Претседателот Пендаровски ја врачи Големата годишна награда за најуспешно архитектонско дело во 2019 година

26 декември 2019 | Обраќања, Соопштенија

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, вечерва ја врачи Големата годишна награда за архитектура во 2019 година за основното училиште „Киро Глигоров“ на Бесиан Мехмети, Стефан Атанасоски, Никола Кунгуловски и Арменд Хебипи. Големата годишна награда ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а претседателот Пендаровски е покровител на манифестацијата.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна дека секое архитектонско дело, меѓу другото, е резултат на низа компромиси, независно дали се буџетски, просторни, временски. „Но, убеден сум дека најголемиот компромис што мора да научиме да го правиме, е компромисот во полза на здравата животна средина и хуманиот простор. Ако сакаме градбите од нашата генерација да го издржат тестот на времето, тие мора во себе да ја вградат солидарноста кон луѓето и одржливоста кон природата“, рече претседателот Пендаровски. Тој во обраќањето потсети на скорешното крајно негативно искуство кога политичарите беа архитекти, а архитектите само извршители на нивните замисли и упати порака до архитектите – „Сакам да апелирам до сите вас, и сега и во иднина, никогаш да не правите компромиси со вашиот личен и професионален интегритет и наместо правилата и етиката на вашата професија да го следите диктатот на политиката“, порача претседателот Пендаровски.

Во продолжение е интегралното обраќање на Претседателот.

Почитувани членови на Асоцијацијата на архитекти на Македонија,

Голема чест ми е да бидам покровител на доделувањето на Големата годишна награда за архитектура. Според мене, и комисијата што го прави изборот, но, и воопшто Асоцијацијата на Архитекти на Македонија има многу важна мисија, а тоа не е само да го вреднувате трудот на вашите колеги, туку низ тој чин, и низ многу други всушност, да понудите визија за развојот на македонската архитектура. Ќе ми дозволите, со помош на една куса историска епизода поврзана со вашата професија, на која наидов неодамна, да објаснам што сакам да кажам.

Пред околу 150 години, група инвеститори во Брадфорд решиле да изградат нова берзанска зграда. Но, имале вообичаен проблем, секој од нив имал различен вкус и претпочитал различен архитектонски стил од минатото. Побарале експертска помош од познатиот британски критичар на уметноста Џон Раскин од кого очекувале да им посочи кој од старите архитектонски стилови е најсоодветен за новата берзанска зграда. Раскин, кој верувал дека добрата архитектура е израз на поднебјето и карактерот на народот, им дал три совети.

Прво, наспроти популарната теза дека за вкусовите не се разговара, Раскин тврди дека вкусот е израз на вредностите, а за нив не може а да не се разговара. Градбите што ги обликуваме, подоцна нè обликуваат нас, нашите погледи, навики и животи. Второ, архитектурата наместо симболично да ги утврдува, треба да ги деконструира социјалните и други разлики со тоа што ќе биде пристапна за секој човек. Трето, Раскин вели дека наместо анахрона, секоја нова градба треба да биде во духот на времето во кое се гради, ако не и пред тоа време.

Почитувани,

Ако сакаме да имаме хуман, квалитетен животен простор во Скопје, и воопшто во секој град и населено место во Северна Македонија, ние треба да започнеме со прашањето: кој е духот на нашето време?

По катастрофалниот земјотрес Скопје беше изградено во модерен стил, во солидарен дух. Солидарноста како принцип, ги руши бариерите и ја прави градбата пристапна за што повеќе луѓе, вклучително и за лица со физички хендикеп.

Ако ги следиме различните концепти што доминантно ќе влијаат на архитектурата во наредните децении, толкувани според авторитетите од вашата професија, ќе видиме дека сите тие имаат еден заеднички содржател, а, тоа е одржливоста, разбрана како енергетска ефикасност и еколошка одговорност на градбите.

Јасно е дека секое архитектонско дело, меѓу другото, е резултат на низа компромиси, независно дали се буџетски, просторни, временски. Но, убеден сум дека најголемиот компромис што мора да научиме да го правиме е компромисот во полза на здравата животна средина и хуманиот простор. Ако сакаме градбите од нашата генерација да го издржат тестот на времето, тие мора во себе да ја вградат солидарноста кон луѓето и одржливоста кон природата.

Меѓутоа, има и компромиси кои не треба да ги правите. Сакам да апелирам до сите вас, и сега и во иднина, никогаш да не правите компромиси со вашиот личен и професионален интегритет и наместо правилата и етиката на вашата професија да го следите диктатот на политиката. Во таа смисла, скорешното крајно негативно искуство кога политичарите беа архитекти, а архитектите само извршители на нивните замисли, треба да ни биде доволна поука.

Со оваа мисла, на самиот крај дозволете да го прогласам победникот на Големата годишна награда за архитектура.

Најуспешно реализирано архитектонско дело во 2019 година е основното училиште “Киро Глигоров” на Бесиан Мехмети, Стефан Атанасоски, Никола Кунгуловски и Арменд Хебипи.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...