Претседателот Пендаровски на средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск

12 јуни 2019 | Обраќања

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Брисел оствари билатерална средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Претседателот Пендаровски  се заблагодари на огромната и безрезервна поддршка на претседателот на Европскиот совет и неговите лични заложби и напори за добивање на датум за почеток на преговорите за Северна Македонија.

Двајцата соговорници се согласија дека во изминатите две години, државата донесе тешки и храбри одлуки за многу чувствителни прашања и покажа како можат да се решат отворените прашања во регионот во духот на добрососедството.

Претседателот Пендаровски истакна дека  Северна Македонија презеде одлучни чекори и во исполнување на реформската агенда со што ја покажа својата посветеност на евроатлантските процеси.

На прес конференцијата во својата изјава, претседателот на Европскиот совет Туск рече дека договорите што ги постигна Северна Македонија со Бугарија и со Грција се историски и можат да бидат пример во регионот. Туск посочи дека државата направила се што треба и се што се очекувало од неа, и, местото на Република Северна Македонија е во Европската унија.

Претседателот Пендаровски  изјави дека во јуни Европската Унија има историска можност да покаже лидерство и визија за иднината на нашиот регион со тоа што ќе и додели датум за преговори на Северна Македонија. Граѓаните на Северна Македонија не бараат незаслужена награда, туку заслужена шанса за изградба на  европска држава со праведно, хумано и напредно општество.

Почитувани, подолу е интегралната изјава на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на заедничката прес конференција со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Почитувани претставници на медиумите,

Мојата прва меѓународна посета како Претседател на Република Северна Македонија се разбира дека има голема симболика и не е случајно одбран токму Брисел. Најмногу затоа што Европската Унија и НАТО е изборот кој го направија огромното мнозинство наши граѓани.

Во оваа прилика сакам да се заблагодарам за силната поддршка и посветеност на претседателот на Европскиот совет г. Доналд Туск и неговите лични заложби и напори за добивање на датум за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската унија.

Господине Туск, во името на сите граѓани на Северна Македонија ви благодарам.

Почитувани,

Пред само две недели го добивме најдобриот, најпозитивниот Извештај од Европската комисија за напредокот на нашата земја. Не само што добивме чиста и безусловна препорака за отпочнување на пристапните преговори, туку бевме посочени и како светол пример на Западниот Балкан.

Станавме позитивен пример на Балканот преку интензивен дипломатски ангажман со кој успеавме да решиме децениски прашања. Донесовме храбри и тешки одлуки за многу чувствителни прашања за моите сограѓани, одлуки со цел да ја отстраниме најголемата пречка во процесот на нашето зачленување и во Европската унија и во НАТО Алијансата.

Потпишувајќи ги Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Преспанската спогодба со Грција се ослободивме од товарот од минатото. Северна Македонија е единствена држава во регионот што веќе нема отворени прашања со своите соседи. Северна Македонија редовно испорачува добри вести во регионот во изминативе две години.

Покрај решавањето на прашањата со соседите, спроведуваме суштински и темелни реформи во многу клучни области. Ја усогласуваме нашата внатрешна и надворешна и безбедносна политика со политиката на Европската унија.

Свесни сме дека се потребни уште реформи и се согласувам дека имаме слабости и дека ни претстои уште многу работа. Но, морам да истакнам една балканска политичка реалност – ние сме најефикасни тогаш кога имаме пред нас конкретни задачи. А, преговорите за членство се најдобрата реформска алатка.

Почитувани,

На крајот сакам да ве потсетам на 2016-та и улогата на мојата држава во справувањето со мигрантската и бегалската криза. Тогаш застанавме на браникот на безбедноста на Европа и заедно со успешната мисија на Фронтекс, покажавме дека сме цврсти европски партнери.

Овој јуни Европската Унија има историска можност да покаже лидерство и визија за иднината на целиот наш регион со тоа што ќе и додели датум за преговори на Северна Македонија. Нашите граѓани не бараат незаслужена награда, туку заслужена шанса за да изградиме европска држава со праведно, хумано и напредно општество.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...