порака од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Денот на македонскиот стандарден јазик

Порака од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Денот на македонскиот стандарден јазик

Денеска, на 5 мај, Денот на македонскиот стандарден јазик, упатувам искрена честитка до сите Македонци, чиј мајчин јазик е, каде и да се, до сите негови говорители, проучувачи и љубители. Македонскиот јазик е темел на нашиот идентитет и самобитност, траен сведок на...

Средба на Сиљановска-Давкова со романскиот претседател, Никушор Дан

Средба на Сиљановска-Давкова со романскиот претседател, Никушор Дан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на 8. Самит на Европската политичка заедница во Ереван, оствари средба со претседателот на Романија, Никушор Дан. Таа се заблагодари за континуираната поддршка на Романија на македонските евроинтеграции,...

Сиљановска-Давкова на Самитот во Ереван: Енергетската и инфраструктурната поврзаност се клуч за стабилна и безбедна Европа

Сиљановска-Давкова на Самитот во Ереван: Енергетската и инфраструктурната поврзаност се клуч за стабилна и безбедна Европа

Претседателката Сиљановска-Давкова, во рамките на учеството на 8. Самит на Европската политичка заедница, што се одржува во Ереван, Ерменија, денеска се обрати на тркалезната маса на тема „Зајакнување на поврзаноста и економската безбедност во контекст на зелената...

Сиљановска-Давкова на панел со Макрон и Мелони: Европската интеграција на Западен Балкан е предуслов за ефикасна борба против трговијата со дрога

Сиљановска-Давкова на панел со Макрон и Мелони: Европската интеграција на Западен Балкан е предуслов за ефикасна борба против трговијата со дрога

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Ереван учествуваше на панел-дискусијата организирана од страна на францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони, во рамките на активностите на Европската коалиција против дрогата...

Средба на Сиљановска-Давкова со претседателот на Ерменија, Хачатурјан

Средба на Сиљановска-Давкова со претседателот на Ерменија, Хачатурјан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Ереван оствари средба со претседателот на Република Еременија, Вахан Хачатурјан, на којашто обајцата изразија подготвеност за продлабочување на пријателските односи и унапредување на соработката. [gallery...