Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на свеченоста по повод 75-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

21 мај 2024 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на свечената академија по повод 75-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и одбележувањето на патрониот ден на Универзитетот.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.

Почитувана ректорке на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,
Ценети проректори, декани, професори,
Драги студенти,
Почитувани колеги,

Чест ми е што ова е едно од моите први обраќања по преземањето на претседателската функција. Се разбира моето место беше и остана меѓу вас. Овој универзитет е изворот на моето знаење, инспирација и мотивација. 75 години потоа мислам дека е време кога можеме да кажеме дека мудроста е со нас. Стекнував знаење од постарите почитувани професори и под нивното менторство како Телемах го засакав правото. Не само правото, туку и правдата. И ден денеска црпам инспирација од ценетите колешки и колеги со кои продолжив да соработувам. Се разбира, образованието беше и останува мојот дом. Најважно од сè, УКИМ е и ќе остане изворот на мотивацијата и на инспирацијата на нови генерации студенти.

Одбележуваме 75 години од формирањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а прославуваме и 80 години асномска Македонија. Се разбира, од црковно-училишните општини до денеска учителите имале важно место во историјата на оваа држава. УКИМ е сраснат, УКИМ е во хармонија со македонската држава. Универзитетот беше и остана alma mater на генерации, генерации кои станаа со знаењето потолерантни, станаа компетитивни, оставија траги овде, а оставаат траги и по светот. Она што е економијата, науката, технологијата, културата и уметноста во голем степен е заслуга на вас. УКИМ не е оаза. УКИМ соработува и тоа плодно со бројни високообразовни институции и установи ширум Европа и светот, УКИМ овозможува да бидеме дел од единствениот образовен простор, од морето на знаење, да ги продлабочуваме знаењата и вештините на европските универзитети и посакувам студентите да се вратат овде и знаењето да го стават во функција на државата.

Судбина на нашата држава е да биде тесно поврзана со најстариот универзитет, со УКИМ. И обратно. УКИМ секогаш ги чувствува предизвиците низ кои минува нашата држава и се уште минува.

Почитувани присутни,

Веќе неколку години по ред, УКИМ е меѓу најдобрите 2.000 светски универзитети. Но беше и многу повисоко. Не можам, а да не кажам дека да се биде меѓу двеилјадитите е охрабрувачки, меѓутоа ако фрлиме поглед на регионалниот и европскиот контекст, ќе видиме дека состојбата не е многу сјајна. Затоа јас посакувам УКИМ да не биде само единствениот македонски универзитет на оваа ранг-листа, туку да се качи погоре на Шангајската листа.

Оваа состојба ме тера да се запрашам: Дали најстариот и најголемиот универзитет, чии кадри ја градеа оваа држава и се вградија во неа, има шанса да се качува погоре? Сигурна сум. Одговорна држава ќе вложи во образованието и во науката. Во образованието, науката и културата нема мали и големи држави. Да не си го дозволиме луксузот да бидеме на крајот од оваа листа. Мислам дека оваа дилема ја поставувам не само како претседателка, туку како професорка која не може да живее без образованието и науката, без правото и без правдата.

Причините за ваквите состојби се многу. Меѓутоа, мислам дека ни се потребни вистински реформи. Реформи што нема да завршат како слепи улици. Уште еднаш повторувам – одговорна власт ќе сфати дека нема подобра инвестиција од онаа во образованието и истражувањето. Развојот се темели и ќе остане да се темели на доброто образование. Јазот помеѓу образовните профили и реалните потреби на пазарот на трудот јасно ни е дека се зголемуваше. Некои научни области и многу од нив останаа запоставени. Но, треба да им обрнеме внимание.

За да ја смениме состојбата во којашто сме, треба да му обрнеме внимание на севкупното високо образование, да постигнеме добро обмислени и суштински реформи, како што нашите праучители тоа го правеа. Ние сме горди на нив, заслужуваме и ние, студентите да бидат горди на нас.

Потребно ни е да ја одбраниме слободата. Слобода нема без критичка мисла. Образованието е каналот, образованието е институцијата, образованието е домот во којшто идеалите ќе ги пренесуваме од една генерација на друга. Сите велиме дека училиштето и универзитетот се бедем на слободата и независноста. Нашите современи херои, вашите современи херои, драги студентки и студенти, треба да бидат учителите, наставниците, професорите. Тие имаат одговорност да создаваат генерации што ќе поставуваат прашања што ќе бидат критички, што ќе не критикуваат, што ќе бидат подобри од нас. А ние, заедно со нив, ќе нудиме одговори и решенија за предизвиците што ги носи иднината. Иднината, веќе ни се случува, таа е пред нашите очи.

Почитувани присутни,

Дигиталната трансформација која беше зачната на некои од врвните универзитети, ги трансформира сите универзитети, и нашите. На врвот на Шангајската, па и на секоја друга ранг-листа ќе опстанат оние универзитети што најбрзо и најдобро ќе се приспособат на дигиталната доба.

Затоа, државата мора да усвои сеопфатен пристап кон дигиталната трансформација, преку имплементација на прецизна национална дигитална стратегија, се разбира, во согласност со дигиталната агенда на Европската Унија и со Целите за одржлив развој на Обединетите Нации. Нам ни треба дигитална писменост. Мора да ги подобриме вештините на граѓаните, мора да инвестираме во надградбата на дигиталната инфраструктура, мора да го развиваме иновативниот и претприемачкиот екосистем.

Образованието беше, е и мора да остане врвен приоритет на македонската држава. Во Европската Унија и во светот ќе нѐ почитуваат ако развиваме квалитетно, компетитивно образование и наука, ако ги негуваме, ако ги наградуваме најдобрите. Образованието мора да го осовремениме, мораме да го приспособиме на светските текови, мора да го димензионираме во согласност со реалните потреби на пазарот на трудот. Мора да зајакне врската меѓу образовните институции и компаниите. Мора да вложуваме во истражувањето и во развојот. Така ќе ја намалиме невработеноста, така ќе го запреме егзодусот на најумните, најпотребните.

Драги пријателки и пријатели,

Како ваша колешка свесна сум дека реформите бараат големи вложувања, бараат пожртвуваност, каква што впрочем демонстрираа патроните на нашиот универзитет – сесловенските и македонски просветители и светители, браќата Кирил и Методиј.

Историчарите се согласни дека солунските браќа имале јасни инструкции од Византиската држава да ги описменат словенските народи за истите да не подпаднат под влијанието. Со други зборови, ако во Византиската држава, образованието било средство за ширење на политичкото влијание ние знаеме дека писменоста, образованието ниту е, ниту смее да биде средство за политички цели. Образованието е највисока цел. За оваа цел, мора да бидеме свесни и веднаш да се зафатиме со нејзино остварување.

Реков дека е ова мое прво обраќање. Мојата прва посета во странство ќе биде поврзана со делото на Св. Кирил и Методиј. За три дена ќе ја имам честа да се поклонам пред гробот на Константин Филозоф – Кирил во базиликата Сан Клементе во Рим. Ако сакаме да бидеме доследни наследници на неговото дело, мора пожртвувано да го издигнеме македонското високо образование и да ја обезбедиме иднината на генерациите по нас.

Нека ни е честит големиот јубилеј и нека ни е вековен претстојниот празник на сесловенските просветители.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш кој престојува во официјална посета на нашата држава. На средбата се разговараше за зајакнување на повеќедецениските билатерални односи,...

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод одбележувањето на 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик. Почитувани сограѓани Турци, Во богатото ткаење на нашата татковина, турската заедница е сјајна нишка која го облагородува мозаикот на...

Претседателката Сиљановска-Давкова го прими заменик-претседателот на ТИКА, Махмут Чевик

Претседателката Сиљановска-Давкова го прими заменик-претседателот на ТИКА, Махмут Чевик

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими заменик-претседателот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Махмут Чевик. На средбата се разговараше за работата на агенцијата во нашата држава, при што...

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова прими новинарска делегација од Турција

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова прими новинарска делегација од Турција

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими новинарскa делегација од Република Турција, членови на Глобалниот совет на новинари, кои престојуваат во земјава по повод 21 декември, Денот на наставата на турскиот јазик. ...

Генералниот секретар на Кабинетот на Претседателот, Ѓорги Божинов и британскиот амбасадор, Метју Лосон потпишаа меморандум за соработка

Генералниот секретар на Кабинетот на Претседателот, Ѓорги Божинов и британскиот амбасадор, Метју Лосон потпишаа меморандум за соработка

Во Кабинетот на Претседателот денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, претставувана од Министерството за надворешни работи, Комонвелт и развој (FCDO), застапувано од Амбасадорот на ОК во...