Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на одбележувањето на 45-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола

5 декември 2024 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Битола се обрати на свеченото одбележување на 45-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски”.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.

Почитуван ректор,
почитувани професорки и професори,
сакани студенти,

Речта „универзитет“ е повеќе од збор – таа е симбол на знаење, темел на прогресот и аманет од генерациите кои го осветлиле патот на човечката мисла. Во овој збор одекнуваат гласовите на минатото, се кршат предизвиците на сегашноста и блескаат надежите за иднината.

Одбележуваме 45 постоење на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, но и 100 години од институтот во Прилеп. Оваа институција е институција која со својата мисија ги проширува хоризонтите на знаењето, ги инспирира младите умови и стои како темел на образованието, науката и културата во југозападниот регион, но и многу пошироко. Денешниот јубилеј е сведоштво за четири и пол децении исполнети со труд, но и со визија и посветеност.

Свети Климент, неслучајно Универзитетот го носи неговото име. Во секоја буква од него се втиснати вековите што сведочат за нашата истрајност и нашата посветеност на образованието како возвишена цел.

Основан во 1979 година, како втор државен универзитет во Македонија, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола беше роден од идејата дека знаењето мора да биде достапно до сите, дека светлината на образованието треба да ги достигне сите агли на нашата татковина. Битола, со својата длабока историја и космополитски дух, стана дом на овој Универзитет, но неговите гранки брзо се проширија и кон Прилеп, Охрид, Кичево, Велес и Скопје.

Оваа институција не е само географски расеана, туку и културно, научно и духовно богата. Преку своите десет факултети, високата стручна школа и Научниот институт за тутун, Универзитетот стана повеќе од образовен центар – стана двигател на економскиот и социјалниот развој во југозападниот регион.

Но, гордоста на овој Универзитет не лежи само во неговите програми или научни истражувања. Таа се отелотворува во студентите и професорите, во нивниот труд, амбиција и посветеност. Студентите се најголемата инспирација на оваа институција, двигатели на нејзиниот напредок и чувари на нејзината мисија. Во нивниот успех се отсликува успехот на Универзитетот, а нивниот пат е нашата заветна мисија – да ги подготвиме за светот, да ги збогатиме со знаење, вредности и визија.

Од срце им честитам на деветте најдобри студенти, на најплодниот млад научник, на најплодниот научник, и најдобриот научник. За мене, овие награди не се само симбол на успех, туку и аманет за оние што доаѓаат по нив –дека знаењето не е само привилегија, туку и одговорност.

Како долгогодишна професорка, честопати велам дека нема подобра инвестиција од онаа во знаењето и образованието. А како Претседателка, одговорноста за обезбедување квалитетно образование ја чувствувам како должност.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола е неразделен дел од мозаикот на нашите стремежи, дел што го осветлува патот кон изградба на просперитетна држава, заснована врз темелите на знаењето и духовниот подем. Говорењето за неговите научни и академски достигнувања и дела што инспирираат, што заслужуваат восхит и почит – сето тоа ме исполнува со гордост и храброст. Од локални подвизи, како освојувањето на престижниот Инженерски прстен за 2023 година, до блескавите интернационални признанија, овој универзитет ја испишува својата вредност низ редовите на квалитетното високо образование и плодотворната академска заедница.

Свети Климент, чиј дух живее во секој агол од оваа институција, не би сакал само да се слави неговото дело, туку неговата мисија да продолжи. Да создаваме, да учиме, да пренесуваме, да ја негуваме писменоста, да го шириме знаењето, да ги инспирираме идните генерации да го променат грдиот свет.

Затоа, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола не е само чувар на минатото, туку и симбол на иднината – која ја оплотува неуморната жед за знаење, творештво и иновација, ја обединува вековната мудрост со стремежот кон нови хоризонти, каде знаењето и просветителството се водилки на човечкиот прогрес и потврда за траен духовен и културен развој. Преку своите 48 програми за додипломски студии, 57 за постдипломски и 20 за докторски студии, вие создавате генерации подготвени за предизвиците на денешниот, но и на утрешниот ден. Преку своите научно-истражувачки центри, како Институтот за старословенска култура и Хидробиолошкиот завод, Универзитетот го поврзува нашето културно и природно наследство со современите научни достигнувања.

Членството во меѓународни академски мрежи и Европската универзитетска асоцијација, заедно со престижните рангирања на престижните листи го зацврстуваат вашето место, местото на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола на глобалната академска сцена. Како втор македонски универзитет што го носи ова признание, веднаш зад Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, мислам на споменатото Times Higher Education, но и како прв и единствен од државата во категоријата  на одржлив развој, мир, правда и силни институции. Вие заслужувате почит. Меѓу многубројните достигнувања, особено се издвојува освојувањето на првата награда за најдобар научен труд од областа на биотехнологијата, признание што беше доделено на студент од УКЛО на Меѓународната студентска конференција. Овој триумф е сведоштво за академската извонредност, за иновативниот дух што Универзитетот го негува, претворајќи ги своите студенти во амбасадори на знаењето и инспирација за идните генерации.

Почитувани,

На овој ден, со почит се сеќаваме на оние кои го изградија и обликуваа Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Секој професор, секој студент, секој истражувач и вработен е неизоставен дел од оваа величествена приказна. Токму тие се столбовите што гарантираат дека иднината на УКЛО ќе биде светла, исполнета со нови можности и достигнувања.

Имиња како Академикот Глигор Каневче и истакнатите странски нобеловци, како почесниот професор Ден Шехтман, се само дел од научната слава и духовното наследство на УКЛО. Тие ја отелотворуваат неговата посветеност на принципиелната проактивност, која го води овој Универзитет и создава и негува вредности од интернационално значење.

Свети Климент е еден од најголемите столбови на македонската духовност, првиот словенски епископ, учител, книжевник, и основоположник на писменоста на нашиот народ. Нека неговиот дух продолжи да биде светлина што ќе го осветлува нашиот пат и патот на овој Универзитет. Нека оваа институција биде пример за тоа како традицијата и современоста можат да се спојат, како знаењето може да биде сила што ќе ги движи нашите општества напред.

Нека остане светилник што ќе ги инспирира идните генерации, водејќи ги по патот на Свети Климент – патот на знаењето, на мудроста и духовното издигнување. Тој е патрон на нашиот јазик, образование и книжевност – темели на кои почива културното и духовно наследство. Горда сум што Свети Климент е Охридски, а уште погорда што Охрид, мојот роден град, е Светиклиментов!

Нека Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола продолжи да биде симбол на стремежите за напредок, чувар на љубовта кон јазикот, книжевноста и образованието, воден од вечната инспирација на својот патрон!

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“, денеска, на Денот на македонската независност, ги одликуваше со Орден „8 Септември“ Јордан Плевнеш и Раде Силјан, и постхумно: Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски. Јордан...

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35 годишнината од независноста, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното...

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Почитувани граѓани, Пред  35 години го доживеавме нашиот трет Илинден, зората во која вековниот сон за слободна и независна македонска држава конечно стана реалност. Со историскиот референдум од 8 септември 1991 година, ние, македонските граѓани, го заокруживме делото...

Сиљановска-Давкова прими талентирани ученици кои изминатата учебна година учествуваа на меѓународни научни олимпијади и натпревари

Сиљановска-Давкова прими талентирани ученици кои изминатата учебна година учествуваа на меѓународни научни олимпијади и натпревари

По повод 8 септември, Денот на македонската независност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска се сретна со талентираните ученици од основните и средните училишта кои во изминатата учебна...

8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци

8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци

По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35-годишнината од неа, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на платото на Вила Водно се одржа панел-дискусија, насловена како  „8 Септември низ призма на негови непосредни...