Претседателот Пендаровски се обрати на одбележувањето на 25 годишнината од Хелсиншкиот комитет за човекови права

28 ноември 2019 | Обраќања, Соопштенија

Почитувани претставници на медиумите,
Драги гости,

Благодарам за поканата, чест ми е да се обратам денес по повод четврт век постоење на Хелсиншкиот Комитет за човекови права во нашата земја, организација, неспорен ветеран во заштитата и унапредување на човековите права.

Безмалку трите децении независност на нашата држава и долгата и мачна транзиција беа исполнети со политички кризи, социјална неправда, кревки меѓуетнички односи, политичка недоверба и нетрпеливост кон различните.

Во такви услови, веќе 25 години, Хелсиншкиот комитет за човекови права е конструктивен критичар на државата кој алармира за социјалните неправди, правните пропусти, политичките злоупотреби и другите општествени девијации. Вие активно се борите против предрасудите, против стереотипите, против дискриминацијата, корупцијата, омразата и против насилството во нашето општество.

Преку вашите механизми како бесплатната правна помош својата правда можеа да ја добијат семејства на лица со попреченост, самохрани мајки, жртви на семејно насилство, социјално обесправени граѓани. Вашата сигурна куќа им помага на членовите на ЛГБТИ заедницата кои се жртви на насилство. Со вашата гласност, посетите на затворите во земјата, извештаите за состојбата со човековите права, борбата против дискриминацијата, заштитата на бегалците и барателите на азил, што е само дел од вашата работа, вие ги направивте видливи граѓаните кои беа невидливи за институциите, секогаш ставајќи се на страната на послабите.

Работничките права, еднаквите можности на мажите и жените, родовата еднаквост, инклузијата на лицата со попреченост, правата и заштитата на ЛГБТИ заедницата, еднаквото право на социјална и здравствена заштита, образование, правично судење, говорот на омраза и делата направени од омраза – сите овие теми ќе беа на маргините на јавниот дискурс ако вие не алармиравте и ако упорно не барате почитување на човековите права и слободи за сите.

Драги пријатели,

Вие подобро од мене знаете дека работата е далеку од завршена. Човековите права и слободи се во опасност секогаш кога се земаат здраво за готово, како да се еднаш за секогаш стекнати и гарантирани. Секоја генерација мора одново и одново да ги потврдува за да може да ги ужива овие права. Речиси и да нема ден, а, да не дознаеме за прекршување на некое човеково право и ограничување на некоја човекова слобода. Семејното насилство, експлоатацијата на работниците, етикетирање на различните според нивната етничка, религиска припадност, сексуална ориентација или родов идентитет, жигосувањето на зависниците, за жал, се дел од нашето секојдневие. Ние не можеме да си дозволиме да бидеме рамнодушни на кршењето на човековите права и правото на човечко достоинство.

Почитувани присутни,

Битката за човековите права мора да продолжи, затоа што ниту едно човеково право не е право само за еден човек или само за една заедница. Слободата што ја имаме треба да ја користиме за да ја унапредуваме слободата на другите. Вистински слободно општество е она во кое правата на најмалата заедница се исто толку почитувани колку и правата на најголемата заедница.

Треба да бидеме активни! Борбата за човековите права и слободи не смее да биде ангажман на неколкумина интелектуалци и активисти, туку повик и должност на секој граѓанин, на секој човек.

Сите луѓе се раѓаме слободни и еднакви и затоа не треба да дозволиме посилните да имаат права над послабите. Да работиме заеднички за да го најдеме балансот меѓу јавната безбедност и индивидуалната слобода, да се запази универзалноста на човековите права без да се наруши различноста.

Постојано да ги препрочитуваме и да ги објаснуваме Универзалната декларација за човекови права, Меѓународната повелба за економски, социјални и културни права, Меѓународната повелба за граѓански и политички права и Европската конвенција за човекови права. Напредно европско општество е само она во кое се почитува и промовира богатството на различноста.

На таков начин, ќе направиме прогрес во два меѓусебно поврзани процеси: Првиот е граѓанското помирување кога сите кои живеат во оваа земја ќе се почитуваат меѓу себе и ќе бидат почитувани од институциите, не само на хартија, туку и во пракса. Наша клучна цел мора да биде општество ослободено од предрасуди во кое ќе има место за секого.

Вториот е европската интеграција. Во фундаментите на Европската Унија и на тн. европски начин на живот се заштитата на човековите права, демократијата и владеењето на правото.

Почитувани пријатели,

Вие во Хелсиншкиот комитет цели 25 години истрајувате во борбата за човековите права и слободи водени од увереноста во вредноста и неотуѓивото достоинство на секое човечко суштество. На тој пат јас сум со вас, без остаток.

Посакувам до следниот јубилеј да изградиме европско општество и европска држава на политички дијалог, на социјална правда, солидарност кон луѓето и заедниците на маргините, грижа за животната средина, каде што правилата важат за сите.

Ви честитам и ви благодарам!

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: Почитувани сограѓани, Нека ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Пред точно 79 години беше озаконета македонската азбука со што континуираниот развој на...

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Честитка од претседателот Пендаровски по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана...

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Стево Пендаровски денеска положи свежо цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, по повод 121-годишнината од неговата...

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите, ја упати следната порака: „Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество....

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

По повод 1 Мај, Денот на трудот, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: „Човечкиот е најскапоцениот ресурс за секоја држава. Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, е аларм за сите нас дека...