Стево Пендаровски е петтиот Претседател на Република Северна Македонија

Права и должности

Претседателот на Република Северна Македонија ја претставува Републиката и е врховен командант на вооружените сили.

Своите права и должности Претседателот на Републиката ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање и со мандат од пет години.

Пред преземањето на должноста, претседателот на Републиката дава свечена изјава пред Собранието со која се обврзува на почитување на Уставот и законите на државата.

Претседателот на Република Северна Македонија:

  • го врачува мандатот за состав на Владата на Република Северна Македонија;
  • ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и специјалните пратеници на Република Северна Македонија во странство;
  • ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници;
  • предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија;
  • предлага двајца членови на Судскиот совет;
  • именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Северна Македонија;
  • именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;
  • доделува одликувања и признанија во согласност со закон;
  • дава помилување во согласност со закон и врши други функции утврдени со Уставот.
  • Претседателот на Републиката го известува Собранието за прашања од неговатанадлежност најмалку еднаш годишно.

Претседателот на Републиката го потпишува указот за прогласување на законите со претседателот на Собранието.

Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во рамки на надлежностите на Претседателот на Републиката го предлага гувернерот на Народна банка на Република Северна Македонија, кој потоа го именува Собранието. Претседателот на Република Северна Македонија го именува и разрешува директорот на Агенцијата за разузнавање. Претседателот на Република Северна Македонија го поставува и разрешува Началникот на Генералштабот на Армијата.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
Република Северна Македонија

Улица „Ацо Караманов“ 33А, 
Скопје, Република Северна Македонија

Социјални медиуми