Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам, упати честитка до граѓаните со исламска вероисповед во Република Северна Македонија.

Во пресрет на празникот кој го потенцира дарувањето и солидарноста, посакувам и годинава Курбан бајрам да го поминеме во здравје, благосостојба и хармонија, помагајќи им на сите на кои им е потребна помош, поткрепа и безусловна љубов.

Дозволете да ја искористам оваа можност да Ве повикам и понатаму посветено да работиме на разбирањето и меѓусебното почитување без разлика на верска, етничка или која било друга припадност. Верувам дека со заеднички усилби конечно ќе изградиме едно општество во кое секој ќе се чувствува рамноправен и слободен.

Претседателот Пендаровски, по повод Курбан бајрам, упати честитка и до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Северна Македонија, Реис–ул–улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи.

Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник Курбан бајрам.

Посакувам Исламската верска заедница и понатаму посветено да ја извршува својата мисија грижејќи се подеднакво за сите свои верници и да придонесува за развиена, просперитетна и демократска Република Северна Македонија.

Честит Курбан бајрам!