Сиљановска-Давкова: ООН постои да гради мир не само меѓу нациите, туку и со природата

9 јуни 2025 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3) за поддршка на спроведувањето на целта 14 за одржлив развој ,,Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој”, што се одржува во Ница, Франција.

Во своето обраќање, таа го нагласи виталното значење на океанот како срце на глобалниот климатски систем којшто апсорбира четвртина од емисиите на CO2 и обезбедува половина од кислородот потребен на Земјата. Сиљановска-Давкова укажа дека со нашите неодржливи модели на производство и потрошувачка го нарушуваме океанскиот систем.

Таа посочи дека за да се справиме со кризата, потребен е ефикасен мултилатерализам со силни Обединети нации коишто постојат за да градат мир не само меѓу нациите, туку и со природата.

Според претседателката, ниту една земја, ниту еден континент не може самостојно да воспостави и одржи мир со природата. Таа рече дека симболична коинциденција е што склучувањето на ,,Договорот за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност” се случува во татковината на Мишел Сера, авторот на ,,Природниот договор” во којшто луѓето ги третираат Земјата и природата како ним рамноправни партнери.

Истакнувајќи ја македонската заложба за дијалог и силно меѓународно управување со океаните, таа потенцираше дека ја поздравуваме Декларацијата „Нашиот океан, нашата иднина: обединети за итна акција“ и изразуваме поддршка за имплементацијата на Целта за одржлив развој 14 и Акциониот план од Ница.

Како земја, дел од Медитеранот, еден од климатски најранливите региони во светот, даваме приоритет на интегрираното управување со водите. Таа оцени дека овој процес ќе биде многу поефикасен ако се деблокира нашето пристапување кон ЕУ.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Ваши Екселенции,
Дами и Господа,

Изразувам искрена благодарност до ко-претседавачите, претседателите на Франција и на Костарика, за организирањето на оваа Трета конференција на Обединетите нации за океанот.

Како член на едно општество, секој од нас е дел од она што Русо го нарече општествен договор. Сепак, се собравме тука, во Ница, како страни на еден друг договор, природниот договор на Мишел Сера, којшто ги обврзува луѓето да се однесуваат кон планетата како кон рамноправен партнер. И, се осмелувам да кажам, дека стоиме тука како пред суд, како виновници што го прекршиле тој природен договор.

Океанот е синото срце на нашата сина планета. Милијарди години, ова сино срце чука во ритам што го одржува животот на безброј видови, вклучувајќи го и нашиот. Како срце на глобалниот климатски систем, океанот апсорбира една четвртина од емисиите на CO2 и обезбедува половина од кислородот потребен на Земјата. Ја лади планетата со апсорбирање на 90% од топлината и ја регулира климата. Тоа е од суштинско значење за безбедноста на храната. Животот над морското ниво зависи од животот под морското ниво.

Сепак, со нашите неодржливи системи за производство и расипничките конзумеристички навики, го нарушуваме океанскиот систем. Доказите против нас се насекаде околу нас.

Океанот стана потопол и покисел. Неговите исконски струи се менуваат, правејќи го морето понепредвидливо. Неговите живописни корали се избелени, а богатите морски екосистеми уништени. Додадовме пестициди и пластика во синџирот на исхрана, нарушувајќи ги сложените биохемиски процеси кај живите организми.

Заслепени од краткорочната добивка, ја ризикуваме егзистенцијата на идните генерации. Помислете на растечките температури, на сè почестите екстремни временски настани и на микро-пластиката којашто завршува на нашите чинии.

За да се справиме со оваа криза, нам ни е потребен ефикасен мултилатерализам со силна Организација на Обединетите нации во неговата срж. ООН постои за градење на мир не само меѓу нациите, туку и со природата. Ниту една земја, ниту еден континент не може да го постигне ова самостојно. Тоа е заеднички напор на целото човештво, на сите нации, големи и мали, со и без излез на море. Особено на оние без излез на море, не само затоа што имаме законско право на пристап до море (според Конвенцијата на ОН за право на море), туку затоа што сме дел од истиот океански систем.

Екселенции,

Мојата земја се залага за силно меѓународно управување со океанот и дијалог. Ја поздравуваме декларацијата „Наш океан, наша иднина: обединети за итна акција“ и го поддржуваме спроведувањето на Целта бр. 14 за одржлив развој и Акцискиот план од Ница. Денес ќе го потпишам Договорот за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност во области надвор од националната јурисдикција. Исто така, го поддржуваме целосното спроведување на Глобалната рамка за биолошка разновидност Кунминг-Монтреал за запирање на губењето на биолошката разновидност. Ја поздравуваме амбициозната акција за заштита, зачувување, одржливо користење и обновување на океанот и неговите екосистеми во согласност со Пактот за иднината.

Како и да е, нашиот најголем придонес е поврзан со справувањето со климатските промени. Како потписник на Парискиот договор, се обврзавме значително да ги намалиме емисиите на стакленички гасови, да го забрзаме преминот кон економија со ниски јаглеродни емисии во енергетиката, транспортот, индустријата и земјоделството. Бидејќи сме во Медитеранот, еден од климатски најранливите региони во светот, даваме приоритет на прилагодувањето на нашите најранливи сектори, особено водните ресурси. Сепак, овој процес ќе биде многу поефикасен ако нашиот процес на пристапување во ЕУ се деблокира. Борејќи се против климатските промени, се бориме за океанот.

Нам ни е потребно она што Едгар Морин го нарече свест за земјата, длабока свест за нашата меѓусебна поврзаност како единствена планетарна заедница. Гледаме знаци за ова бидејќи младите генерации насекаде стануваат сè посвесни за кризата на океанот, вклучително и во мојата земја којашто нема излез на море. Неодамна, се сретнав со група млади, паметни македонски ученици коишто ќе учествуваат на Првиот предизвик „Лего лига“, поддржан од УНЕСКО, со иновативно решение за тоа како да се користи роботиката за чистење на океаните и хранење на китовите. Замислете, ученици од земја без излез на море се пасионирани за спасување на океанот.

Реков дека сме на суд. Дното на океанот е преполно со докази коишто ја докажуваат нашата вина. Идниот капетан Немо можеби ќе ги собере и ќе нè обвини за прекршување на природниот договор. Но, за да добиеме поповолна пресуда од идните генерации, треба да го замениме нарцисоидното огледало на Доријан Греј со огледало на природата. Како што легендата за океанографија Жак Кусто еднаш рекол „морето, големиот обединувач, е единствената надеж на човекот. Сега, како никогаш досега, старата фраза има буквално значење: сите сме во истиот чамец“. Одберете: „Титаник“ или „Ноевата арка“? Јас го избрав вториот. Тргнува од Ница.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба на Сиљановска-Давкова со словачката европратеничка Мириам Лексман

Средба на Сиљановска-Давкова со словачката европратеничка Мириам Лексман

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Мириам Лексман, пратеничка во Европскиот парламент од Словачка, од групата на Европската Народна Партија. На средбата се разговараше за европската интеграција на државата, при што...

Сиљановска-Давкова прими претставници на Државниот завод за ревизија

Сиљановска-Давкова прими претставници на Државниот завод за ревизија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Државниот завод за ревизија, предводени од помошничката на главниот државен ревизор, Катерина Чалоска Алексова, кои вршат ревизија на успешноста на тема „Жени лидери - жени во политиката,...

Средба со членови на спелеонуркачкиот клуб „Врело“

Средба со членови на спелеонуркачкиот клуб „Врело“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со членови на спелеонуркачкиот клуб „Врело“, на којашто се разговараше за значењето на истражувањето, заштитата и промоцијата на природните богатства како дел од националниот идентитет и наследство....

Средба со претставници на ИНОВА

Средба со претставници на ИНОВА

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Даниела Димовска, директорка на новоформираната Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА. Таа ја запозна со стратешките приоритети, проекти...

Средба на Сиљановска-Давкова со Зорица Митровиќ, претседателка на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија и Марјан Јованоски, секретар на Советот

Средба на Сиљановска-Давкова со Зорица Митровиќ, претседателка на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија и Марјан Јованоски, секретар на Советот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими Зорица Митровиќ, претседателка на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија и Марјан Јованоски, секретар на Советот, чија активна работа од 2004 година резултираше со впишување на...